Промоција на новата поетска книга „Вообразби“ од Бранко Цветкоски во Салон 19:19
- Културно информативниот центар – Скопје најавува свечена промоција на најновата поетска стихозбирка „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ од истакнатиот македонски поет, критичар и есеист Бранко Цветкоски. Настанот ќе се одржи вечерва со почеток во 19:19 часот, во Салон 19:19.
Скопје, 29 октомври 2025 (МИА) – Културно информативниот центар – Скопје најавува свечена промоција на најновата поетска стихозбирка „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ од истакнатиот македонски поет, критичар и есеист Бранко Цветкоски. Настанот ќе се одржи вечерва со почеток во 19:19 часот, во Салон 19:19.
Книгата, во издание на „Макавеј“, содржи седумдесетина песни распоредени во четири тематски циклуси, и е придружена со есеистички осврт од проф. д-р Лидија Капушевска Дракулевска. Таа ја истакнува поетската зрелост и естетската префинетост на Цветкоски, нарекувајќи ја „врвна поезија со музичка целост и јазична складност“.
Промоцијата ќе ја водат епископот Дремвитски Давид (Нинов), проф. д-р Лидија К. Дракулевска, а музичкиот дел ќе го збогати пијанистката Јанинка Невчева. Стихови од книгата ќе чита актерот Борче Начев.
Епископот Давид во својата препорака ја нарекува книгата „поезија-противотров за празнината на постоењето“, нагласувајќи го значењето на Цветкоски за современата македонска книжевност.
Настанот се одржува во чест на 25-годишнината од основањето на издавачката куќа „Макавеј“.ар/са/
Фото:Постер