Национална конференција „Заедно сме посилни" во Велес
- Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености - Велес денеска ја организираше годинашната Национална конференција „Заедно сме посилни" - со нагласок на можностите, предизвиците и способностите на жените и девојките со попреченост и жените од руралните средини. Конференцијата е поддржана од Кралството Шведска и шведската Фондација „Kvinna till Kvinna“ („Жената за жената“).

Велес, 3 март 2025 (МИА) - Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености - Велес денеска ја организираше годинашната Национална конференција „Заедно сме посилни" - со нагласок на можностите, предизвиците и способностите на жените и девојките со попреченост и жените од руралните средини. Конференцијата е поддржана од Кралството Шведска и шведската Фондација „Kvinna till Kvinna“ („Жената за жената“).
На собирот, обраќање имаше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како и министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани. Претседателката на државата смета дека процесот е во прогрес, но има недовршена работа. Таа истакна дека основен темел за остварување на правата, можностите и слободите на лицата со попреченост е Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Нејзината имплементација е една цел.
- За жал, ние сѐ уште не сме стигнале до целта. Како претседател, јас ги поставувам лицата со попреченост високо на мојата агенда, изјави Сиљановска-Давкова.
Таа особено ја нагласи потребата да се урнат пречките во физичката пристапност, но и во пристапот до надминувањето на пречките со коишто сѐ уште се соочуваат овие лица воопшто, но и жените посебно.
Министерот Лимани ги истакна потребите од општествена и економска независност на жените од ранливите категории, во насока на нивно лично остварување, со што секако ќе бидат и ќе се чувствуваат полезни за општеството.
На конференцијата, збор имаа и амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас и амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Јаин, кои ја повторија неопходноста од инклузија и рамноправни можности за лицата со попреченост, т.е. особено жените во општеството.
- Лицата со попреченост се можеби едно од најголемите малцинства во светот. Жените со попреченост, во таа смисла, се соочуваат со повеќекратни пречки на стигматизација, со исклученост, затвореност, застарени сфаќања и други бариери, што го прават проблемот неколкукратно посложен, истакна Ларсон Јаин.
Следеше дискусија, во која учествуваа три жени - претставници на здруженијата на лица со попреченост: Роза Мојсовска - ликовна уметница, Бејра Салифоска - специјална едукаторка и рехабилитаторка, и Валентина Тасева - едукаторка. Се работи за три успешни приказни кои се примери за тоа дека попреченоста не мора да биде пречка за успех и напредок - и тоа е доказ дека секому му треба пружена можност. си/ад/
Фото: МИА