Регионална конференција „Унапредување на родовата еднаквост во парламентите“
- Во Скопје денеска ќе се одржи регионална конференција „Унапредување на родовата еднаквост во парламентите“, организирана од Клубот на пратенички на Собранието на Република Северна Македонија, а во соработка со Мисијата на ОБСЕ.
Скопје, 23 јуни 2023 (МИА) - Во Скопје денеска ќе се одржи регионална конференција „Унапредување на родовата еднаквост во парламентите“, организирана од Клубот на пратенички на Собранието на Република Северна Македонија, во соработка со Мисијата на ОБСЕ.
Како што најавуваат од Собранието, конференцијата ќе ја отворат претседателот на Собранието, Талат Џафери и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал. Пратеници и пратенички од регионот на Југоисточна Европа, претставници на меѓународни организации, граѓански организации и независни експерти ќе бидат дел од оваа регионална конференција.
Во фокусот на конференцијата ќе бидат неколку теми од клучно значење за унапредување на родовата еднаквост, вклучувајќи ги досегашните успеси и предизвиците со кои се соочуваат клубовите на пратенички во регионот и комисиите за еднакви можности на жените и мажите, следењето на спроведувањето на законите за еднакви можности, родовата сензитивност на законодавните домови, како и вклучувањето на мажи пратеници во напорите за унапредување на родовата еднаквост.
Северна Македонија е домаќин на регионалната конференција на жени парламентарки, која традиционално се одржува во државите од регионот со поддршка на теренските операции на ОБСЕ.
Истовремено, оваа конференција е една од активностите од акцискиот план на Клубот на пратенички на Собранието, во рамки на одбележувањето на 20 години од формирањето на Клубот на пратенички.бт/бак/
Фото: МИА архива