• петок, 22 ноември 2024

Драмски театар гостува на фестивалот РУТА во Белград со претставата „Мојот маж“

Драмски театар гостува на фестивалот РУТА во Белград со претставата „Мојот маж“

Скопје, 2 декември 2023 (МИА) - Драмски театар-Скопје денеска ќе гостува во Белград со претставата „Мојот маж“ во рамки на фестивалот РУТА кој до 6 декември го организира Београдско драмско позориште.

Претставата е во режија на Нела Витошевиќ, по текстот на Румена Бужаровска. Драматизацијата на текстот и авторските монолози ја направија режисерката Витошевиќ и драматургот Викторија Рангелова-Петровска.

ДТС информира дека драмската структура на претставата „Мојот маж“ е изградена од два меѓусебно испреплетени материјали -, драматизацијата на шесте раскази (Супа, Празно гнездо, Прељубник, Осми март, Гени и Лиле) и документарениот материјал произлезен од авторските монолози.

-Дејствата/состојбите од расказите на Бужаровска, како и документарниот дел (авторските монолози) тематски се цврсто поврзани со поднебјето и времето во кое се одигруваат, без притоа да се засноваат на дневно-политички актуелности. Расказите и авторските монолози имаат за цел да поттикнат надминување на стереотипите и предрасудите, и отворено инсистираат на судир помеѓу традиционалното и современото. Сега, денес, сè уште имаме потреба да се соочиме со сегашноста преку ревидирање на минатото, соопшти Драмски театар.

Костимограф е Роза Трајчевска-Ристоска, сценограф Костантин Трпеноски, асистент сценограф Моника Ангелевска, а изборот на музика е на режисерката Витошевиќ.

Во претставата „Мојот маж“ улогите ги играат актерите: Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Сања Арсовска, Трајанка Илиева-Вељиќ, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ и Исмет Шабановиќ. 

Во рамките на фестивалот РУТА (Регионална унија на театри), Драмски театар Скопје со претставата „Мојот маж“ гостуваше и на сцените на Местно гледалишче Љубљана во 2022, а во 2023 година претставата беше изведена во Подгорица и на Бриони во Хрватска. хс/са/

Фото: Драмски театар-Скопје 

Остани поврзан