• четврток, 21 ноември 2024

Џафери на Инвестициски самит за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој

Џафери на Инвестициски самит за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој

Скопје, 26 февруари 2024 (МИА) - Претседателот на техничката Влада Талат Џафери, денеска ќе учествува на Инвестицискиот самит за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој, што ќе се одржи во седиштето на Банката во Лондон, Велика Британија.

Како што соопшти владината прес-служба, Џафери ќе биде придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерот за финансии, Фатмир Бесими.
 
За време на Самитот, техничкиот премиер Џафери ќе присуствува на централниот и придружен настан, а ќе оствари и билатерална средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо.

Од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) наведуваат дека настанот кој се одржува на секои две години, ќе ги собере шесте премиери од Западен Балкан, како и меѓународни инвеститори, со цел да се истакнат потенцијалните можности за инвестирање и бизнис во регионот и да се промовираат регионални прекугранични проекти.

-Традиционалниот белег на самитот е Интерактивната сесија на премиери, на која регионалните лидери и претседателот на ЕБОР пред публиката ќе ја споделат нивната севкупна визија за регионот. На сесијата ќе има продолжени прашања и одговори со меѓународните инвеститори, стои во соопштението од ЕБОР.

Со оглед дека промовирањето зелена транзиција е клучниот приоритет на Банката во регионот, ќе се одржи посебен панел за зелена енергија во Западен Балкан, кој ќе ги собере инвеститорите и клучните креатори на политики на министерско ниво на дискусија за максимизирање на мобилизацијата на приватниот капитал за да се забрза декарбонизација на регионот.

Ова е шести самит на ЕБОР од ваков вид. Воведниот самит за Западен Балкан се одржа во ЕБОР пред десет години, во февруари 2014 година, на кој по прв пат се собраа сите шефови на влади во регионот.

Западен Балкан е приоритетен регион за ЕБОР кој ги вклучува Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. ЕБОР, се посочува, е еден од најголемите институционални инвеститори во регионот, во кој досега има инвестирано повеќе од 18 милијарди евра. вг/са/

Фото: Принтскрин/ЕБОР

Остани поврзан