• понеделник, 23 декември 2024

Над двесте пријави за користење на активни мерки за самовработување и субвенции

Над двесте пријави за користење на активни мерки за самовработување и субвенции

Гостивар, 9 мај 2023 (МИА) - По првиот ден од објавувањето на Јавните огласи за самовработување со кредитирање и за субвенции на правни субјекти, во гостиварскиот центар за вработување доставени се над двесте пријави. Одговорните сметаат дека владее голем интерес за користење на активните мерки што ги спроведува Агенцијата за вработување и до крајниот рок да има над две илајди пријави.

Првиот човек на Центарот за вработување Гостивар, Вотим Емшиу, посочува дека граѓаните најмногу интерес изразиле за мерката самовработување, која овозможува отворање мали бизниси и субвенцијата за ангажирање вработени, мерка која се однесува на фирмите од приватниот сектор.

Со оперативниот план за вработување на Агенцијата за вработување, годинава има десетина мерки чија цел е намалување на невработеноста во општините Гостивар, Врапчиште и Маврово-Ростуша.

- За реализација на овие мерки, само на ниво на Гостивар, Агенцијата за вработување предвиде да се доделат до два милиони евра, неповратни средства. Условите за користење се поволни и би сакал да ги охрабрам заинтересираните граѓани од трите општини да аплицираат, вели Вотим Емшиу, раководител на Агенцијата за вработување во Гостивар.

Според Емшиу, основен услов е лицата кои ќе се пријават на огласот треба да се евидентирани како баратели на работа, односно невработени и да го искористат наредниов период бидејќи огласот трае до наредниот петок.

Со Оперативниот план за 2023 година посебен акцент се става на младите невработени лица до 29 години, долгорочно невработените како и на корисниците на гарантирана минимална помош. Новина во Планот што го одобри Владата на РСМ за оваа година е тоа што нискоквалификувани лица, со завршено минимум основно образование може да се вклучат во мерките за вработување.

Заради измените и поволните услови за користење, Емшиу очекува годинава да има повеќе пријави во споредба со лани.

- За активните мерки што ги нуди Агенцијата за вработување, лани имаше близу две илјади барања, а за нивно спроведување се вложени околу милион и двесте илјади евра. Заинтересираноста е евидентна и бројот на пријавени да биде поголем од ланскиот, вели тој.

Според анализите на агенцијата, во трите гостиварски општини невработеноста е осум проценти, односно околу десет илјади лица се активни баратели на работа. згм/цр

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан