• петок, 22 ноември 2024

Началникот на Генералштабот на Армијата, Ѓурчиновски на Форумот „Б-9“ во Софија

Началникот на Генералштабот на Армијата, Ѓурчиновски на Форумот „Б-9“ во Софија

Скопје, 18 мај 2023 (МИА) - Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски учествува на шеснаесеттата конференција на началниците на Генералштабовите на балканските земји, Форум „Б-9“, што се одржува денеска во Софија, Бугарија, соопшти Министерството за одбрана.

- На конференцијата, на која главна тематска содржина e „Регионална воена поврзаност и воена мобилност, како фокус во партнерството на Балканот во потрага по иновативни начини на интеграција и соработка“, се дискутира за понатамошно проширување на меѓусебната воена соработка со цел подобрување на регионалната безбедност. Во текот на дискусиите, согласно програмата на конференцијата, началниците на генералштабовите ги презентирале и годишните извештаи од постојаните работни групи во областите за асиметрични закани, воено образование, обука и координации, како и предвидените активности за идната година, се наведува во соопштението.

Генералот Ѓурчиновски, за време на обраќањето во сесиите, се осврнал на значењето на овој Форум, „кој како еден од столбовите на заедничката воена соработка има значајна улога во регионалната безбедност. Зборувајќи за актуелните безбедносни предизвици, ја истакнал важноста на унапредување на меѓусебната воена соработка“.

- На крајот од конференцијата, началниците на генералштабовите со заедничка изјава ќе ја потврдат заложбата за проширување и зајакнување на меѓусебната воена соработка во услови на актуелните безбедносни предизвици , како и за изнаоѓање на начини и можности за унапредување на меѓусебните стратешки активности кои се од интерес за регионалната безбедност. Покрај началникот на Здружениот штаб на Вооружените сили на Бугарија како домаќин, на Форумот „Б-9“ учествуваат и началниците на генералштабовите на армиите на земјите членки: Република Северна Македонија, Албанија, Грција, Босна и Херцеговина, Србија, Турција, како и Црна Гора и како земји набљудувачи Хрватска и Словенија. Специјални гости на оваа конференција се командантот на Воениот комитет на Европската Унија и заменик на командантот на Командата на здружените сили на НАТО во Неапол, пишува во соопштението.

Целта на конференцијата, попозната како Форум „Б-9“, како што се додава во соопштението, е зајакнување на воената соработка на балканските држави преку изнаоѓање на начин на заедничко разрешување на безбедносните предизвици, ризици и закани во регионот. Поголемиот дел од активностите на конференцијата се состојат во координирање на заедничка обука и едукација, односно, како што се појаснува, преку активностите се достигнува потребното ниво на интероперабилност, што овозможува заеднички активности во различни ситуации.

- Форумот „Б-9“ е основан по иницијатива на Грција и Турција, со потпишување на заедничка декларација од страна на началниците на Генералштабовите на балканските земји на 10 мај 2007 година во Брисел. Изминатата, 2022 година, Република Северна Македонија беше домаќин на конференцијата, која се организира по ротирачка основа, се истакнува во соопштението. бд/дма/

Фото: Министерство за одбрана

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан