• вторник, 23 април 2024

Научно-стручна дебата: Потребна поголема вклученост на сите сектори за надминување на проблемите со бездомните лица

Научно-стручна дебата: Потребна поголема вклученост на сите сектори за надминување на проблемите со бездомните лица

Скопје, 8 јуни 2023 (МИА) - Појавата на бездомништвото во државава е присутна веќе подолго време. Застапена е во урбаните средини и е карактеристична за популацијата од сите возрасни и етнички заедници, како што покажува и научното истражување поврзано со бездомништвото. Без оглед на причините кои ги довеле до состојба да немаат дом, за сите нив заедничко е тоа што немаат услови за адекватно и соодветно домување, немаат сопствени извори на приходи, со кои би си овозможиле минимум егзистенција, делумно или целосно ги имаат прекинато врските со семејната и социјалната средина и живеејќи како бездомници, изложени се на бројни ризици по сопственото здравје и живот. 

Тоа го порача министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во обраќање на научно-стручната расправа за научно-истражувачката студија која ја изготви истражувачки тим во рамки на проектот „Патеки на бездомните лица: пред и за време на бездомништвото“.

Таа рече дека бездомништвото е комплексен проблем кој бара пристап од повеќе аспекти и посочи дека останува потребата од поголема вклученост и координација на сите сектори во насока на надминување на проблемите со кои се соочува оваа категорија на лица.

-Системот на социјалната заштита обезбедува поддршка за бездомните лица преку обезбедување на потребната документација за остварување на парични права од социјална заштита, како и привремено сместување во Центар за бездомни лица, меѓутоа секако дека тие мерки не се доволни за излегување во пресрет на проблемите со кои се соочуваат бездомните лица, рече Тренчевска.

Таа посочи дека и проактивноста на општините е од особена важност затоа што на тој начин социјалните услуги можат да се доближат до граѓаните на локално ниво. Министерката се осврна и на социјалните претпријатија и истакна дека Министерството е во процес на изготвување на Закон за социјалните претпријатија, во кој учество имаат сите релевантни институции и граѓански сектор. Додаде дека во овој предлог-закон се препознаваат и социјални претпријатија за социјална реинтеграција и работно ангажирање.

-Преку Законот за социјални претпријатија ќе се започне со активности насочени кон подобрување  или стекнување на нови квалификации, компетенции, знаења и вештини на лицата во ризик од социјална исклученост, преку обука и  работа, со цел  полесен пристап до пазарот на труд, работејќи на полето на социјално работно ангажирање и социјални претпријатија за работна интеграција чија примарна цел е со вклучување во работен процес да ги интегрираат лицата  во ризик од социјална исклученост на пазарот на трудот, дополни Тренчевска.

Проф. д-р Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност – Скопје кој е организатор на дебатата, истакна дека мора да бидеме свесни дека секој од нас треба да помогне и секој од нас може во одреден период во животот да се најде во една таква криза, таква состојба да му биде потребна помош независно дали ќе биде бездомник или оставен на маргините на општеството. 

-Јас силно верувам дека напредокот кон европските интеграции ќе значи развој на многу поквалитетни политики и во оваа област и затоа е добро што сите заеднички придонесуваме и се обидуваме да најдеме начини како подобро да ги поставиме политиките. Минатата недела имав можност да прочитам извештаи од САД за тоа колку е лесно да станете бездомник и бев фрапиран од тоа дека млади, средовечни луѓе кои се во полна работна способност, кои остваруваат редовни примања заради некои мали пропусти, грешки во своите одлуки стануваат бездомници и тој број е извонредно голем. Ова е сериозен проблем кој кај нас не е изразен во таа мера. Сите кои можеме имаме знаеме треба да ги поддржиме тие на кои им е потребна помош, рече Дујовски.

Бездомниците, заклучи, се категорија која не е исклучок само за една држава. Напротив, како што рече, сите држави во регионот и во цела Европа и најбогатите и најсовремени држави се соочуваат со овој предизвик негде дури и повеќе отколку кај нас.

-Ние градиме фер политика онолку колку што можеме, меѓутоа и од лично искуство од престојот во многу западно европски држави може да забележиме сите ние дека таму бездомништвото буквално е во можеби многу потешка изразена состојба, отколку кај нас, потенцира Дујовски.

Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвениот крст на град Скопје, ја нагласи потребата од институционална меморија.

-Потребно е да имаме една одржливост во целокупното наше работење со лица во ризик, едноставно на некој начин да ја подобриме институционалната меморија која за жал некогаш недостасува. Моментите на често менување на лица кои се одговорни за одредена проблематика на секои четири години нас дополнително ни прави проблем за да можеме повторно да влеземе во реализација на активностите, бидејќи не секогаш има добро примопредавање од еден на друг, рече Тунева Пауновска.

Пунктот за бездомни лица, посочи, работи два пати во неделата, но нивна интенција е во иднина да го зголемат бројот на денови.

-Нашите тимови се постојано во контакт со овие лица и ние едноставно треба да ги креираме политиките се она што е потребно согласно потребите на луѓето од терен. Треба да бидеме подготвени да се реорганизираме согласно сигналите од терен, само тогаш ќе го постигнеме тоа што сакаме да го направиме, а тоа е нивна ресоцијализација и повторно враќање во нормалниот систем на државата. Имаме доста успешни приказни во изминатите 15 години, повеќе од 15 лица се реинтегрирани со поддршка на центрите за социјална работа и со локалната самоуправа, а за нас предизвик е во наредните 12 месеци имаме еден интересен проект кој ќе работи повеќе на нивното зајакнување во делот на нивните вештини и знаења. Поголемиот дел од овие лица имаат неоформено образование и исто така се соочуваат со одредени правни проблеми во делот на нивната документација. Не треба да ги гледаме бездомниците со сожалување, треба заедно да направиме секој човек во ризик повторно да си го заштити својот интегритет, додаде Тунева Пауновска. мс/лв/

фото: МТСП

 

 

 

Остани поврзан