• недела, 22 декември 2024
На денешен ден
6 јули 2020 (МИА) 1189.- Умрел англискиот крал Хенри Втори Плантагент, основач на династијата Плантагент, кој во текот на владеењето од 1154 до својата смрт ја ограничил улогата на Црквата во сферата на судството и другите домени на судскиот систем со што значително ја зајакнал кралската власт. 1415.- Во Констанца бил запален на клада Јан Хус, чешки верски реформатор, народен борец, прочуен проповедник, професор и ректор на Универзитетот во Прага, книжевен и културен работник, реформатор на јазикот и на правописот. Особено бил познат како борец против папската политика и претворањето на црквата во големопоседничка организација. Го криткувал луксузот на црковните кругови и барал од нив да се демократизираат, да не го експлоатираат народот. Роден бил во 1370 година. 1533.- Умрел италијанскиот писател Лодовико Ариосто. Дела: „Еп за Роланда“, комедиите „Негромант“, „Касрија“, лирски песни, сатири. 1535.- Во Тауер Грин бил погубен Томас Мор, англиски хуманист и државник, писател на социјални, историски и теолошки дела, родоначалник на утопискиот социјализам. Тој одбил да го признае кралот за црковен поглавар, па католичката црква го прогласи за светец. Најпознато негово дело е политичко-филозофскиот роман "Утопија". Роден бил во 1478 година. 1796.- Роден е рускиот цар Николај Први Павлович Романов, кој автократски владеел со Русија од 1825 се до смртта во 1855 година. Во првата година од владеењето го задушил востанието на декабристите (пролиберален бунт на петроградските полкови под влијание на модерните интелектуалци). Поради симпатиите кон непријателите на самодржавноста во периодот на неговото владеење осомничени биле многу руски интелектуалци, вклучувајќи ги Александар Пушкин, Михаил Љерментов, Висарион Белински, Тарас Шевченко. 1827.- Русија, Британија и Франција во Лондон потпишале договор со кој ја признале автономијата на Грција, а се согласиле да извршат притисок и врз Османлиското царство за примирје со грчките востаници. 1835.- Роден е австрискиот надвојвода Фердинанд Максимилијан Први Јозеф Хабзбург, кој во 1864 година за цар на Мексико го наметнал францускиот цар Наполеон Трети. Неговата намера била преку него да оствари француско влијание во Мексико. Мексиканските републиканци ги победиле интервенциските трупи и во 1867 година го стрелале Максимилијан Први, а за претседател на Мексико повторно го избрале Пабло Хуарес, наречен „Вашингтон Мексико“, кој за време на француската интеревенција од 1861 до 1867 година го предводел мексиканскиот народ во борбата за независност. 1885.- Францускиот научник Луј Пастер за првпат ја употребил својата вакцина против беснило. Овој историски потфат бил успешен. 1893.- Умрел Ги де Мопасан, француски писател, еден од најдобрите претставници на натурализмот. Напишал шест романи и околу триста новели и раскази. Од романите најпознати се „Еден живот“, „Љубимец“, „Пјер и Жан“, а од збирките раскази и новели „Госпоѓицата Фифи“, „Ловечки приказни“, „Сестрите Рондоли“ и „Страсти“. Роден бил на 5 август 1850 година. 1908.- Во Османлиското царство избила Младотурската револуција под водство на младите офицери и интелектуалци незадоволни од владеењето на султанот Абдул Хамид Втори. 1923.- Официјално било прогласено основањето на Светскиот Сојуз на Социјалистичките Републики (СССР), врз осова на Првиот сесојузен конгрес на советите одржан кон крајот на 1922 година. 1928.- Во Њујорк била одржана премиерата на филмот „Светлините во Њујорк“, прв тонски филм во историјата на кинематографијата. 1962.- Умрел американскиот писател Вилијам Фокнер, добитник на Нобеловата награда за литература во 1949 година. Дела: романите „Сарторис“, „Светлина во август“, „Комарци“, „Мечка“, „Диви палми“, „Војникова палата“, „Старец“. 1999.- Во Скопје умрел г.г. Михаил (Методи Гогов), поглавар на Македонската православна црква. Бил делегат на Првото заседание на АСНОМ, еден е од иницијаторите и организаторите на Иницијативниот одбор за организирање на црковниот живот во Макдонија и поборник за возобновување на Охридската архиепископија, професор во Средното богословско училиште и професор и декан на Богословскиот факултет во Скопје. Напишал повеќе дела и превел богослужбени книги. Бил поглавар четврти по ред, од 21 декември 1993 до 6 јуни 1999 година. Роден бил во Ново Село, Штипско, на 20 март 1912. 2000.- Во Скопје умрел Лазар Колишевски, народен херој на Југославија, од Македонија. Во март 1943 година при формирањето на ЦК КПМ бил избран за секретар на ЦК, потоа бил член на АСНОМ, во 1945 година бил избран за прв претседател на Првата народна влада на ДФ Македонија, а во 1953 година и за претседател на Народното собрание на НР Макеоднија. Извршувал и низа други значајни функции во Републиката и во федералните органи на СФР Југославија. Бил првиот претседател на Претседателството на СФРЈ по смртта на Јосип Броз Тито. Роден бил во Свети Николе, на 12 февруари 1914 година. 2004.- Умрел австрискиот државник Томас Клестил, претседател на Австрија од 1992 година. 2005.- Умрел францускиот писател Клод Симон, добитник на Нобеловата награда. Дела: „Трева“, „Фландриски пат“, „Палата“, „Историја“, „Ветер“. 2009.- Умрел Роберт Макнамара, архитектот на виетнамската војна, поранешен американски државен секретар за одбрана. Подоцна извесно време бил претседател на Светската банка. 2009.- Претседателите на САД и на Русија, Барак Обама и Дмитриј Медведев, во Москва го потпишале документот насловен „Заеднички меморандум за разбирање за идно намалување на стратешкото вооружување“. Документот предвидува обострано намалување за 1.500 до 1.675 нуклеарни боеви глави во период од седум години. 2018.- Македонскиот поп пејач и актер Влатко Илиевски (33) е пронајден мртов во својот автомобил „Тојота“. Својата кариера ја започна во почетокот на 2000-те и се стекнa со голема популарност ширум македонската публика. Изведуваше музички композиции со поп и рок елементи. Во 2011 година Влатко Илиевски ја претставуваше Македонија на Евровизија во Германија со песната „Русинка“. Пред да ја почне својата соло кариера, тој беше дел од музичката група „Морал“. Завршил на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а дипломираше со претставата „Гнев“ на Стивен Кинг. Со неговата 12 годишна возраст тој започнал да свири на гитара во локалните скопски бендови. Првите посериозни почетоци му биле со групата „Made in Macedonia“ во 2000 година кога освоиле две нагрди. Во 2000 година, македонскиот рок бенд „Морал“ му понудил на Влатко Илиевски да се приклучи на бендот. Во 2001 година тие ги снимиле своите први песни, а во 2003 година го завршиле својот албум „Кога патувам“. Албумот бил составен од песните: „Панично те сакам“, „Скопје“, „Ти си“, „Ова е Македонија“ и „А ти ме убиваш“. Во 2005 година „Морал“ биле предгрупа на концертот на „Дип Прпл“ (Deep Purple) во Скопје. Влатко Илиевски беше роден на 2 јули 1985 година во Скопје. 2018.- По кратко боледување, на 68-годишна возраст почина македонската писателка Олга Арбулјевска. Арбулјевска беше новинарка, поетеса, есеистка, преведувачка, и сликарка. Родена во Ниш, во 1949, детството го минала во Берово и Скопје. Автор е на четири поетски збирки: Канурки (1972), Икителија (1981), Светкамен (1991) и Животница (2006), како и на книгата есеи Ветрот на промените (1992). Во Историјата на македонската книжевност (1990) од М. Друговац, нејзината поезија е опишана како „игра, со мера и такт, меѓу архаичниот идиом и модерниот вербален знак“. Имаше дипломирано филозофија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работеше како новинар во весниците Борба и Нова Македонија, и беше уредник за култура во националната телевизија Телма. Беше член на Друштвото на писатели на Македонија од 1973 година и на Македонскиот ПЕН центар од 1974 година. Арбулјевска имаше преведено и неколку книги на македонски јазик, меѓу кои е Градина, пепел од Данило Киш. ###

Остани поврзан