Над двесте учесници на детскиот фолклорен фестивал „Паланачка тројка"
- Над двесте млади играорци и играорки на возраст од шест до дванаесет години, од шест македонски градови учествуваа на годинашното издание на детскиот фолклорен фестивал „Паланачка тројка", што изминатите два дена се одржа во Крива Паланка.
Крива Паланка, 13 јули 2025 (МИА) - Над двесте млади играорци и играорки на возраст од шест до дванаесет години, од шест македонски градови учествуваа на годинашното издание на детскиот фолклорен фестивал „Паланачка тројка", што изминатите два дена се одржа во Крива Паланка.
Фестивалот ги обедини традицијата, фолклорот и битот од речиси сите краеви на државата преку ората и изворните и стилизирани го настапи на младите фолклористи.
Фестивалот се одржа во два дена на плоштадот „Карпошово востание" во организација на Националната установа Цента5тур за култура Крива Паланка.
На фестивалот настапија културно уметничкото друштво „Бучим" од Радовиш, КУД „Китка" од село Ораовица, „Мугри" од Кочани , КУД „Тиквеш" од Кавадарци, „Н.Ј. Вапцаров" од Делчево, КУД „Илинден" од Битола и домаќините, културно уметничкото друштво „8 Октомври" при НУ Центар за култура Крива Паланка.
На двете фестивалски вечери, групите - учесници дефилираа од пред општината до централниот градски плоштад во Крива Паланка, презентирајќи ги разноликоста и богатството на македонското културно наследство и донесоа весела атмосфера што ги разигра срцата на паланчани и бројните гости на градот за време на викендот.
Фестивалот со безмалку еднодецениска традиција се одржа во рамки на програмата на „Кривопаланечко културно лето 2025“ што нуди над 60 настани од различни жанрови за сите љубители на културата: ликовна уметност, музички концерти, промоции на книги, поетски читања, детски претстави, класична и популарна музика, сѐ во прилог на поттикнување на туризмот и локалниот економски развој. ид/дма/
Фото: МИА