• вторник, 05 ноември 2024

Промоција на првата европска брошура за ендометријален карцином

Промоција на првата европска брошура за ендометријален карцином

Скопје, 28 јуни 2024 (МИА) - Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство од Скопје и Здружението за помош и поддршка на пациенти со гинеколошки заболувања Фемина М I Femina M , во рамки на одбележувањето на месецот за подигнување на свеста за ендометријален карцином (рак на ендометриум на матката), денеска на прес - конференција ќе ја промовираат првата европска брошура за ендометријален карцином.

Брошурата е наменета за жени со ендометријален карцином, базирана на најновите научни сознанија и добрата клиничка пракса. Изработена е од страна на Европската мрежа на претставници на пациенти со гинеколошки малигни заболувања ESGO ENGAGE Homepage - ENGAGeO ENGAGeO ENGAGeO (esgo.org), преведена на македонски јазик и ревидирана од страна на проф. д-р Игор Алулоски.

Брошурата во печатена форма ќе биде достапна од 1 јули годинава за пациентите на ЈЗУ УК за Гинекологија и акушерство и на ЈЗУ УК за Радиотерапија и Онкологија во Скопје.

На прес - конференцијата, што ќе се одржи во амфитеатарот на УК за гинекологија и акушерство во Скопје, ќе се обратат медицинскиот директор на оваа клиника, проф. д-р Викторија Јовановска, проф. д-р Игор Алулоски, спец.гинеколог-акушер, субспецијалист по оперативна гинекологија и онкологија при Клиниката, проф. д-р Виолета Клисаровска, спец.радиотерапевт-онколог, субспецијалист по гинеколошка онкологија на ЈЗУ Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, Скопје и Мирјана Бабамова, потпретседател и програмски менаџер на Здружението Фемина М.

Како што наведуваат од ова Здружение, инциденцата на ендометријалeн карцином бележи значителен пораст во последната деценија. Бројот на новодијагностицирани случаи во Европа во 2020 година изнесува 130.051 согласно податоците на Global Cancer Observatory - IARC. Во земјава, пак, согласно податоците на Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија, бројот на новодијагностицирани случаи со ендометријален карцином за 2021 година изнесува 254, споредено со 2012 година кога бројот изнесувал 128 новодијагностицирани случаи.

Се посочува дека генерално, овој тип на карцином има добра прогноза, благодарение на раното дијагностицирање, но дека во споредба со ракот на грлото на матката, сè уште не постојат скрининг-методи за превенција од ендометријален карцином. вг/бак/

Фото: Фемина М

 

Остани поврзан