• недела, 22 декември 2024

Саем на книгата под слоганот „Приказна се чита“

Саем на книгата под слоганот „Приказна се чита“

Скопје, 18 април 2024 (МИА) - Во арената „Борис Трајковски“ во Скопје денеска ќе биде отворено 36. издание на Саемот на книга, кој во седумте саемски дена ќе понуди богата програма со повеќе од 30 промотивни настани и дружби со автори. Посетителите ќе можат да си одберат книги од разновидната понуда на домашни и странски автори од преку 60 издавачки куќи од земјава и регионот.

На официјалното отворање на Саемот на книга обраќање ќе има министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, а покрај претставниците на издавачките куќи на отворањето ќе присуствува и германската амбасадорка Петра Дрекслер.

Слоганот на манифестацијата е „Приказна се чита“, со цел да го доближи саемот до помладата популација, а покрај едукативно-културниот аспект, годинава се воведува и општествено одговорна компонента.

Со секоја купена редовна влезница ќе се донираат 15 денари за СОС детско село. Исто така, по повод 23 април - Светскиот ден на книгата, во СОС детско село и ДУЦОР „Партенија Зографски“ од Скопје - средно училиште за ученици со оштетен слух ќе бидат донирани по 100 книги и бесплатни годишни претплати од Boksy - изложувач на саемот, за година онлајн читање на книги.

Годинава во рамки на Саемот е востанопвување на Фелоушип програма, по примерот на сите поголеми светски саеми. Од Македонска асоцијација на издавачи (МАИ), информираа дека по отворениот повик, комисијата што ја формирале за оваа намена, избра пет учесници на Фелоушип-програмата: Флоранс Жири („Агенција „Флоранс Жири“, Франција), Петра Кавчич (издавачка куќа „Белетрина“, Словенија), Јанис Краниас (издавачка куќа „Ентипоис публикејшенс“, Грција), Ена Хасечиќ (издавачка куќа „Бајбук“, БИХ), Мирослава Уљаревиќ (издавачка куќа „Ободско слово“, Црна Гора).

Фелоушип-програмата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а нејзината цел е да ги запознае издавачите и книжевните агенти со домашното издаваштво, со трендовите во современата македонска книжевност, со нашите најистакнати писатели и да им „открие“ дела што можат да ги внесат во својата издавачка програма.

Годинава се воведува и нов концепт на поставка на штандовите, за подобра видливост на сите изложувачи и издавачи, а помалите издавачи во однос на квадратурата ќе бидат визуелно подостапни до публиката.

Промоциите и дружбите со автори ќе се случуваат во промотивниот центар како главна бина, во текот на седумте саемски денови. Во рамки на саемот ќе биде доделена наградите од Асоцијацијата на издавачи.

Годинава фокусот ќе биде и на детската програма, во која е предвиден посебен дел со маскоти, што ќе се одржува во викенд деновите на Саемот. 

Саемот на книга ќе биде отворен за посетители од 18 до 24 април, секој ден помеѓу 10:00 и 20:00 часот, освен на денот на затворањето кога ќе работи до 18:00 часот.

Покровител на Саем на книга традиционално е Министерството за култура на РСМ. вг/лв/

Фото: Постер

Остани поврзан