• вторник, 24 декември 2024

Надминат проблемот со здравственото осигурување во МВР, Фондот за здравство ќе ги рефундира средствата

Надминат проблемот со здравственото осигурување во МВР, Фондот за здравство ќе ги рефундира средствата
Скопје, 25 август 2022 (МИА) - Проблемот со здравственото осигурување во Министерството за внатрешни работи е надминат и сите вработени имаат активно здравствено осигурување. На осигурениците на кои не им било активно здравственото осигурување, а платиле за одредени здравствени услуги Фондот ќе им ги рефундира средствата, велат од Фондот за здравство за МИА на прашање по информацијата од Независниот синдикат на полицијата кои на денешната прес-конференција соопштија дека во текот на вчерашниот ден повеќе од 50 полициски службеници имале проблем со здравственото осигурување. - Системот регистрирал дека недостасуваат уплати за придонеси на одредено лице во МВР по што автоматски се блокира цел систем и вработените во истиот момент останале без здравствено осигурување. По извршената рачна проверка од страна на ФЗОРСМ утврдено е дека уплатите постојат за соодветното лице, но не биле прокнижени на соодветна сметка поради техничка грешка. Значи, станува збор за системска грешка, појаснуваат од фондот. Дополнуваат дека според член 52 од Законот за здравствено осигурување, за осигурениците за кои ќе се утврди дека придонесот не е редовно уплатуван или уплататата задоцнила повеќе од 60 дена, правата од задолжителното здравствено осигурување на осигурените лица се ускратуваат, освен правото на итна медицинска помош и утврдено право на надомест на плата. - Ускратените права од став 1 на овој член повторно се воспоставуваат со денот на намирувањето на сите доспеани, а не уплатени обврски, стои во одговорот. Независниот Синдикат на Полицијата  претходно на прес-конференција соопшти дека во текот на вчерашниот ден повеќе од 50 лица кои се вработени во Министерството за внатрешни работи се пожалиле на проблеми со здравственото осигурување. Како што информираше претседателот на Независниот синдикат на Полицијата, Гоце Делчев Тодев, до него во текот на вчерашниот ден, по електронска пошта, телефонско јавување и преку социјалните мрежи стигнале пораки од полициски службеници со прашања како да го решат проблемот со кој се соочиле, а станувало збор за обиди за регулирање на сметка за извршени лекарски прегледи за кои морале да платат целосни суми, наместо само износот на партиципацијата. - Не може да се случи никој да не одговара за ваква работа, која е многу сериозна. Не може да се случи приватно да плаќаат вработените во Полицијата, да ги земаат нивните сметки, да ги активираме нашите адвокати, а ние ќе ги наплатиме тие пари. МВР или преку извршители или редовно, тие пари мора да ги платат, затоа што луѓето кога потпишувале договор за вработување стои дека им е платено и здравственото осигурување, образложи тој. Дополни дека пораката е кратка и јасна и побара од надлежните уште денеска да го решат проблемот. Од Министерството за внатрешни работи, пак, потврдија дека се платени сите придонеси за вработените во МВР. - Во врска со прес конференцијата на еден од синдикатите во МВР, ја известуваме јавноста дека за сите вработени во Министерството за внатрешни работи се уплатени придонесите во законски утврдените рокови, но настанат е проблем при пријавување на лице за кое ретроактивно се уплатени придонеси за социјално осигурување, а кое било вратено на работа со судска пресуда откако претходно му бил прекинат работниот однос, стои во нивното соопштение Претседателот на Македонскиот Полициски Синдикат, Марјан Кицев, за МИА потврди дека проблемот бил во Фондот за здравство и кажа дека се преземени сите мерки за решавање на истиот. - Проблемот е во Фондот за здравство. Еден наш колега има задршка од извршител, извршителот не ги префрлил парите што му го сопрел спрема Фондот и Фондот го блокирал цело МВР. Во текот на денешниот ден ќе биде надминат проблемот. Тоа не е вина на МВР, поради блокирање од извршител на еден наш колега, се блокира фактички цел систем на МВР. ар/лв/    

Остани поврзан