Утре почнува „ОКТОБАРФЕСТ“ во Ѓорче Петров
- Во рамки на Културното лето во Ѓорче Петров утре почнува тридневниот фестивал на пивото „ОКТОБАРФЕСТ“.
Скопје, 16 септември 2025 (МИА) - Со настап на македонски фолк ѕвезди кои ќе изведат песни од фестивалот „Гоце фест“, вечер продолжува Културното лето во Ѓорче Петров. Концертот е закажан за 19 часот, а ќе се одржи на платото на корзото до маркетот „Тинекс“.
Утре, како што информира Општина Ѓорче Петров, почнува тридневниот фестивал на пивото „ОКТОБАРФЕСТ“ во реонскиот парк на Ѓорче Петров. Од 18.30 часот програмата ќе ја отворат членките на женскиот хор „Фрида“, под водство на познатата пејачка и ТВ водителка, Сузана Турунџиева, од 19 часот е настапот на „Контра план“, додека од 20 часот концерт ќе одржи мегапопуларното дуо „Куку леле“. Вечерта ќе ја затвори ДЈ Александар Јордановски со својот ДЈ сет, од 21.30 часот.
Во петок, на 19 септември, од 19 часот ќе настапи македонскиот поп пејач Даниел Дан, а по него, од 20 часот членовите на проектот „Пауза за ракија“. За крај на вечерта, од 21.30 часот е предвиден концертот на македонската рокерка Дани Димитровска.
На 20 септември, во сабота, програмата почнува точно напладне, во 12 часот, со гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска и проектот „Да ни биде животот песна“. Квартетот ќе свири класична музика за деца, а потоа, од 13 часот, следува детската интерактивна претстава со „Фамилија Металковци“. мч/бак/
фото: Општина Ѓорче Петров