• сабота, 21 декември 2024
На денешен ден
17 јули 2021 (МИА)   1762.- Убиен бил рускиот цар од германско потекло Петар Трети Фјодорович Романов, кој владеел само неколку месеци. Бил отруен по налог на сопругата, подоцна царицата Катарина Велика. 1790.- Во Единбург умрел Адам Смит, најпознатиот претставник на англиската класична политичка економија. Меѓу другите, ги напишал делата „Теорија на моралните чувства“ од областа на етиката и „Истражување за природата и причините за богатството на народот“ од областа на економијата. Роден бил на 5 јуни 1723 година. 1821.- Шпанија се откажала од Флорида во корист на САД. 1862.- Во САД стапил во сила Законот за ослободување на црнците-робови. Тогаш околу 190.000 поранешни робови од територијата на југот на САД стапиле во редовите на федералната армија. 1899.- Роден е американскиот филмски актер Џејмс Кегни, уметник со несекојдневна енергија и експресивност. Филмови: „Државен непријател“, „Грешников одмор“, „Победникот зема се“, „Сон на летната ноќ“, „Оклахома Кид“, „Јанки Дудл Данди“ (Оскар), „Крв на сонце“, „Цена на славата“, „Човек со илјада лица“, „Еден, два, три“, „Регтајм“. 1912.- Умрел францускиот математичар, физичар и филозоф Жил Анри Поенкаре, кој пред Алберт Ајнштајн ја засновал специјалната теорија за релативноста. Објавил повеќе од 500 математички трудови, а изучувал хидродинамика, астрономија, теориска и математичка физика, ја развил електромагнетската теорија на светлината, електрицитетот. Во филозофијата се бавел со теорија на науката. Објавил 32 книги. Дела: „Наука и хипотеза“, „Вредноста на науката“, „Науката и методот“. 1936.- Франциско Франко, шпански диктатор, ги повел своите трупи против Републиканската армија на премиерот Асано. Тоа бил почетокот на Шпанската граѓанска војна, која набрзо прераснала во борба на демократските сили против фашизмот. 1941.- Во шумата крај Загреб усташите го стрелале Аугуст Цесарец, истакнат хрватски револуционер и писател. Ги напишал делата „Судете ми“, „Царевото кралство“, „Тонкината единствена љубов“ , „Синови на татковината“ и други. Роден бил во Загреб, на 4 декември 1893 година. 1945.- Во Потсдам, во близина на Берлин, лидерите на трите големи сили - Сталин, Черчил и Труман - се согласиле да расправаат за судбината на Германија која капитулирала. На конференцијата биле склучени неколку спогодби: да се формира совет на министри за надворешни работи од СССР, Велика Британија, САД, Кина и Франција, кој требало да предложи решенија за територијалните прашања, да се спроведе контрола на разоружувањето и на демилитаризирањето на Германија, казнување на злосторниците, контрола на наставата и на судството и децентрализација на Германија. 1965.- Американските бомбардери од типот „Б-52“ познати под името "летачки тврдини" од базата Гуам за првпат ги бомбардирале целите на територијата на Виетнам. 1975.- Во орбитата околу Земјата се споиле советскиот вселенски брод „Сојуз 19“ и американскиот „Аполо 18“, а командантите на леталата Алексеј Леонов и Том Стафорд се ракувале и си размениле честитки, при што Русинот зборувал на англиски, а Американецот на руски јазик. 1976.- Умрел Вељо Личеноски, прв филмски монтажер во Македонија, еден од основоположниците на македонскиот филм и еден од најистакнатите режисери на ТВ Скопје. Роден бил во 1930 година. 1984.- Лансиран бил советскиот вселенски брод „Сојуз 12“. Членот на екипажот Светлана Савицкаја станала првата жена која „прошетала“ во вселенскиот простор надвор од леталото. 1987.- Франција ги прекинала дипломатските односи со Иран. 1993.- Во Будимпешта, деветте земји-членки на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ), ја примиле Република Македонија како полноправна, десетта членка на оваа асоцијација. 1994.- Бразил на Светското првенство во фудбал во САД ја освоил четвртата шампионска титула, што дотогаш на никој не му успеало. 1995.- Умрел аргентинскиот автомобилски ас Хуан Мануел Фанџо, кој бил петпати светски шампион во „Формула - 1“. Бил прв во светот во 1951, 1954, 1955, 1956 и во 1957 година. 1998.- Џиновски бранови - цунами, предизвикани од силниот земјотрес во пацифичкото подморие збришале шест села на севернозападниот брег на Папуа Нова Гвинеја, усмртувајќи повеќе од 3.000 луѓе. 2005.- Умрел поранешниот премиер на Велика Британија сер Едвард Хит, во чиј мандат од 1970 до 1974 година, Британија влегла во Европската економска заедница, денешна Европска унија. 2006.- Умрел американскиот писател Мики Спилејн, автор на серии романи за приватниот детектив Мајк Хамер. Роден бил во 1918 година во Бруклин (Њујорк). Неговите книги се продадени во повеќе од 100 милиони примероци ширум светот, а се снимени мноштво филмови и телевизиски серии. 2007.- Умрел актерот Михаил Канонов, руски народен уметник. Снимил повеќе од 50 филмови, а дебитирал во филмот на Иван Пирјев „Зеднички другар“. Публиката го запаметила по филмовите „Почеток“, „Андреј Рубљов“, „Голема промена“, „Збогум и прости“. Последната улога ја одиграл во телевизиската серија „Во првиот круг“, снимена според романот на Александар Солжењицин. 2009.- Умрел Волтер Кронкајт, американски новинар. Бил еден од најценетите радио/тв новинари во светот, догогодишен уредник на Си-Би-Ес. 2019.- По кратко боледување на 82-годишна возраст почина Драги Арсов, поранешен пратеник и прв потпретседател на Собранието. Роден е во 1937 година во Кочани. Завршил Факултет за политички науки. Драги Арсов е и еден од основачите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и потписник на Декларацијата за независност. Арсов од 1998 до 2002 ја извршувал функцијата заменик-министер за информации. ##

Остани поврзан