• понеделник, 23 декември 2024

Настап на перкусионистот Хамид Дрејк на Скопскиот џез фестивал

Настап на перкусионистот Хамид Дрејк на Скопскиот џез фестивал
Скопје, 14 октомври 2022 (МИА) - Годинешниот 41. Скопски џез фестивал што почна синоќа со концертот на ансамблот Exploding Star Orchestra, предводен од неприкосновениот лидер на чикашката авангарда, прославениот трубач, композитор, аранжер и визуелен артист Роб Мазурек, продолжува вечер во Националната опера и балет со специјалниот проект Turiya на џез-перкусионистот број еден во светот Хамид Дрејк. Turiya е посветен на делото на афроамериканската активистка, композиторка, органистка, пијанистка, харфистка, автор на неколку книги и духовен водач Алис Колтрејн. Хамид Дрејк ќе го придружува интернационална екипа врвни музичари: Џејми Сафт, Сузана Сантош Силва, Јан Банг, Јошуа Абрамс… Петочната програма продолжува во МКЦ каде што најпрвин ќе настапи новото, извонредно моќно, noise/funkrock/sound-art трио ABACAXI. Оформена околу неверојатниот француски гитарист Џулиан Депре, Abacaxi е несомнено еден од највозбудливите анти-жанровски и мултисетилни актуелни бендови наоколу. Полноќниот концерт на домашниот џез состав Taxi Consilium ќе ја заокружи првата половина од годинешната фестивалска понуда. Се работи за исклучително интересна екипа составена од неуморни музички активисти (членови на: Cobalt Code Unit, Yordan Kostov Quintet/Ensemble, Filip Bukrshliev Trio, Fighting Windmills, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Shock Troopers и Пијан Славеј) што гравитираат околу бујно талентираниот, интелигентен и инспиративен гитарист Филип Букршлиев - ланскиот добитник на наградата „Најдобар млад македонски џез музичар“. Саботната вечер на фестивалот ќе стартува со новото бразилско чудо, виртуозниот пијанист Амаро Фреитас. Придружен од неговото трио, тој во Скопје ќе го претстави своето најубаво и најискрено дело досега - албумот „Sankofa“, своевидна духовна потрага по заборавените приказни, античките филозофии и инспиративните фигури на т.н. црн Бразил. Супергрупата Subtropic Arkestra, пак, на трубачот Горан Кајфеш e веројатно најдобриот од многуте бендови со афробит, етио-џез и биг-бенд фанк корени и влијанија, во чиј состав се некои од најдобрите шведски џез музичари. Полноќната саботна програма ќе мине во знакот на уште еден ексклузивитет - светската премиера на новиот проект на Дејмон Локс и Роб Мазурек - New Future City Radio. Во Скопје, како специјален гостин, ќе им се придружи бразилскиот перкусионист Мауруцио Такара (Hurtmold, São Paulo Underground...). Последната вечер на 41. Скопски џез фестивал ќе ја отвори гордоста на бруклинската авангардна сцена, џез-триото Thumbscrew. Нашата публика ќе ја има привилегијата да биде дел од одбележувањето на десетгодишнината од работата на оваа генијална музичка појава, составена од реномираните њујоршки ѕвезди: Mary Halvorson (гитара), Michael Formanek (бас) и Tomas Fujiwara (тапани). Средбата со нивниот извонредно отворен, жив, духовит и не помалку амбициозен музички израз ќе ни овозможи да го откриеме нивниот уникатен музички универзум, како и да го вкусиме новото возбудливо дело „Multicolored Midnight“ (Cuneiform Records), седмиот албум на групата. Годинешното фестивалско издание ќе го заклучи еден од најзначајните и најбараните (контра)басисти на светската џез и импро сцена денес, Ингебригт Хакер Флатен со својот нов проект (Exit) Knarr. „Knarr“ е тип на брод изграден во Скандинавија околу 1000-та година, што се користел за пловидба по светот, исто како што Ингебригт патува низ светот воден од неговите музички авантури. (Exit) Knarr е посвета на различните места што ги посетил, а секоја песна го доловува духот на градовите Остин, Чикаго, Трондхајм, Амстердам… Програмата на 41. Скопски џез фестивал е збогатена со премиерното прикажување на музичкиот документарец „Summer of Soul (…Or, When the Revolution Could Not Be Televised)“, филмско деби остварување на познатиот американски хип-хоп артист Амир „Квестлав“ Томпсон, коешто освои Оскар и Греми оваа година. Во рамките на фестивалот ќе биде доделена и веќе традиционалната Награда за најдобар млад џез-музичар во 2022 година. Скопскиот џез фестивал и годинава, во соработка со УНХЦР, продолжува да го негува проектот Џез за солидарност со бегалците, упатувајќи уште еден гласен апел за емпатија, сочувство со неправедно и насилно раселените, обездомените, обезнадежените... Организаторите велат дека внимателно составената програма и годинава го имаше императивот за сочувување на високиот меѓународен рејтинг на фестивалот и традицијата тој да го претстави најдоброто од светот на џезот и импровизираната музика.  Програмата, распоредена во четири вечери Националната опера и балет и во Младинскиот културен центар, е разновидна и исполнета со низа ексклузивни настапи на некои од најголемите имиња на современиот џез и креативната музика денес. са/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан