• понеделник, 22 април 2024

Собраниската дебата за реконструкција на Владата продолжува наредната седмица

Собраниската дебата за реконструкција на Владата продолжува наредната седмица

Скопје, 25 февруари 2023 (МИА) – Собраниската расправа по Предлогот за избор на нови членови на Владата, во рамки на 104-тата седница, ќе продолжи в понеделник напладне. Дебатата по оваа точка од дневниот ред почна во четвртокот откако истиот ден, по десетина дена расправа, на предлог на Владата беа разрешени тројцата министри од Алтернатива – за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и за дијаспора Џемаил Чупи.

Пратениците задутре треба да ја продолжат дискусијата за новите предлози за министри: тројца од Алијанса за Албанците – Кренар Лога за ресорот правда, Фатмир Меџити за здравство и Азир Алиу за информатичко општество и администрација, и за Каја Шукова од СДСМ која е  предложена за министер за животна средина и просторно планирање.

Оставките на министрите за правда и за животна средина, Никола Тупанчевски и Насер Нуредини, Собранието веќе ги констатираше на претходна седница, како и на заменик-министрите за правда и за здравство, Агим Нухиу и Владимир Рендевски.

Сто и четвртата собраниска седница почна на 13 февруари откако претходниот ден премиерот Димитар Ковачевски во Собранието го прати Предлогот за реконструкција на Владата со новите предлози за министри, а Алтернатива истиот ден на партиско собрание одлучи да ја напушти владината коалиција во која учествуваше повеќе од една година. 

Премиерот Ковачевски во експозето истакна дека одлуката за реконструкција на Владата е затоа што на државата и треба стабилно мнозинство кое ќе овозможи напредок и развој. За Алијанса за Албанците, пак, која во Парламентот има осум пратеници, влезот во владејачката коалиција е заради европската иднина на државата.

Опозициските пратеници во своите говори во изминатите денови критикуваа дека не се работи за програми и принципи, туку за пазарење, а реконструкцијата ја сметаат за „лош потег за да ја одржи во живот оваа Влада уште неколку месеци“.

Реагираа и дека од премиерот Ковачевски не слушнале аргументи за новите министри од Алијанса за Албанците, исто како што не понудил аргументи за причините за разрешувањето на министрите од партијата Алтернатива.

Кога ќе биде изгласан Предлогот за избор на членови на Владата, следни точки од дневниот ред на 104-тата седница се Предлогот за разрешување заменици министри и Предлогот за именување заменици министри. хс/лв/

 

Остани поврзан