• сабота, 21 декември 2024
На денешен ден
23 март 2022 (МИА)   - Светски ден на метеорологијата и на водите 1309.- Папата Клемент Петти ја преместил папската престолнина во Авињон, во југоисточна Франција, каде што папската резиденција останала се до 1377 година. Овој престој на папата надвор од Рим е наречен „авињонско папско ропство“. 1616.- Во Стратфорд на Ејвон умрел Вилијам Шекспир, англиски драмски поет и артист. Се смета за еден од најголемите драмски писатели на сите времиња. Тој е автор на незаборавените и често изведувани многубројни дела, од кои најпознати се „Хамлет“, „Кралот Лир“, „Ромео и Јулија“, „Сонот на летната ноќ“, „Отело“ и „Магбет“. Роден бил во Стратфорд на Ејвон, на 26 април 1564 година. 1842.- Во Париз умрел Шари Анри Бејл, познат по псевдонимот Стендал, француски писател, основоположник на големата епоха на францускиот реализам. Тој се здобил со големо животно искуство како офицер, чиновник, дипломат и писател за време на реставрацијата во Франција. Негово најпознато дело е романот „Црвено и црно“ во кое се дава хроника и критика на француското општество за време на реставрацијата. Други негови познати дела се „Животот на Хајдн“, „Историјата на сликарството на Италија“, „Рим“ и „Арманса“. Роден бил во Гренобл, на 23 јануари 1783 година. 1861.- Грофот Камило Бенсо ди Квур, борец за обединување на Италија, станал првиот италијански премиер. 1881.- Роден е францускиот писател Роже Мартен ди Гар, добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1937 година. Дела: романите „Жан Бороа“, „Семејството Тибо“. 1900.- Роден е германскиот филозоф Ерих Фром. Дела: „Бегство од слободата“, „Човек за себе“, „Здраво друштво“, „Анатомија на човечката деструктивност“, „Мисијата на Зигмунд Фројд“, „Марксовата концепција на човекот“, „Човековото срце“, „Ќе бидете како богови“. 1908.- Родена е Џоана Крафорд, американска актерка, една од најславните актерки на Холивуд. За улогата што ја играше во филмот „Милдред Пирс“ во 1945 година ја доби наградата Оскар. Престанала да снима филмови во 1965 година, по што ја напишала автобиографската книга „Мојот начин на живеење“. Умрела на 10 мај 1977 година. 1910.- Роден е јапонскиот филмски режисер Акира Куросава, кој ја прославил јапонската кинематографија. Тој е единствен режисер добитник на два Оскара за најдобар странски филм. Критичарите го нарекле „тено (цар) на јапонската кинематографија“. Филови: „Рашомон“, „Седумте самураи“, „Крвавиот престол“, „Идиот“, „Да се живее“, „На дното“, „Додескаден“, „Кагемуша“, „Ран“, „Мададајо“. 1912.- Роден е германскиот инженер Вернер фон Браун, конструктор на нацистичките ракетни проекти „Фау-1“ и „Фау-2“, со кои во Втората светска војна била бомбардирана Велика Британија. По војната емигрирал во САД, каде раководел со производството на ракетните проекти „Редстоун“ и „Јупитер Ц“, со кои во 1958 година бил лансиран првиот американски вселенски сателит „Експлорер-1“. 1918.- Со гигантскиот германски топ „Голема Берта“ во Првата светска војна Париз бил бомбардиран од повеќе од 100 километри оддалеченост. 1919.- Бенито Мусолини во Милано ја основал Фашистичката партија (Fesci di Combattimento). 1940.- Во селото Мрсна, кај Серез, Егејска Македонија, е роден Ристо Шишков, македонски драмски, филмски и телевизиски актер, еден од најталентираните во македонската актерска уметност. Академија за театар завршил во Белград. Постојан член на Македонскиот народен театар станал од 1964 година. Во децениското живеење на оваа сцена остварил многу ликови како и бројни незаборавни ролји во македонски играни филмови „Републиката во пламен“, „До победата и по неа“, „Црно семе“, „Жед“, „Истрел“, „Црвениот коњ“ и други. Бил проследуван од тајните служби на СФР Југославија и СР Македонија како македонски националист и бил осуден и затворен. Умрел во Скопје, на 17 јуни 1986 година. 1948.- Умрел рускиот филозоф Николај Александрович Берѓаев, една од најинтересните интелектуални појави на 20 век. Стана најпознатиот руски филозоф на Запад. Дела: „Христијанството и класната борба“, „Смислата на историјата“, „Филозофија на слободата“. „Човек и машина“. 1956.- Пакистан со новиот устав станал исламска република. 1961.- Прогласен бил Светскиот ден на метеорологијата и на водите. 1994.- Министерството за односи со странство на Република Македонија преку амбасадата на Република Македонија во Турција примило нота од Министерството за надворешни работи на Република Казахстан со која се известува дека оваа земја ја признала нашата држава под уставното име. 1994.- Во Скопје бил одигран првиот меѓународен фудбалски натпревар меѓу фудбалската репрезентација на суверена Република Македонија и фудбалската репрезентација на Република Словенија. Резултатот беше 2:0. 1966.- Кантерберијскиот надбискуп во Рим се сретнал со папата. Тоа била прва средба по четири века на поглавар на Англиканската и Римокатоличката црква. 1983.- Умрел д-р Барни Кларк, првиот човек кој живееше 112 дена со вештачко срце. 1983.- Претседателот на САД Роналд Реган го соопштил планот за изградба на нов систем на одбраната заснован на вселенска технологија, подоцна познат како „ѕвездена војна“. Многу подоцна се согледало дека целата оваа приказна била елемент на психолошка војна без никакви реални основи. 1994.- Претседателскиот кандидат на владејачката Револуционерна институционална партија на Мексико Луис Доналдо Колосио, бил убиен на предизборен митинг во Тихуана. Една година подоцна, под обвинение дека е вмешан во атентатот, бил уапсен Раул Салинас, брат на мексиканскиот претседател Карлос Салинас. 1995.- За прв претседател на Генералниот директорат на Светската трговска организација бил избран Италијанецот Ренато Руѓеро. 1996.- Во Скопје, САД официјално го промовирале првиот американски амбасадор во Република Македонија, Кристофер Хил. 1996.- Ли Тенг Хуи ја презел должноста претседател на Тајван, како прв демократски избран лидер на овој кинески остров. 1998.- Рускиот претседател Борис Елцин го сменил претседателот на владата Виктор Черномирдин. 1999.- Рускиот премиер Евгениј Примаков ја суспендирал посетата на САД заради заканата од воени удари на НАТО врз Југославија, наредувајќи му на екипажот на авионот, над Атлантскиот Океан, летајќи кон Вашингтон, да се врати во Москва. 1999.- Во главниот град на Парагвај бил убиен потпретседателот на земјата Луис Марија Арган. 2001.- Во Скопје, во издание на „НИК ПРЕС“ ДОО, бил промовиран првиот број на неделниот магазин „Актуел“. 2001.- Остатоците од руската вселенска станица „Мир“ паднале во Тихиот Океан, со што по 15 години завршила мисијата на оваа вселенска лабораторија. 2007.- Официјални претставници на Мадагаскар соопштиле дека најмалку 69 луѓе загинале, а повеќе од десет илјади останале без покрив над главата, по циклонот кој претходните денови беснеел во Мадагаскар. Во луњата биле урнати 3.619 куќи, повеќе владини установи, училишта и мостови. 2008.- Во Сплит умрел Борис Дворник, еден од најпознатите театарски, телевизиски и филмски актери во Хрватска и во поранешната СФР Југославија. Роден бил во Сплит, во 1939 година. 2013.- Папата Франциск допатувал во папската резиденција во близината на Рим за да се сретне со својот претходник Бенедикт 16, што претставува прва средба на еден сегашен и еден поранешен папа. Новиот папа допатувал во Кастел Гандолфо со хеликоптер, каде на хелиодромот го пречекал неговиот домаќин Бенедикт 16. со кого срдечно се прегрнал, а потоа двајцата папи со автомобил заминале во резиденцијата. Во капелата, каде заедно се помолиле, Бенедикт на својот гостин му ја понудил традиционалната клупа да клекне, каква што користи папата. Новиот папа одбил сам да ја користи, велејќи: „Ние сме браќа“, по што двајцата заедно се помолиле на една клупа. Пред вилата, на главниот плоштад се собрале околу 2.000 верници, сакајќи да видат дел од историјата, извикувајќи „Франческо, Франческо“, како што Италијанците го викаат новиот папа.   ###

Остани поврзан