• петок, 22 ноември 2024

Драмски театар гостува во Сараево со претставата „Чудесна терапија“

Драмски театар гостува во Сараево со претставата „Чудесна терапија“

Скопје, 20 мај 2023 (МИА) - Драмски театар Скопје со претставата „Чудесна терапија“ денеска ќе гостува во Сараево на најновото издание на регионалниот театарски фестивал РУТА. Организатор на фестивалот што се одржува во периодот од 19 до 25 мај, е сараевскиот „Камерни театар 55“.

Претставата „Чудесна терапија“, во режија на Димче Николовски е направена на текст на авторот Даниел Глатауер. Улогите во претставата ги играат: Маја Вељковиќ Пановска, Соња Стамболџиоска и Предраг Павловски.

Оваа претстава се занимава со потребата од чиста и искрена комуникација како предуслов за една среќна врска. Димче Николовски во режисерската белешка за претставата истакнува дека големината на една интимна врска меѓу двајца, се мери преку одговорот на прашањето: Дали врската успева да постои и надвор од љубовта?

-Комуникацијата е универзална способност на секој човек. Но, дали знаеме вистински да комуницираме? Се чини едноставно, но во врска, сакале или не, се’ станува комплицирано. Понекогаш и до бескрај. Разговорот знае да прерасне во кавга, кавгата во конфликт, а конфликтот во војна. А проблемот, наместо да биде решен, умее да создаде нов, поголем проблем. Прашањата што ги отвора претставата се: Зошто е важно да разговараме? Како да разговараме за вистински разговорот да ни помогне, наведува режисерот.

Со изведбата на „Чудесна терапија“ Драмскиот театар гостуваше на Охридско лето во 2020 година, а во рамките на фестивалот РУТА, гостуваше на Бриони во Хрватска во август 2021 година каде имаше извонреден прием кај публика.

Премиерата на „Чудесна терапија“ беше во септември 2019 година, и досега има 28 изведби, наведуваат од Драмски театар. вг/нд/

 

 

 

Остани поврзан