Наставници од Кисела Вода се обучуваат за изведување на часови по шах
- Шахот станува сè поприсутен во воспитно-образовниот процес, а растечкиот интерес кај учениците ја зголемува потребата наставниците да бидат соодветно обучени за негово реализирање во рамки на наставата. Во таа насока, денеска во големата сала на Општина Кисела Вода се одржа обука за наставници од основните училишта на територијата на општината.
Скопје, 19 ноември 2025 (МИА) - Шахот станува сè поприсутен во воспитно-образовниот процес, а растечкиот интерес кај учениците ја зголемува потребата наставниците да бидат соодветно обучени за негово реализирање во рамки на наставата. Во таа насока, денеска во големата сала на Општина Кисела Вода се одржа обука за наставници од основните училишта на територијата на општината, информираат од локалната самоуправа.
Како што се наведува во соопштенето обуката ја организира Шаховскиот сојуз на Град Скопје, кој во континуитет работи на развојот и интеграцијата на шахот во основното образование. Како дел од соработката, Шаховскиот сојуз донирал и по два шаха за сите основни училишта во општината.

Со текот на активностите и методолошкиот пристап што наставниците ќе го применуваат во наставата се запознала и градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска, која присуствувала на дел од обуката.
-Како општина, даваме силна поддршка на сите процеси што го унапредуваат образованието и создаваат вредности кај најмладите. Шахот е предмет кој развива концентрација, аналитичко размислување и дисциплина, вештини што им се важни на учениците. Оваа обука им овозможува на наставниците професионално да се подготват и да го пренесат знаењето на квалитетен и структуриран начин. Верувам дека со ваквите програми ќе продолжиме да градиме посилен образовен систем во нашата општина- изјавила градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.свс/са/
Фото: Општина Кисела Вода