Најмалите играорци од велешкиот ансамбл „Керамичар“ настапија на фестивал во Турција
- Најмладите членови од ансамблот „Керамичар“ од Велес настапија на Меѓународниот фолклорен фестивал на детето „Сакарија“ во Турција кој се одржа од 21 до 25 април.

Велес, 26 април 2025 (МИА) - Најмладите членови од ансамблот „Керамичар“ од Велес настапија на Меѓународниот фолклорен фестивал на детето „Сакарија“ во Турција кој се одржа од 21 до 25 април.
Претседателот на „Кермичар“, Томе Јаневски, за МИА изјави дека на фестивалот, на кој настапиле фолклорни друштва од повеќе земји, најмалите членови на нивниот ансамбл ја одушевиле публиката, освоиле медали за кореографија и сценски настап и добиле дипломи за учество.
Велешките фолклористи имале пет настапи, меѓу кои и на завршниот гала концерт во Конгресната сала на Универзитетскиот центар Сердиван. Се претставиле со кореографиите: „Доце Доце“, „Сретсело“ ,„Поречки игри“ , „Мариовски тресенија“ , „Овчеполка“ и „Прилепски игри“, облечени во пет различни традиционални македонски носии од повеќе краеви во земјава.
-За секој настап беа наградени со долги и силни аплаузи од гостипримливите домаќини и бројната публиката. Во најдобро светло го претставувме македонскиот фолклор и традиција, а со тоа бевме и вистински амбасадори на Македонија. Младите фолклористи стекнаа многу нови другарчиња. За време на престојот на фестивалот беа сместени кај семејства на свои врсници и со нив и нивните семејства шетаа во повеќе области и запознаа повеќе знаменитости на Република Турција. Децата уживаа и беа презадоволни и среќни, истакна Јаневски.
Најмладите играорци од Велес по враќањето од Турција ќе се подготвуваат за нови настапи и гостувања - на 15 мај во Босилово, Струмичко, а потоа во Бугарија.
Ансамблот „Керамичар“ е еден од најстарите во Велес и во државава - минатата година прослави јубилеј 70 години успешна работа. Досега има освоено голем број домашни и меѓународни награди, медали и признанија. ад/ хс/
Фото: Ансамбл „Керамичар“