• недела, 22 декември 2024

Промоција на книгата „Со свои зборови: интервјуа (1985 ‒ 2023)“ од Сергеј Андреевски

Промоција на книгата „Со свои зборови: интервјуа (1985 ‒ 2023)“ од Сергеј Андреевски

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) – Во Културно информативниот центар – Скопје, вечерва ќе се одржи промоција на книгата „Со свои зборови: интервјуа (1985 – 2023)“ од уметникот Сергеј Андреевски.

Како што стои во соопштението на КИЦ, книгата претставува прошетка низ времето уште од самите почетоци на сликарската кариера на Андреевски и се состои од неговите лични ставови кон уметноста, животот и секојдневното битисување, искажани во серија интервјуа, разговори и изјави, почнувајќи од 1985 година, па сѐ до 2023 година.

Сергеј Андреевски е академски сликар и основач на меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт поинт – ГУМНО“, со седиште во село Слоештица, каде што е и куратор на Меѓународната уметничка резиденција и колонија, која се реализира од 2003 година. 

Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1985 година, а бил и стипендист во Рим („Галерија ди арте модерна“, 1987/’88) и во Нирнберг во 1991 г. Од неговите позначајни студиски престои во странство може да се издвојат: Архус, Данска; “Cité des Arts Internationale-Paris”, Франција; “Acme Art Studios”, Вилмингтон, САД; “Asolare Fine Arts Foundation”, Лексингтон, САД; “Imadate”, Јапонија; “Pi Artworks”, Истанбул, Турција; “Cromarty Arts Trust”, Кромарти, Шкотска; “In Situ”, Александрија, Египет; “Al Maken”, Тунис и многу други.

Сергеј Андреевски реализирал повеќе од 60 самостојни изложби низ целиот свет и учествувал на повеќе од 200 групни изложби. Добитник е на многу државни награди.

Неговите дела се дел од збирките на бројни државни институции, музеи и приватни колекционери ширум светот, како: „Kunsthaus”, Нирнберг, Германија; „Imadate Art Museum“ во префектурата Фукуи, Јапонија; „Cameron Art Museum”, Вилмингтон и „Captain White House Museum“, Греам, Северна Каролина, САД; „Cromarty Arts Trust“, Шкотска; „Музеј на современа уметност“, Шенжен, Кина и други. ра/са/

Фото: КИЦ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан