• среда, 26 јуни 2024

Објавени огласи за изградба на нова детска градинка во Расадник и ново основно училиште во Драчево

Објавени огласи за изградба на нова детска градинка во Расадник и ново основно училиште во Драчево

Скопје, 9 февруари 2024 (МИА) – Од Општина Кисела Вода соопштуваат дека наскоро започнува изградбата на нова детска градинка во населбата Расадник и на ново основно училиште во село Драчево.

Од Општината информираат дека новата градинка во населбата Расадник ќе се протега на површина од 790 метри квадратни и со изградбата конечно ќе се затворат листите на чекање за упис во градинките, доколку пак училишниот објект во село Драчево ќе биде на површина од околу 5000 квадратни метри и ќе се гради во непосредна близина на постоечкото.

– Основците од селото Драчево, пак, буквално после 100 години добиваат нов училишен објект. Имено, ООУ “Климент Охридски” е изградено во 1924 година, што укажува на неопходноста од нов објект кој би одговарал на современите потреби на денешните ученици. Новото училиште на површина од околу 5000 квадратни метри ќе се гради во непосредна близина на постоечкото, кое заради голема историска и сентиментална важност за жителите од Драчево, нема да биде срушено, стои во соопштението.

Од Општината посочуваат дека денеска е распишан огласот за избор на најповолни понудувачи кои ќе ги градат двата капитални проекти. ра/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан