• петок, 22 ноември 2024
На денешен ден
6 октомври 2020 (МИА) - Светски ден за здрава вода. 1014.- Во Преспа умрел царот Самуил. Во битката кај Беласица на 29 јули 1014 година, што се воделе меѓу војските на Самуил и византискиот цар Василиј Втори, трупите на царот Самуил биле целосно поразени, а тој се спасил со бегство. По битката, византискиот цар Василиј Втори наредил да се ослепат околу 15.000 Самуилови војници, а на секој стоти војник да му се остави по едно око за да ги води другите. Така ослепените војници биле испратени кај царот Самуил. Од глетката што ја видел, Самуил умрел од срцев удар. Самуил го наследил неговиот син Гаврил Радомир. Самуиловата држава постоела 38 години, од 976 година до смртта на Гаврил Радомир, во 1018 година. 1536.- Англискиот верски реформатор и преведувач на Библијата Вилијам Тиндејл по наредба на кралот Хенри Осми бил запален. 1600.- Во Фиренца, во Италија во палатата Пити, за време на свеченостите по повод венчавката на англискиот крал Хенри VI со Марија Медичи, била одржана премиерната изведба на операта „Евридика“, прва опера во историјата што ја создал италијанскиот композитор Јакопо Пери. 1767.- Роден е хаитскиот државник од африканско потекло Хенри Кристоф, доведен од Гренада како роб на Хаити, каде на крајот од 18. век се вклучил во побуната против Французите. По дворскиот пуч во 1806 година во кој и тој учествувал, и по суровото убиство на царот Жан Жак Десалин, кој исто така бил роб, во 1807 година станал претседател на Хаити, а во 1811 година се прогласил за цар. 1773.- Роден е францускиот крал Луј Филип, наречен „Кралот граѓанин“ кој владеел од 1830 до 1848 година. Отстранет бил од престолот во Февруарската револуција во 1848 година кога била прогласена републиката, а умрел во 1850 година. 1887.- Роден е францускиот архитект и теоретичар од швајцарско потекло Шарл Едуар Жанре, познат како Ле Корбизие, еден од најголемите архитекти на 20. век. 1891.- Умрел ирскиот политички водач и национален борец за автономија Чарлс Стјуарт Парнел, кој внесол нови методи во борбата против Англичаните. Во 1875 година станал член на британскиот парламент каде ги започнал опструкциите во законодавното тело со истовремена блокада на теренот. Во 1881 година иако бил затворен управувал со борбата на ирските националисти. 1892.- Умрел англискиот писател Алфред Тенисон кој пишувал необично мелодични стихови. Дела: поемите „Кралски слики“, „Принцеза“, елегијата „Ин мемориам“ и голем број лирски песни. 1903.- Роден е ирскиот физичар Ернест Томас Синтон Волтон, еден од пионерите на нуклеарната физика. Во 1929 година заедно со Џон Даглас Кокрофт го развиле првиот атомски акцелератор, а во 1951 година ја поделиле Нобеловата награда за физика. 1908.- Австроунгарија го објавила декретот за анексија на Босна и Херцеговина. Со потпишувањето на Санстефанскиот мировен договор во 1878 година Турција и признала автономија на Босна и Херцеговина, но на конгресот во Берлин биле ревидирани одредбите на овој договор. Така, со член 25 на Австроунгарија и било одобрено правото да ја заземе и да управува со Босна и Херцеговина. Оваа одлука предизвикала голем отпор кај босанско-херцеговското население и дури по четири месеци борби, во кои учествувале 200.000 австриски војници, овој отпор бил скршен. Сепак народот никогаш не се помирил со анексијата која во 1914 година довела до почетокот на Првата светска војна. 1914.- Роден е норвешкиот етнолог и истражувач Тор Хејердал, кој во 1947 година ја предводел шестчлената експедиција „Кон-Тики“, пловејќи со сплав околу 9.000 километри помеѓу Перу и пацифистичките острови Туамату близи Тахити. 1915.- Бугарија се вклучила на страната на Централните сили во Првата светска војна. 1927.- Во филмот „Џез пејач“ со актерката Ал Џонсон, кој премиерно бил прикажан во Њујорк, првпат се слушнал глас на актер, со што бил означен почетокот на ерата на звучниот филм. 1930.- Роден е сирискиот државник, генерал Хазеф ал Асад, кој на власт дошол во 1970 година. Во 1971 година станал претседател на Сирија. 1937.- Друштвото на народите ја осудило агресијата на Јапонија врз Кина. 1943.- Кај селото Кленоец, Кичевско, во борба против балистичките банди и германските сили, загинал Јосиф Јосифовски - Свештарот, народен херој на Македонија. Во оваа борба загинале и повеќе од 70 партизани. Роден бил во Гевгелија, на 2 август 1914 година. Истиот ден балистите запалиле повеќе куќи во селото Кленоец и селото Попоец, Кичевско, а во наредните денови биле ограбени повеќе куќи и убиени луѓе во селата Душегубица, Иванчиште, Малкоец и други. 1944.- Во селото Прждево, Неготинско, влегле германските фашисти и почнале да ги палат куќите и амбарите во знак на одмазда поради успешната акција на минерската чета, која истиот ден кренала во воздух еден од оклопните германски возови. Притоа, фашистите стрелале 21 невино лице и својот крвав поход го завршиле во селото Бесвица, каде што, покрај палежот на куќите, стрелале 39 луѓе. 1972.- Во железничка несреќа кај мексиканскиот град Салтиљо загинале најмалку 208, а биле повредени повеќе од илјада луѓе. 1973.- Со заедничкиот напад на Египет и Сирија врз израелските позиции на источниот брег на Суец и на Голанската висорамнина избила „Јом Кипур“ војната, четврта по судирот на Израел со Арапите. Војната завршила на 22 октомври со резолуција на Советот за безбедност при Обединетите нации. 1976.- Воената хунта во Тајланд ја соборила владата на Сени Прамод, а војската на универзитетот во Бангкок масакрирала голем број студенти. 1981.- Во Каиро, за време на воената парада бил убиен египетскиот претседател Анвар ел Садат. 1989.- Умрела американската актерка Бет Дејвис. Снимила повеќе од 80 филмови и остварила голем број драмски улоги, главно играјќи несреќни и зли жени. Филмови: „Опасна“ (Оскар), „Џезабел“ (Оскар), „Мали лисици“, „Елизабета и Есекс“, „Хуарез“, „Што се случи со Беби Џејн“, „Се за Ева“, „Свадбен ручек“. 1991.- Во Белград допатувал синот на последниот југословенски крал, 46-годишниот принц Александар II Караѓорѓевиќ. Со звуците на химната „Божја правда“ и традиционалниот пречек со сол и леб, и грутка земја, принцот со семејството бил пречекан од одборот за пречек на чие чело бил Душан Ковачевиќ. Принцот Александар изјавил: „Дојдов со надеж дека моето доаѓање ќе придонесе за мирот во оваа земја“. 1991.- Индонезиски воен авион удрил во владината зграда во Џакарта, усмртувајќи 102 и повредувајќи повеќе од 5.000 луѓе. 1996.- Во Скопје, на локалитетот „Средно Водно“, бил осветен камен-темелникот на новата црква „Раѓање на Пресвета Богородица“. 2001.- Умрел Петар Серафимов, еден од првите членови - основоположници на Македонската академија на науките и уметностите и професор на Градежниот факултет во Скопје. Роден бил во Охрид, на 28 мај 1915 година. 2014.- Американецот Џон О'Киф, кој работел во Велика Британија, и норвешката двојка Меј-Брит и Едвард Мозер станале лауреати на Нобеловата награда за физиологија и медицина. Наградата им се доделила за нивните откритија за клетките, кои го прават позиционирачкиот систем во мозокот. Научниците ја истражувале клеточната биологија на главниот мозок. Половина од наградата му била доделена на Џон О'Киф, а останатата половина ја поделиле Меј-Брит и Едвард Мозер. ###

Остани поврзан