Втор консултативен настан за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа
- На Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денеска ќе се одржи вториот консултативен настан за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа.

Скопје, 20 јануари 2025 (МИА) - На Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денеска ќе се одржи вториот консултативен настан за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа.
Целта на настанот, како што информира Министерството за локална самоуправа, е да овозможи активно вклучување на локалната самоуправа и невладините организации во подготовката на законските измени и дополнувања, со што се обезбедува поголема транспарентност и инклузивност.
Настанот ќе го отвори министерот за локална самоуправа Златко Перински, а меѓу учесниците ќе бидат и проф. д-р Гордан Георгиев, како и м-р Тони Попоски кои се дел од експертскиот тим вклучен во процесот на изготвување на измените. На настанот ќе присуствуваат и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, градоначалници од Југоисточниот, Источниот и Вардарскиот плански регион, претставник од УНДП, како и претставници од невладини организации.
Настанот го организира Министерството за локална самоуправа со поддршка на проектот „Зајакнување на општинските совети“, финансиран од Владата на Швајцарија и Министерството за локална самоуправа, а кофинансиран и имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации - УНДП, во соработка со други национални институции и ЕЛС. мч/бак/
Фото: МИА архива