• сабота, 16 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
18 септември 2021 (МИА) - Меѓународен ден на геолозите. 1502.- Шпанскиот морепловец од италијанско потекло Кристофер Колумбо пристигна на Костарика на четвртото и последно патување во Новиот свет. 1709.- Роден е англискиот писател и лексикограф Самуел Џонсон. Неговиот „Речник на англиски јазик“ од 1755 година повеќе од еден век важеше за најавторитетен на англиското говорно подрачје. 1753.- Во Москва умре Христофер Жефарович, еден од најраните македонски преродбеници, свештеник, писател, ликовен уметник. Зборуваше речиси на сите балкански јазици, а го познаваше и латинскиот јазик. Беше еден од најдобрите и највлијателните ликовни уметници на Балканот. Автор е на книгата со религиозна содржина „Поучение свјатителское и новопостановленому језику“ и „Описание светога божија града Јерусалима“, како и на книгата со световна содржина „Стематографија“, која има посебно значење за хералдиката. Роден е во Дојран, околу 1800 година. 1759.- Французите по воениот пораз мораа на Англичаните да им ги отстапат провинциите Квебек и Канада. Во последната битка загинаа и командантите - Британецот Џејмс Волф и Французинот Луј Монкалм. 1810.- Во Чиле под раководство на Бернард О`Игинс започна востанието против шпанските колонијални власти. 1819.- Роден е францускиот физичар Жан Бернар Леон Фуко кој заедно со Арман Иполит Луј Физо ја измерија брзината на светлината. 1820.- Францускиот математичар и физичар Андре-Мари Ампер ја објави теоријата за електромагнетното поле. Неговите откритија имаат големо значење во областа на електричниот магнетизам. 1851.- Во Њујорк, САД, излезе првиот број на дневниот весник „Њујорк дејли тајмс“, еден од најтиражните весници во светот. 1876.- Во Белград е роден Милан Ракиќ, српски писател, театарски критичар, реформатор на стихот и академик. Неговите песни спаѓаат во најдобрата поезија во српската лирика во 20. век. Дела: „Песни“ и „Нови песни, песни“. Роден е во Загреб, на 30 јуни 1938 година. 1895.- Во Сплит е роден Иво Тијардовиќ, хрватски композитор, либретист, сликар и сценограф, диригент и раководител на театри во Сплит и во Загреб. Напиша осум оперети и три опери. Познати му се оперетите „Мала Флорами“, „Сплитски акварел“, операта „Марко Поло“ и други дела. Оперетата „Мала Флорина“ на сцената на Македонскиот народен театар првпат е поставена во 1957 година. Умре во Загреб, на 19 март 1976 година. 1905.- Во Стокхолм е родена Грета Гарбго (Грета Луиза Густафон), шведска актерка, една од најголемите легенди на Холивуд. Умре во Њујорк, на 15 април 1990 година. 1911.- Умре рускиот премиер Петар Аркадијевич Столипин, шеф на владата од 1906 година кој со економските реформи го зајакна руското стопанство. Со брзите реформи во земјоделството и аграрот овозможи Русија да произведе вишок на храна. 1912.- Во Истанбул е роден Густав Влахов, македонски револуционер, политички работник, дипломат и носител на „Партизанска споменица 1941“. Тој е син на македонскиот револуционер Димитар Влахов, кој имаше големо влијание Густав рано да се вклучи во револуционерното движење. Член е на КПЈ од 1933 година. Густав Влахов учествуваше во редовите на Црвената армија при одбраната на Москва, вршејќи разни одговорни воени должности. По ослободувањето вршеше одговорни должности во Македонија и во федералните органи на СФРЈ. Умре во Белград, на 16 јануари 1991 година. 1929.- Во селото Клечовце, Кумановско, е роден Драган Богдановски, еден од најпознатите политички емигранти и идеен творец и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Погребен е во Куманово, на 1 август 1998 година. Умре во Копенхаген, Данска, во месец мај, 1998 година. 1931.- Откако го предизвикаа инцидентот кај Мукден, Јапонците го започнаа нападот врз североисточна Кина (Манџурија) и ја окупираа оваа азиска област. Окупацијата траеше се до 1945 година кога советските трупи ги протераа Јапонците. 1934.- СССР пристапи кон Друштвото на народите, но подоцна, на 14 декември 1939 година, е исклучен поради нападот врз Финска. 1938.- Во селото Модрич, Дебарско, е роден Бошко Смаќоски, македонски писател. Дело: „Мајски ѕвончиња“, „Додека роси“, „Модричка тетратка“, „Големи и мали“, „Животот занает најтежок“ и последното негово дело „Лето господово, лето ѓаволово“. Умре во Скопје, на 13 март 1998 година. 1944.- Германските единици кои се повлекуваа од Грција упаднаа во Струмица, но не успеаја да воспостават окупаторска власт, ниту да ги оневозможат органите на народната власт да ја извршуваат својата должност. 1961.- Во авионска несреќа во Северна Родезија, под околности кои не се расветлени, загина шведскиот дипломат, генерален секретар на Обединетите нации од 1953 година Хајлмар Агне Даг Хамаршелд, доктор по филозофија и академик. Смртта го затече кога ја предводеше мисијата за решавање на конгоанската криза во која неговите ставови не беа по волја на влијателни западни земји. Постхумно му беше доделена Нобелова награда за мир. 1962.- Во Бејрут фалангата и десничарите на мајор Саад Хадат во палестинските логори според зборовите на Јасер Арафат убиле околу 3.000 луѓе. 1964.- Умре ирскиот писател Шон О`Кејзи познат автор на драми. Во младоста беше физички работник и комунист, организатор на ирската Граѓанска армија и борец за слободна Ирска. 1973.- Генералното собрание на ООН во своето членство ги прими СР Германија, ДР Германија и Бахамските Острови. 1978.- Заради египетско-израелскиот договор во Кемп Дејвид, во знак на протест оставка поднесоа египетскиот шеф на дипломатијата Ибрахим Камел и амбасадорот во САД Ашраф Горбал. 1981.- Во Франција е укината смртната казна. 1982.- Либанската христијанска милиција го изврши масакрот во палестинските бегалски логори Сабар и Шатила во Бејрут, во кој убија најмалку 800 луѓе, реванширајќи се на исламските терористи кои четири дена пред маскарот го убија лидерот на христијаните и новоизбраниот претседател на Либан Бешир Џемаил. 1987.- Умре Драги Крстевски - Амфи, еден од најпознатите македонски артисти, член на „Драмата“ при Македонскиот народен театар. Роден е во 1929 година. 1996.- Во Ереван, Ерменија умре Ристо Ничевски, македонски интернационален шаховски мајстор. Роден е во Битола, на 28 јуни 1945 година. 1993.- Околу 2.000 доброволци тргнаа кон градот Сухуми одговарајќи на апелот на претседателот на Грузија Едуард Шеварнадѕе со оружје да се спротивстават на абхашките сепаратисти. 1997.- Исламски терористи во центарот на Каиро нападнаа туристички автобус при што убија девет германски туристи и египетски возач. 2001.- Претседателот на САД Џорџ Буш потпиша документ со кој се одобрува воена акција против одговорните за терористичките напади во Њујорк и Вашингтон од 11 септември. 2005.- Во Авганистан се одржани парламентарни и локални избори, први по 1969 година. 2005.- Умре Јегор Јаковљев, руски новинар и писател. Тој е симбол на демократските промени од времето на перестројката, кој како главен уредник на весникот „Московски новости“, од 1986 до 1991 година, од весникот направи центар во кој се собираа интелектуалци кои ги поддржуваа суштинските промени во советска Русија. 2006.- Во големите демонстрации во Будимпешта повредени се повеќе од 120 демонстранти и повеќе од 100 полицајци. Демонстрациите ги предизвика снимката од изјавата на премиерот Ференц Ѓурчањ на која тој зборува дека „членовите на коалицијата во изминатата година и пол (откако е тој дојден на власт) непрекинато ги лаже граѓаните“. Меѓу милитантните демонстранти посебно се истакна Ласло Тороцки, лидер на пронацистичкото движење „64 жупании“. 2014.- Во родното село Вевчани, по долго боледување, почина писателот Милутин Бебекоски. Член на Друштвото на писателите на Македонија беше од 1973 година. Како поет и писател за деца Милутин Бебекоски остави богат опус со вредности кои се вградени во развојните процеси на современата македонската литература. Автор е на десетина поетски книги, меѓу кои „Нишалки под виножитото“, „Ѕвездена труба“, „Копче од ѕвезда“, „Воденици“ и „Дреноцут“. За своето творештво е добитник на наградата на РТВ Скопје. Бебекоски е роден во 1941 година. ###

Остани поврзан