• петок, 22 ноември 2024

„Поетска ноќ во Велестово“, ќе учествуваат 30 поети и уметници од пет земји

„Поетска ноќ во Велестово“, ќе учествуваат 30 поети и уметници од пет земји

Скопје, 18 август 2023 (МИА) - На повеќе локации во Велестово и Охрид од денеска до недела ќе се одржи 35. издание на Интернационалниот поетски фестивал „Поетска ноќ во Велестово“, а ќе учествуваат околу 30 поети и уметници од пет земји.

Годинава, во фокусот ќе биде македонската поезија пишувана од жени и во таа насока фестивалот вечерва ќе започне со промоција на книгата „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ во која се застапени 114 поетеси од повеќе етникуми, што твореле и творат на територија на државата.

Фестивалот традиционално ќе се одржи во Велестово, а ќе биде отворена и изложба на уметникот Тони Попов во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“.

Во рамки на фестовалот ќе гостуваат поети од Германија, Албанија, Србија и Косово.

Во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид утре ќе се одржи промоција на книгата „Ново раѓање на зборот: антологија на малатата македонска поезија“, избрана и приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, како и интернационалното поетско читање „Поезија ‒ Залез“.

Во рамки на фестивалот ќе се одржи и настанот OH READ #2, во чијашто програма предвидена е работилница за креативно пишување и дијалог преку поетски препев, наменета за млади, што ќе се одржи во гимназијата „Св. Климент Охридски“ во Охрид, како и интернационално поетско читање во кафе и бар „Шила“ во Охрид. Проектот OH READ #2 e подржан од РЕАД (Регионална Мрежа за Културна Разновидност) и Европската Унија.

Годинашниот постер на фестивалот е посветен на враќањето на европскиот елен на падините на Галичица, а дизајнот е дело на Андреј Павлов.

Фестивалот е поддржан од Општина Охрид, РЕАД (Регионална Мрежа за Културна Разновидност), Европската Унија, Министерство за култура и Комерцијална банка.бт/бак/

Фото: Фестивал Велестово

Остани поврзан