• недела, 22 декември 2024

Национален слем-натпревар во Прилеп

Национален слем-натпревар во Прилеп

Скопје, 7 октомври 2023 (МИА) - Со промоција на филмот „Ние“ на Горазд Китановски - Кени, денеска во Прилеп ќе почне 13. Национален слем-натпревар. Натпреварот потоа ќе продолжи со слемирање по улиците на градот, на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“, кај сатот и на сцената кај ѕидот. Во 19:30 ч. во таверната „Клуб 1990“ ќе има промоција на збирките поезија „Празен град“ на Снежана Стојчевска и „Огнен пој“ на Перо Сарџоски, а натпреварувачкиот слем ќе го најави изложбата на кодирана поезија од Елена Пренџова и Владимир Петровиќ од Србија во 20:30 ч. во киното „Мис Стон“.

За учество на 13. Национален слем-натпревар се пријаваја 24 слемер(к)и од повеќе градови во земјава: Анде Јанков, Бобан Богатиновски, Бобан Доцевски, Валерија Дамчевска, Виктор Спасески, Габриела Стојаноска-Станоеска, Горазд Keни Китановски, Даница И. Лепојевиќ, Дијана Петкова, Евгенија Узунова, Ирена Јурчева, Јасмина Волческа, Јулијана Маринковиќ, Лидија Линдоф, Љубица Петровска, Марина Икономова Шокева, Миланчо Пендев, Никола Дукоски, Сандра Авросиевска, Сања Ристовска, Сара Миланоска, Славчо Ковилоски, Соња Гаврилова и Тони Павлески, од кои 11 ќе се натпреваруваат за титулата национален победник/национална побеничка. Водител(к)и на шоуто ќе бидат Игор Трпчески и Елена Пренџова.

Националниот слем-натпревар е во организација на неформалната слем-трупа Поетри слем Македонија, граѓанското зружение „Театарска работилница – Прилеп“ и Трпчески и Пренџова. За време на овие 13 години организација, националниот слем-натпревар во Прилеп има испратено пет претставници и претставнички на Европското слем-првенство и двајца на светското. Победникот/победничката ќе ја претставува земјата на Европското слем-првенство за 2024 година. мч/дма/

фото: Слем-трупа Поетри слем Македонија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан