• недела, 21 јули 2024

Промоција на едукативни видеа со помош на концептот на „испреплетена историја“

Промоција на едукативни видеа со помош на концептот на „испреплетена историја“

Скопје, 25 ноември 2023 (МИА) - Во Џебното кино на Младинскиот културен центар вечерва ќе бидат промовирани пет куси едукативни видеа изработени со помош на концептот на „испреплетена историја“.

Подготовката на едукативните видеа и нивната промоција е организирана од страна на Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) во рамки на проектот „Испреплетени истории: јавна промоција и препознавање“, финансиски поддржан од Фондацијата „Хајнрих Бел“.

- Видеата се однесуваат на животните приказни на Григор Прличев и Тодор Паница, дејноста на учителките Недела и Станислава Петкова, продукцијата на списанието „Македонка“ во повоениот период и споделениот религиски храм „Св. Никола / Хад’р Баба“ во Македонски Брод, соопшти ЦИНИК.

Покрај промоцијата на видеата, ќе има и дискусија на која ќе учествуваат историчарот Дарко Стојанов, во својство на главен консултант во подготовката на видеата и историчарката Ивана Хаџиевска. Разговорот ќе го води Јован Близнаковски.

- Концептот на „испреплетена историја“ е историографски концепт кој поаѓа од меѓукултурна перспектива и идеја за меѓусебната поврзаност на општествата, групите и индивидуите; како и другите „типични“ единици на анализа во историската наука: нациите, империите или цивилизациите. Како таков, овој концепт често доаѓа во судир со концептот на „национална историја“, кој, од друга страна, ја истакнува меѓусебната разделеност и специфичност. Клучни предности на историското истражување кое се потпира на концептот на „испреплетени истории“ е што овозможува критички преглед на историските настани, неоптоварени од националните митови и историски канони, појаснуваат од ЦИНИК. мд/бак/

Фото: ЦИНИК 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан