• четврток, 19 декември 2024

Најавена донација од 11.000 вакцини против Ковид-19 во наредните 10 дена

Најавена донација од 11.000 вакцини против Ковид-19 во наредните 10 дена

Скопје, 26 август 2024 (МИА) - Министерот за здравство Арбен Таравари најави донација од 11 илјади вакцини против Ковид-19, изразувајќи надеж дека ќе пристигнат следните 10 дена.

- За другите вакцини со Европската комисија се води набавка за сите држави во Европската Унија и Македонија е во тој пакет. Колку што имам информации, тој е во финална фаза и наскоро ќе бидат снабдени сите европски држави, па и Македонија, со вакцини за инфлуенца и за ковид, одговори министерот на новинарско прашање.

Тој одговараше на новинарски прашања, по увидот во градежните работи на првиот социјален клуб за адолесценти и возрасни со аутистичен спектар, заедно со бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Прашан до каде се процедурите за штипската и кичевската болница, тој рече дека се подготвува документација.

- Ние моментално во проектната единица на Министерството за здравство, подготвуваме документација. Се прави пресек до каде се болниците во Кичево и во Штип за да што поскоро можеме да објавиме набавка со што ќе побараме паралелно да се изведуваат сите понатамошни работи во штипската и во кичевската болница. Јас се надевам и сум сигурен дека првпат идната година ќе започнат две болници да се градат во исто време и максимум за две години откако ќе заврши изградбата, ќе бидат пуштени во употреба. Дозволете ми, јас се надевам дека октомври - ноември ќе излеземе со дефинитивен пресек што треба и каква објава ќе направиме за да се пријават сите тие кои се заинтересирани за да ги изградат овие две болници, појасни Таравари.

Тој информираше дека го посетил акцелераторот во Битола и тој функционира.

- За акцелераторите, во Битола бев, го посетив и функционира. За штипскиот се уште чекаме информации. Меѓутоа, од тоа што добивам недефинитивни информации, е дека тој акцелератор тешко ќе можеме да го користиме понатаму, соопшти Таравари. бд/са/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан