• сабота, 21 декември 2024
На денешен ден
25 февруари 2021 (МИА)   1707.- Роден е италијанскиот писател Карло Голдони, обновител на италијанската комедија. Дела: комедиите „Мирандолина“, „Рибарски караници“, „Коцкар“, драмата „Далматинка“. 1723.- Умрел англискиот архитект Кристофер Рен, основач на Кралското друштво во Лондон (академија на науките) и негов прв претседател од 1680 до 1682 година. По пожарот кој го опустошил Лондон во 1666 година, вклучувајќи и 53 цркви, проектирал низа зданија, меѓу кои и монументалната катедрала „Свети Павле“. 1778.- Роден е аргентинскиот генерал и национален херој Хосе де Сан Мартин, ослободотел на Аргентина, Чиле и Перу од шпанските колонијални власти. Заедно со Симон Боливар го предводел јужноамериканското движење за независност. Го укинал ропството, ја прокламирал слободата на печатот, основал библиотеки и настојувал културно да ја прероди својата земја. 1841.- Во Лимож е роден Огист Реноар, француски сликар, еден од најистакнатите претставници на импресионизмот. Во последниот период од своето творештво се занимавал и со скулпторство. Најпознати негови слики се „Капачки“, „Мулен“ и „Лулашка“. Со своите слики првпат се појавил на изложбата на импресионистите во Париз, во 1874 година. Умре во Кан, на 17 декември 1919 година. 1842.- Роден е Карл Мај, германски писател. Бил најтиражниот германски автор. Дела: „Винету“, „Богатство во сребреното езеро“, „Синот на ловецот на мечки“, „Од Багдад до Стамбол“. 1866.- Во Пескасерол е роден Бенедикт Кроче, италијански филозоф, историчар, литературен критичар и државник. Се обидел да го ревидира макрсизмот и отворено истапувал против него, а бил и противник на фашизмот. Најпознати негови дела се „Филозофијата како наука“, „Филозофијата на практиката, економијата и етиката“ и „Историјата како приказна за слободата“. Умрел во Неапол, на 20 ноември 1952 година. 1873.- Роден е Енрико Карузо, прочуен италијански оперски пејач. Со незаборавните интерпретации на оперите на Верди, Маскањи, Леонкавало и Пучини на сцените низ целиот свет, станал најславен тенор на своето време. Умрел во 1921 година. 1899.- Умрел основачот на британската новинска агенција Ројтер - Паул Јулиус фон Ројтер, по потекло германски Евреин и со вистинско име - Израел Бир Јосафат. Исвесно време работел во новинската агенција Авас во Париз, а потоа ја основал новинската агенција Ројтер кој и денес го носи неговото име. Ројтер по француската Авас (денес Франс прес) е втора најстара новинска агенција во светот. 1923.- Во Струмица е роден Александар Думов, доајен на Народниот театар во Струмица и еден од основоположниците на театарската култура во Македонија. Освен во театарот во Струмица, како артист и режисер, работел и во театрите во Велес, Битола и Штип. Умрел во Скопје, на 25 ноември 1989 година. 1925.- Во Свиленград, Бугарија, од ванчомихајловистите бил убиен Георги Скрижовски (Георги Радев Иванов), македонски револуционер, учител и војвода и член на ВМРО. За време на Младотурската револуција бил еден од раководителите на НФП. Учесник бил во Балканските војни и во Првата светска војна. Роден бил во селото Скрижово, Драмско, во 1880 година. 1944.- Во Скопје, при пробивањето на блокадата на бугарската полиција бил убиен Кузман Јосифовски - Питу, народен херој на Македонија. Роден бил во Прилеп, на 23 јуни 1915 година. 1949.- Со закон на Народното собрание на НР Македонија бил основан Универзитетот во Скопје. Со одржувањето на првото Универзитетско собрание на 24 април 1949 година, било означено раѓањето на Универзитетот како највисока научна и образовна институција во Македонија. Во 1969 година, при одбележувањето на 20-годишнината од работата го добил името Универзитет „Кирил и Методиј“, а на 12 ноември 1992 година, со одлука на Универзитетскиот совет, станал „Свети Кирил и Методиј“. 1972.- Советскиот вселенски брод „Луна 20“ се вартила на Земјата со примероци од тлото на Месечината. 1983.- Во Њујорк умрел Тенеси Вилијамс, американски драмски писател, добитник на две Пулицерови награди и автор на многу познати драмски дела како што се „Мачка на вжештениот ламаринен покрив“, „Нежна птица на младоста“, „Трамвајот наречен желба“ и други. Роден бил во Колумбос, во државата Мисисипи, на 26 март 1911 година. 1991.- Во Будимпешта, Унгарија, министрите за надворешни работи и за одбрана на шест земји-членки на Варшавскиот договор (Советскиот Сојуз, Полска, Чехословачка, Романија, Бугарија и Унгарија) потпишале Протокол за укинување на таа воена организација. Варшавскиот договор бил основан на 14 мај 1955 година. 1994.- Во Брисел официјално започнала да работи Амбасадата на Република Македонија. 1999.- Народна Република Кина ставила вето за продолжување на мандатот на УНПРЕДЕП уште шест месеци во Република Македонија. Од 1 март 1999 година УНПРЕДЕП ги прекинал активностите во Република Македонија. 2003.- Умрел италијанскиот филмски актер и режисер Алберто Сорди. Играл во повеќе од 200 филмови од кои 20 ги режирал. Филмови: „Под Римското сонце“ „Белиот шеик“, „Денгуби“, „Херој на нашето време“, „Мојот син Нерон“, „Големата војна“, „Меид ин Итали“, „Мал, сосема мал граѓанин, „Извинете, дали сте за или против?“, „Италијанец во Америка“. 2005.- Умрел британскиот правник Питер Бененсон, основач на меѓународната организација за заштита на човековите права - Амнести интернешнл. 2007.- Иран успешно ја лансирал првата ракета со сателитски носач, дело на домашни научници. Во соработка со Русија, Иран, две години порано, во вселената го лансирал и сателитот „Сина 1“. 2020.- На 91-годишна возраст почина поранешниот долгогодишен египетски претседател Хосни Мубарак. Мубарак беше политичар и поранешен претседател на Република Египет во периодот од 1981 до 2011 година. Тој беше соборен од власта во протестите на арапската пролет, а подоцна и осуден на затворска казна. Но, по воениот преврат и доаѓањето на власт на актуелниот претседател Абдел Фатех Ал Сиси, инаку поранешен генерал и командант на египетската армија, Мубарак беше ослободен од затвор.   ###

Остани поврзан