Над 12 милиони гледачи на Игрите во Париз
- Повеќе од 12 милиони билети се продадени за Олимписките и Параолимписките игри, а организаторите во Париз тоа го опишаа како „невиден успех“.
Париз, 14 септември 2024 (МИА) - Повеќе од 12 милиони билети се продадени за Олимписките и Параолимписките игри, а организаторите во Париз тоа го опишаа како „невиден успех“.
- Продадени се 12.132.647 билети, кои претставуваат 95% од капацитетот на спортските објекти. Знаевме колку може да биде комплицирано да се организира ваков голем настан и сега можеме да кажеме дека сме многу среќни што се помина добро, рече Тони Естанж, претседател на организацискиот комитет Париз 2024 година на прес-конференција во Сен Дени.
Тој додаде дека Игрите во Париз поставиле нов стандард за присуство. На последната вечер на Параолимписките игри на 7 септември беа продадени 67.500 билети за атлетскиот настан на „Стад де Франс“, што е најголема посетеност на Игрите во француската престолнина.
-Имаше малку смелост да се предизвикуваме себеси да правиме работи што никогаш порано не биле направени, рече Естанж, мислејќи на церемониите за отворање на Олимписките и Параолимписките игри што се одржуваат надвор од стадионите и натпреварите што се одржуваат во близина на знаменитости како што се Ајфеловата кула и Версајската палата.
Естанж коментира дека овој иновативен пристап го привлече интересот на организаторите на Игрите во Лос Анџелес 2028 година.
Тој исто така најави дека организаторите од Париз и Лос Анџелес ќе имаат повеќе состаноци во наредните месеци за да споделат искуства меѓу себе.
-Главната порака би била да бидат смели и да се надоврзат на особеностите на нивната територија, ги советува Естанж. дс
Фото: Архива