• недела, 22 декември 2024

Национална конференција „Справување со предизвиците во борбата со ракот на дојка“.

Национална конференција „Справување со предизвиците во борбата со ракот на дојка“.
Скопје, 22 октомври 2021 (МИА) - Неопходно е продолжување на скрининг програмите за рано откривање на ракот на дојка кои веќе две години не се спроведуваат во државава. Треба да се преземат и протоколите од земјите кои спроведуваат скрининг на рак на дојка и начинот на кој се справуваат со пандемијата и со раната дијагностика. Според СЗО, во земјите каде има имплементиран скрининг, морталитетот може да се намали дури до 35 проценти. Ова вечерва го истакна претседателот на Здружението за борба против рак „Борка - за секој нов ден”, Биба Додева во обраќањето на 14. Национална конференција „Справување со предизвиците во борбата со ракот на дојка“ што се одржа преку zoon платформата. Мораме, посочи таа, да прифатиме како една неспорна вистина и да се обидеме да го пренесеме тоа до сите жени, дека секоја од нас е потенцијален пациент. - Секоја од нас ја демне заканата од болеста рак на дојка. Некои жени имаат поголеми предиспозиции да бидат погодени од болеста, но шансите секоја жена да биде соочена со ваква дијагноза е огромна. И поради тоа не треба да се изолираме и повлекуваме. Ракот на дојка може да се детектира во ран стадиум. Раната детекција всушност ги спасува животите, рече Додева и укажа на потребата од воведување мултидисциплинарен пристап при лекувањето на овие пациенти. Според неа, докторите од радиологија, од торакална хирургија, патологија и онкологија, односно сите кои се вклучени во целиот процес од детекција до третирање на ракот на дојка, мора да имаат заеднички мултидисциплинарен пристап при лекувањето на овие пациенти. - Пред три години веќе се имплементираа нови молекули биолошка терапија за жените со рак на дојка кои значат и спасување на животот односно нешто кое всушност е многу потребно за да можат тие кои се веќе заболени да го пијат тој лек, меѓутоа самата ковид пандемија ни покажа на некои дупки во нашиот систем на кои сериозно мораме да поработиме, истакна Додева. Д-р Нино Васев од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија рече дека во поглед на лекувањето на рак на дојка во државава сме на добар пат, ги имаме 90 отсто од лековите кои се користат во најразвиените центри во светот за рак на дојка. - Во врска со мултидисциплинарниот пристап, да не заборавиме дека во државава со рак на дојка не се занимаваат само државните институции, туку и приватните. Мораме идната година да направиме еден заеднички протокол посебно со хирурзите каде почетокот на терапијата на дојка веќе не е хирургија кај повеќе од половината од жените, туку хемотерапија. Кај 300 од 800 жени пациентки би можело да оди претходно хемотерапија, а после хирургија. Значи тоа е нешто што ќе треба да го работиме со хирурзите за поточно и поблаговремено давање на терапијата, додаде д-р Васев. На конференцијата се обрати и министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека почнале со промена во системот на увоз на лекови, нема повеќе паралелен увоз и сега постепено компаниите се враќаат на оргинаторните лекови. Тоа, посочи, за нашите пациенти значи навремен пристап, современа терапија и неограничени количии лекови. - Сега имаме и биолошка терапија за канцер на бели дробови, цервикални канцери, дојка итн. Нема пациент со карцином на дојка за кој не е обезбедена најсовремена биолошка терапија,  можност за скрининг во ковид центри во земјата, има терапија за HER2 позитивен карцином на дојка, за рана метастатска болест. Тоа им дава шанса за излекување на над 200 пациентки кои ја имаат оваа многу агресивна форма на рак на дојката, потоа субкутаната формулација на пациентките кои се борат со HER2 позитивен карцином на дојка, а тоа се повеќе од 100 годишно и сега терапијата ја примаат за само пет минути за разлика од интравенските инфузии кои траат со часови. Што значи водиме сметка на буквално сите аспекти, истакна Филипче. Потенцира дека следен крупен чекор е зајакнување на системот во смисла на нови молекули кои секогаш може да се вклучат, понатаму новите модули на зрачна терапија. - Тоа е геномското профилирање кое планираме да го воведеме. И тоа како цел пакет услуги го има насекаде во Европа. Значи ја имаме терапијата, ни недостига само профилирањето врз основа на кое ќе знаеме како терапијата да ја комбинираме, додаде Филипче. рп/    

Остани поврзан