• петок, 05 декември 2025

Научен собир во Битола за заштита на моликовата шума во Националниот парк Пелистер

Научен собир во Битола за заштита на моликовата шума во Националниот парк Пелистер

Битола, 11 јуни 2025 (МИА) - Јавната установа Национален парк „Пелистер“  одржа научен собир  со учество на над 23 научници и професори, експерти од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Македонија и Грција кои дебатираа на тема „Промените во структурите на шумите во зависност од климатските промени и природните обновливи процеси“, со посебен акцент на моликата, ендемичен и исклучително значаен вид за овој регион.

Според директорот на ЈУНП „Пеистер“-Битола, Иванчо Тошевски, собирот претставува  огромен чекор напред за нив како институција.

-Заедничката цел е да се дискутираат и идентификуваат најдобрите решенија за заштита и управување со моликовата шума. Особено ни е важно да ги споделиме и научиме практиките што се применуваат во соседните земји, кои можат да бидат прилагодени и применливи кај нас. Со овој научен настан започнуваме процес на изработка на стручна студија за состојбата и управувањето со моликовата шума, која ќе биде резултат на соработка помеѓу домашни и меѓународни експерти. Оваа студија ќе се базира на научно знаење, внимателно анализирана реалност и ќе има за цел да овозможи долгорочна заштита на моликата – вид од особено значење за Битола, за Националниот парк Пелистер, и за Македонија во целина, истакна Тошевски.

Гостинката од Грција, Филипоза Авранопулоза, професорка на Универзитетот „Аристотел“ во Солун, на собирот во Битола посочи дека Националниот парк Пелистер е прекрасно место со богата биолошка разновидност.

-Најголемиот предизвик за шумите се климатските промени, кои се одвиваат со забрзано темпо – често неочекувано за нас. Се соочуваме со екстремни зими, сушни лета и чести шумски пожари, што претставува сериозна закана за шумските еко системи. Главното прашање е дали шумските видови ќе успеат да преживеат. Во Грција се соочуваме со слични предизвици. Во соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, работиме на предлог-проект во кој Националниот парк Пелистер ќе биде клучен партнер. Се радуваме на оваа соработка, нагласи професорката Авранопулоза.

Научниот собир се одржува во Инфоцентарот на ЈУ Национален парк „Пелистер“, на планината Баба. мт/вг/

Фото: МИА

 

Остани поврзан