• понеделник, 18 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
18 април 2021 (МИА) - Денеска е Меѓународен ден на спомениците на културата и локалитетите 1797.- Роден е францускиот државник и историчар Луј Адолф Тјер, основач и прв претседател на Третата република од 1871 до 1873 година. Како шеф на версајската влада во 1871 година во крв ја задушил Париската комуна. Дела: „Историја на Француската револуција“, „Историја на конзулствата и царствата“. 1882.- Во Лондон е роден Леополд Стоковски, американски диригент од полско потекло, пропагатор на современата музика, еден од најголемите диригенти во светот во 20 век. Умрел во Хемшаир, Англија, на 14 септември 1977 година. 1903 -  Загинал Константин Кирков (познат и како Костадин Кирков) — македонски револуционер-анархист, член на тајниот терористички кружок Гемиџии кој ги извел познатите Солунски атентати кон крајот на април 1903 година во Солун. Кирков прво ги минирал цевките низ кои поминувала вода и гас кај т.н. серска железничка станица во Солун, а потоа фрлил една бомба помеѓу луѓето пред „Гранд Хотел“. Загинал при обидот да ја крене во воздух телеграфската станица во текот на Солунските атентати, а тоа воедно бил и неговиот последен атентат. Кирков бил вљубен во убавата внука на сопственикот на тогашната солунска Отоман банк, Алис. 1906.- Силен земјотрес го погодил Сан Франциско, во САД, град кој тогаш имал 400.000 жители. Биле срамнети со земјата голем број квартови, а загинале над 700 луѓе. По првиот потрес следел друг со иста сила, а стихијата го уништила тоа што преостанало. За три години бил изграден нов и поголем град на пацифичкиот брег. 1909.- Во Скопје е роден Аспарух Хаџиниколов, македонски музички педагог и композитор. Тој и припаѓа на постарата генерација македонски композитори кои целокупната композиторска дејност ја насочувале кон негување и музичка обработка на македонски народни песни. Умрел во Скопје, на 11 август 1980 година. 1936.- Умрел италијанскиот композитор Оторино Респиџи, ученик на Николај Римски-Корсаков, кој создал дела во раскошни оркестарски бои, главно во импресионистички манир. Дела: „Грегоријански концерт“ за виолина и оркестар, симфониските поеми „Римски фонтани“, „Римски празници“, опери. 1941.- Со одобрение на Хитлеровата врховна команда, единиците на Петтата бугарска армија, со Шестата и со Седмата пешадиска дивизија, ја започнале воената окупација на Македонија. 1942.- Американската авијација првпат го бомбардирала Токио. 1955.- Во индонезискиот град Бандунг започнала афроазиската конференција на 29 земји, на која биле потврдени принципите на деколонизација и создавање на „третиот свет“. 1980.- Јужна Родезија под името Зимбабве станала 50-та независна држава во Африка. 1984.- Во Скопје умрел Софре Штерјоски, новинар на Радио Скопје, еден од најпознатите македонски хумористи и сатиричари, автор на повеќе книги за деца. Роден бил во селото Лавчани, Кичевско, на 20 април 1949 година. 1991.- Собранието на Република Македонија донесло одлука за промена на името на Радио-Телевизија Скопје во Македонска радио-телевизија. 1994.- Странските хуманитарни организации соопштиле дека етничките масакри на припадниците на племињата Хуту и Тутси, за време на кои се убиени околу милион лица, ја зафатиле целата територија на Руанда. 1996.- Република Македонија и Република Руанда воспоставиле дипломатски односи на ниво на амбасади. 2002.- Умрел норвешкиот истражувач и антрополог Тој Хејердал кој во 1947 година за 101 ден го препловил Тихиот Океан со сплавот „Кон-Тики“, изграден според нацрт од времето на Инките. Со тоа докажал дека перуанските Индијанци се можни населувачи на островите во Полинезија. Книгата за патувањето долго 8.000 километри е преведена на 67 јазици. Во 1970 година успеал да го преплови Атлантскиот Океан на сплав од папирус, сакајќи да докаже дека древните медитерански цивилизации биле во состојба да допрат до американскиот континент. 2004.- Новиот шпански претседател на влада, социјалистот Хосе Луис Родригез Сапатеро издал наредба за повлекување на околу 1.400 шпански војници од Ирак. 2007.- Најмалку 32 работници загинале во една челичарница на североисток од Кина, кога пукнал голем сад во кој се наоѓале 300 тони течен метал. Несреќата се случила во градот Тиелинг во провинцијата Лиаонинг. 2011.- Италијанскиот магнат Пјетро Фереро, првиот човек на компанијата која ги поседува Нутела, Ти-Так, Киндер и Фереро Рошер, загинал во Јужна Африка. Компанијата има 18 фабрики во кои работат 21.000 луѓе. 2018.- Поранешната американска прва дама Барбара Буш почина на возраст од 92 години. Таа беше значајна фигура во политичката династија, која вклучуваше двајца претседатели - нејзиниот сопруг Џорџ Буш и нејзиниот син Џорџ Буш помладиот. Барбара Буш беше прва дама од 1989 до 1993 година. Нејзиниот сопруг почина на 93 години, со што стана најдолговечниот американски претседател. Нејзиниот син беше избран во 2000 година и служеше два мандати како 43-ти претседател на САД. ###  

Остани поврзан