• понеделник, 23 декември 2024

НАкС бара стопирање на постапката за донесување на законот за плати во јавниот сектор

НАкС бара стопирање на постапката за донесување на законот за плати во јавниот сектор

Скопје, 18 јануари 2023 (МИА) – Независниот академски синдикат (НАкС) смета дека Владата се обидува „низ мала врата да протне законско решение“ за платите на сите вработени во јавниот сектор. Синдикатот соопшти дека се согласува со потребата  од донесување системски и кохерентен закон со кој би се дефинирала методологијата и постапката за формирање на платите, но дека законот треба да се донесе  „низ суштински и исцрпен дијалог со сите засегнати страни“.

НАкС бара од Владата да го одложи датумот за коментирање на Предлог-законот за системот на плати во јавниот сектор, односно да ја стопира постапката за донесување на овој закон, бара наместо виртуелна, да има реална јавна дебата во која ќе ги покани синдикатите проактивно да учествуваат во процесот, а поради постоење на, како што посочува, „правни сомнежи за неуставност на одредени одредби“, бара да се побара мислење од експерти кои јавно ќе се изјаснат за овој предлог.

Според НАкС, во предложениот текст на законот за системот на плати во јавниот сектор „демнат повеќе опасности“ затоа што „делумно регулирајќи ја материјата, предлог-законот остава таа да биде дорегулирана со прописи донесени врз основа на закон и подзаконски акти што се коси со идејата за системско решение“.

Ваквиот пристап, посочува Синдикатот, е спротивен на чл.32 од Уставот на РСМ, според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

– Се воведуваат нови, а недефинирани елементи во методологијата за пресметка на плати за кои не е уредена постапка за примена преку објективни и правични критериуми. Недефинираноста на елементите и паушалноста на критериумите би можеле да бидат искористени како алатка за намалување на платата на вработените и нивно непринципиелно казнување. Се воведуваат механизми за намалување на веќе утврдената плата, додатоци и надоместоци, што вработените во јавниот сектор би можело да ги доведе во положба на правна несигурност. Се доведуваат под знак прашање одамна изборените работнички права како што се полна плата за време на годишен одмор и стручно усовршување, исплата на утврдени надоместоци за службени патувања и сл., наведува НАкС.

Во Предлог-законот, како што посочува во реакцијата, е предвидена максимална надлежност на државните органи во регулирањето на оваа материја, нагласува Синдикатот, без социјален дијалог и активно учество на Економско-социјалниот совет и синдикатите како претставници на работниците, со што се крши Конвенцијата за работни односи (јавна служба) бр. 151 од 1978 година, како и другите меѓународни документи и принципи за активен социјален дијалог и право на колективно договарање на вработените во јавниот сектор.

-На тој начин, не само што целосно се суспендира синдикалното преговарање, туку суштински се уназадува демократијата во нашето општество. Искуството ни покажало многу пати дека, и покрај добрата намера, контрапродуктивно е кога се брза да се донесе недозреано законско решение, без притоа во широка, јавна и суштинска а не само формална дебата да се вклучат синдикатите, како витално заинтересирана страна, додава НАкС. хс/лв/

Остани поврзан