• четврток, 21 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
22 јули 2022 (МИА) 356 п.н.е.- Во градот Пела, Егејска Македонија, е роден Александар Македонски (син на македонскиот император Филип Втори и на Олимпија), една од најпознатите личности на стариот век, војсководец и државник, кој од малечката Македонија создал светска сила. Го поразил огромното персиско царство и во својот поход стигнал се до Индија. Умрел во Вавилон, на 13 јуни 323 г.п.н.е. 1784.- Роден е германскиот астроном и математичар Фридрих Вилхелм Бесел, основач и прв директор на Кенигбершката опсерваторија. Врз основа на геодетски пресметки извел нови податоци за формата и димензиите на Земјата. Усовршил и неколку математички методи во астрономијата. 1812.- Во битката кај Саламанка, во Шпанија, британската војска под команда на војводата Велингтон, ја поразила француската војска со која командувал Наполеоновиот маршал Мармон. 1888.- Роден е американскиот микробиолог Селман Ејбрахам Ваксман, добитник на Нобеловата награда за медицина во 1952 година. Наградата ја добил за пронаоѓањето на стрептомицинот, првиот антибиотик кој успешно ја сузбивал туберкулозата. Тој го пронашол и неомининот и ја напишал автобиографијата „Мојот живот со микробите“. 1908.- Младотурците ја презеле власта во Битола и ги ослободија сите затвореници. 1933.- Во Велес е роден Борис Поп Ѓорчев, со 25 награди, најтрофеен македонски новинар. Во „Нова Македонија“ работел од 1953 година. Во периодот 1975-1980 бил постојан дописник на весникот „Нова Македонија“ од Москва. По катастрофалниот земјотрес во Скопје, на 26 јули 1963 година бил член на мобилната екипа на „Нова Македонија“ која во наредните две недели, во Приштина, без прекин го продолжила излегувањето на најстариот македонски весник. Во ноември истата година бил еден од основачите на вториот македонски весник „Вечер“ каде бил заменик на главниот и одговорен уредник. Борис Поп Ѓорчев спаѓа во потесниот круг на основоположниците и први активисти на пливачкиот маратон во Македонија. Тој е еден од луѓето кој во 1962 година ја оствари идејата за одржување на Охридскиот пливачки маратон и наедно се избори за ова традиционално натпреварување да добие статус на светско првенство на слатки води, напоредно со светското првенство Капри - Неапол (Италија) кое стана светско првенство на солена вода. Починал на 25 јануари 2016 година. 1933.- Американскиот авијатичар Вили Пост го извел првото самостојно летање со авион околу Земјината топка. 1944.- Создадена била првата народна власт во Полска. Овој ден се прославува како државен празник на НР Полска. 1947.- Во Скопје, со фузионирањето на спортските друштва „Македонија“ и „Победа“ било формирано спортското друштво „Вардар“. 1948.- Во Скопје, со одлука на Владата на Народна Република Македонија, бил основан Институт за национална историја. 1972.- Советската вселенска сонда „Венера 8“ е првата која меко се спуштила на површината на Венера од каде 10 минути емитувала податоци, пред да и согорат инструментите. 1981.- Турскиот терорист Мехмед Али Агџа бил осуден на доживотен затвор поради обидот да го убие поглаварот на Римокатоличката црква папата Јован Павле Втори на 13 мај 1981 година. 1992.- Најголемиот колумбиски шверцер на дрога Пабло Ескобар избега од затвор. 2000.- Во Пакистан бил симнат од власт премиерот Наваз Шариф. Тој бил осуден на 14 години тешка работа откако судот го прифатил обвинението за корупција и му изрекол забрана да се занимава со политика 21 година. 2003.- Американските трупи во нападот на вилата во Мосул во северен Ирак ги убиле Удај и Кусај, синови на поранешниот ирачки претседател Садам Хусеин. Кусај бил шеф на ирачките специјални сили за безбедност и на тајната полиција за личното обезбедување на неговиот татко, а Удај бил командант на парамилитантните елитни единици. 2011.- Сликарот-реалист Лусијен Фројд, еден од најпочитуваните британски ликовни уметници, починал во Лондон, во 88-та година од животот. Лусијен Фројд бил внук на основачот на модерната психо-анализа Сигмунд Фројд. Роден бил во Берлин, во 1922 година, но во 1933 година, на почетокот од нацизмот во Германија, пребегнал со своите родители во Велика Британија, кога имал само десет години. Од 1939 година, тој станал британски државјанин. Фројд е најмногу познат по сликањето актови, неговата слика на гола жена, која се одмора на софа, во 2008 година била продадена на една аукција за 33,5 милиони долари, што е рекордна цена за слика на еден жив уметник. ###  

Остани поврзан