• среда, 20 ноември 2024
На денешен ден
27 септември 2021 (МИА)   1601.- Роден е францускиот крал Луј XIII, кој во текот на владеењето од 1610 до 1643 година заведе апсолутизам со помош на кардиналот Арман Ришел. Го задуши востанието на хугените, продолжи со колонијалното ширење на Франција и ја започна Триесетгодишната војна за ослободување од Германското царство. Во време на неговото владеење во 1635 година е основана Француската академија. 1783.- Роден е шпанскиот генерал и мексикански цар Аугустин Итурбиде, кој во 1820 година преминал на страната на мексиканските востаници, а Конгресот на Мексико во 1822 година го прогласил за цар Аугустин Први. Неколку месеци по крунисувањето тој бил принуден да абдицира и ја напуштил земјата, а кога се вратил се обидел да ја поврати власта, но во 1824 година бил уапсен и стрелан. 1825.- Англискиот пронаоѓач Џорџ Стивенсон управуваше со својата парна локомотива која влечеше 38 вагони на линијата Стоктон - Дарлингтон во Велика Британија. За кратко време железничката мрежа се прошири во цела Европа. 1862.- Роден е јужноафриканскиот генерал и државник Луис Бота, еден од водачите на Бурите во војната со Англичаните од 1899 до 1902 година и прв премиер на Јужноафриканската унија од 1910 до 1919 година. Беше премиер на Трансвал од 1907 до 1910 година кога бурските републики Трансвал, Натал, Оранж и Кејпленд се здружија во Унија. 1854.- Во Атлантскиот Океан се случи првата несреќа - потона парабродот „Арктик“ со околу 300 луѓе. 1871.- Во Нуоро е родена Грација Делада (вистинското презиме и е Мадезани), италијанска писателка. Пишуваше приказни и романи во кои се прикажува народниот живот на Сардинија. Познати се нејзините дела „Цвеќе од Сардинија“, „Пепел“, „Мајка“ и други. Добитник е на Нобеловата награда за литература во 1927 година. Умре во Рим, на 15 август 1936 година. 1891.- Умре рускиот писател Иван Александрович Гончаров. 1908.- Вo Солун излезе првиот број на весникот на македонските револуционери „Единство“, што излегуваше под редакција на Димитар Влахов. Излегуваше двапати во неделата. Последниот број излезе на 5 јануари 1909 година. Овој е еден од најпрогресивните весници што се појавија по Младотурската револуција. Се застапуваше за доследно и крајно спроведување на револуцијата, за организирање на демократијата и револуционерните сили против реакцијата. Се бореше против политиката на Егзархијата во Македонија во Одринско. 1917.- Умре францускиот сликар, графичар и вајар Илер Жермен Едгар Дега, виртуозен цртач, сликар кого најмногу го интересирале живите и различни движења. На почетокот бил реалист, а подоцна се преобразил во импресионист. Во маслена техника изработил повеќе портрети, особено во младоста, а подоцна повеќе се служел со пастел. Во зрелите години работел исклучиво фигури. На крајот од животот работел и на ситни фигури кои ги правел од восок и глина. 1920.- Во Крушево е роден Таки Хрисик, македонски композитор и музички педагог. Работеше како диригент на хорот "Стив Наумов". Умре во Скопје, на 15 ноември 1983 година. 1921.- Умре германскиот композитор Енгелберт Хампердинк, професор на Конзерваториумот во Барселона, Келн, Франкфут на Мајна и во Берлин. 1992.- Грчкиот крал Константин Први поради воениот пораз во војната со Турците бил принуден по две години владеење по вторпат да абдицира со што и дефинитивно бил симнат од престолот. Станал крал во 1913 година, но во 1917 година првпат абдицирал бидејќи неговата одлука за неутралност на Грција во Првата светска војна предизвикала големо незадоволство и кај грчкиот народ и меѓу западните сојузници. 1938.- Друштвото на народите ја назначи Јапонија за агресор врз Кина. 1939.- По 19-дневен отпор Варшава падна во рацете на германските трупи. 1940.- Во Берлин, Италија и Јапонија потпишаа 10-годишен воен и економски пакт и формално создадоа сојуз на фашистички сили познат под името Оската Берлин-Рим-Токио. 1947.- Во Варшава на советувањето на комунистичките партии на СССР, Југославија, Бугарија, Романија, Унгарија, Чехословачка, Полска, Франција и Италија, беше основано Информационото биро на партиите (Информбиро) со седиште во Белград. Информбирото беше распуштено во 1956 година. 1959.- Тајфун усмрти безмалку 5.000 луѓе на јапонскиот остров Хонс. 1962.- Во Јемен со воен удар полковникот Абдула ал Сала ја собори монархијата и прогласи Јеменска Арапска Република. 1968.- Португалскиот диктатор Антонио де Оливеира Салазар, кој владееше 36 години, поради мозочен удар беше принуден да го напушти премиерското место. 1970.- Јорданскиот крал Хусеин и водачот на Палестинската ослободителна организација Арафат се состанаа во Каиро со шефовите на државите и на владите на десет арапски земји и потпишаа спогодба од 14 точки, со која заврши Граѓанската војна во Јордан. 1990.- Иран и Велика Британија ги обновија дипломатските односи кои Техеран ги прекина во 1989 година поради книгата „Сатански стихови“ на британскиот писател од индиско потекло Салман Ружди. Дипломатските односи на амбасадорско ниво беа подигнати во 1998 година. 1993.- Република Македонија е примена за член на Меѓународната агенција за атомска енергија. 1994.- Република Македонија воспостави дипломатски односи со Португалија и со Кралството Саудиска Арабија. 1994.- Во Скопје е основано Македонско-кинеското друштво за пријателство и соработка. 1995.- Израелската влада се согласи на Палестинците да им предаде голем дел од Западниот брег кој 28 години пред тоа беше окупиран. 1995.- Република Македонија е примена во Советот на Европа како 38-ма членка (свечениот прием е извршен на 9 ноември 1995 година). 1996.- Силите на фундаменталистичкото исламско движење на талибанците го зазедоа Кабул, главниот град на Авганистан, и го обесија Наџибул, поранешен шеф на државата. 1998.- На парламентарните избори во Германија победи Социјалдемократската партија. Лидер на Социјалдемократската партија беше Герхард Шреде кој стана шеф на владата. Шредер го прекина 16-годишното владеење на канцеларот Хелмут Кол, лидер на Христијанско-демократската унија. 2000.- Во експлозија на гас во рудник за јаглен на југот на Кина загинаа 118 рудари. 2000.- На врвот на планината Водно (место Крстовар) над Скопје, на православниот празник Крстовден, а по повод одбележувањето на 2000-годишината од Христовото раѓање, е поставен камен-темелникот на Милениумскиот крст. 2000.- Авион „Ербас 320“ на јорданската воздухопловна компанија се спушти на аеродромот во Багдат носејќи хуманитарна помош и лекари. Тоа беше прв патнички авион на арапска држава кој после една деценија слетал во Ирак. 2001.- Човек облечен во полициска униформа уби 14 луѓе кога упадна на седница на собрание на швајцарската кантона Цуг и отвори оган од автоматско оружје. 2001.- Владата на Република Македонија донесе одлука - согласност за распоредување на силите на НАТО „Килибарна лисица“ на територијата на Република Македонија заради спроведување на мисијата за обезбедување дополнителен придонес за безбедноста на меѓународните посматрачи, што НАТО ќе ја извршува врз основа на барањето на Република Македонија. 2002.- Источен Тимор, поранешна територија во состав на Индонезија и некогашна португалска колонија, е првата држава создадена во 21. век која стана 191 членка на Обединетите нации. 2017.- На 91-годишна возраст почина најголемиот плејбој на светот, Хју Хефнер. Основачот на магазинот „Плејбој“ даде 75.000 долари за да биде закопан покрај Мерилин Монро на гробиштата Вествуд меморијал парк, каде што се закопани некои од најголемите филмски и телевизиски ѕвезди. Мерилин се соблече за насловната страница на „Плејбој“ далечната 1953 година и тој број на магазинот е продаден во 50.000 примероци за рекордно кусо време. 2018.- На 71-годишна возраст умре Благој Истатов, македонската фудбалска легенда, поранешен голман на струмичка Беласица, Победа од Прилеп, Партизан од Белград и Утрехт од Холандија. Беше тренер на повеќе клубови во земјава и странство по завршувањето на кариерата, а најголемите успеси ги постигна со Беласица, меѓу кои и пласман во некогашната Единствена втора лига на Југославија. Истатов беше член и на Стручниот штаб на македонската фудбалска репрезентација како тренер на голманите, а потоа се вклучи во работата на ФФМ како член на Управниот одбор. Повеќе години живееше во Нов Дојран, каде има формирано своја фудбалска школа и беше сопственик на спортски комплекс и хотел, каде се подготвуваа многу екипи од земјава и странство. ###

Остани поврзан