• понеделник, 23 декември 2024

„Мементо“ на Осмали ќе се прикаже во Филмотека Еспањола во Мадрид

„Мементо“ на Осмали ќе се прикаже во Филмотека Еспањола во Мадрид

Скопје, 11 октомври 2023 (МИА) - Македонскиот игран филм „Мементо“ на режисерот Димитрие Османли денеска ќе биде прикажан во Филмотека Еспањола - шпанската кинотека во Мадрид. Исто така, денеска во чест на националниот празник 11 Октомври, Кинотеката на Република Северна Македонија ќе го прикажува „Мементо“ бесплатно на својот официјален „Јутјуб“ канал.

-Веќе можеме да кажеме дека „Мементо“ прераснува во филмска класика, дел од светското кинематогрaфско наследство, бидејќи за помалку од година дена имаше повеќе од 5 проекции на различни локации и континенти. Само минатиот месец беше прикажан како дел од програмата на „Мома“ посветена на југословенскиот црн бран, а беше дел и од европскиот проект „Сезона на филмски класици“, кој пак, четврта година по ред, ја вбројува нашата Кинотека во друштвото на европските кинотеки кои имаат за цел да го промовираат и популаризираат филмското архивско богатство на Европа, соопштуваат од Кинотеката на Република Северна Македонија.

Од Кинотеката потсетуваат дека за македонската публика, дигитализираната верзија на филмот „Мементо“ на 26 јули годинава имаше премиера.

Во очекување е и премиерното телевизиско прикажување на „Мементо“ на „Арте" каналот - европскиот ТВ-канал за култура, што ќе се случи во првата половина на 2024 година. Се работи и на дигитална реставрација на филмот и токму гледачите на „Арте" ќе имаат чест премиерно да го погледнат „освежениот" и реставриран „Мементо“. 

„Мементо“ е втор игран филм на Димитрие Османли снимен во 1967 година и ја раскажува приказната за Јана – која низ разговори и реминисценција со германскиот диригент Вили Милер, се присеќава на своето минато и семејната трагедија која ја доживеала во катастрофалниот земјотрес во Скопје.фф/лв/

Фото: Кинотека на Република Северна Македонија

Остани поврзан