• недела, 22 декември 2024

Премиера на претставата „Снег“ од Максанс Фермин во режија на Зоја Бузалковска

Премиера на претставата „Снег“ од Максанс Фермин во режија на Зоја Бузалковска

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) - Во Десинг салата во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје вечерва ќе се одржи премиера на претставата „Снег“ од Максанс Фермин на Независниот театар „Штрих“. Претставата е во режија на Зоја Бузалковска.

Како што посочуваат,  „Снег“ зборува за себепотрагата и за љубовта. Таа го следи патот на младиот поет Јуко Акита до себеси и до боите во неговите снежнобели хаику стихови. На тоа необично патување до разгатнувањето на тајните на уметничката креација, Јуко открива прекрасна, љубовна историја, нежна и суптилна, која засекогаш ќе го промени неговиот живот. 

- Иако прекрасната новела „Снег“ е дело на францускиот автор Максанс Фермин, таа во себе ја содржи срцевината на јапонската култура во најширока општествена и историска смисла. Освен тоа, таа е новела-мост помеѓу двете култури, онаа на Далечниот Исток и онаа на Западот. Во таа смисла, работата на еден ваков материјал е огромна провокација за целиот креативен и актерски тим, зашто подразбира истражување и учење на култура која е тотално различна од нашата, како и усвојување на низа вештини, потребни за да се раскаже оваа толку необична бајковидна приказна, соопштија од Независниот театар „Штрих“.

Претставата ќе биде прикажана и утревечер во МКЦ. бт/бак/

Фото: плакат

Остани поврзан