• понеделник, 25 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
16 април 2021 (МИА) - Денеска е Светски ден на културното наследство 1844.- Во Париз е роден Жак Анатол Франс Тибо, француски романсиер, сатиричар и критичар. Негови најпознати дела се „Современа историја“, „Злосторството на Силвестер Бонар“, „Бунтот на ангелот“, „Боговите се жедни“ и други. Во 1921 година ја добил Нобеловата награда за литература. Умрел на својот имот Ла Бошлери, кај Тур, на 12 октомври 1924 година. 1859.- Умрел францускиот историчар и политичар Алексис Клерел де Токвил, противник на револуционерните општествени промени, а битно влијаел врз граѓанските историчари во 19 и 20 век. Дела: „Демократијата во Америка“, „Стариот режим и револуцијата“. 1867.- Роден е американскиот пилот и конструктор на авиони Вилбур Рајт, пионер на авијацијата, кој во 1903 година со неговиот брат Орвил со авион што го направиле самите, го извеле првиот лет во историјата на воздухопловството. Летот траел 59 секунди и авионот прелетал 285 метри. Браќата Рајт во 1905 година конструирале авион кој прелетал 39 километри. Во 1909 година, ја основале „Америкен Рајт компани“ за производство на авиони и истата година на САД им го испорачале првиот борбен авион „Сигнал Корпс“. 1871.- Револуционерната власт на Париската комуна донесла „Декрет за напуштените претпријатија“, според кој, целото стопанство, чии сопственици избегале од Париз, било предадено на работниците. Со тоа пролетаријатот првпат во историјата ги презел во свои раце фабриките и другите претпријатија и се здобил со право да управува со нив. 1889.- Во Вилворт, предградие на Лондон, е роден Чарли Спенсер Чаплин, англиски филмски актер, сценарист, режисер, најпознат светски комичар на 20 век. Имал снимено 75 краткометражни и долгометражни филмови. Најпознати негови филмови се „Кучешки живот“, „Потрага по злато“, „Циркус“, „Светлините на велеградот“ и „Господин Ведру“. Умрел во швајцарскиот град Вевеј, на брегот на Женевското Езеро, на 25 декември 1977 година. 1921.- Роден е британскиот актер, режисер и писател од руско-француско потекло Питер Александер Јустинов, амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ и УНЕСКО. Пред Втората светска војна во театарот најмногу играл во своите комедии: „Љубовта на четворицата полковници“, „Романов и Џулиета“, „Фото-финиш“, „Десетта симфонија“. Ја напишал и автобиографијата „Dear me“. Филмови: „Quo vadis“, „Спартак“, „Топкапи“, „Виолетово такси“. 1945.- Во Скопје, на Второто вонредно заседание на АСНОМ што се одржало од 14 до 16 април биле донесени значајни акти за натамошниот развој и афирмација на македонскиот народ. Меѓу другото, АСНОМ бил преименуван во Народно собрание на Демократска Федеративна Македонија. Најзначаен акт донесен на заседанието е формирањето на првата Влада на ДФМ. Прв претседател на Владата бил Лазар Колишевски. Формирањето на Владата било меѓу најзначајните државно-правни акти со кои било заокружено конституирањето на народната власт, како и афирмирањето на државната и националната самобитност на македонскиот народ. 1947.- Во градот Тексас во истоимената држава загинале повеќе од 500 луѓе во експлозија на француски камион наполнет со нитрит. 1951.- Британската подморница „Афреј“ потонала во каналот Ламанш при што загинале 75 луѓе. 1970.- Снежна лавина, која го затрупала детскиот санаториум во местото Саланш во француските Алпи, усмртила 72 луѓе. 1991.- Собранието на СР Македонија го усвоило Нацрт-амандманот за бришење на атрибутот „Социјалистичка“ пред името на Социјалистичка Република Македонија. Називот Република Македонија е усвоен на 7 јуни 1991 година. 1991.- Умрел англискиот филмски режисер Дејвид Лин. Филови: „Кратка средба“, „Големо исчекување“, „Оливер Твист“, „Мадлена“, „Хобсонов избор“, „Мостот на реката Квај“ (Оскар), „Лоренс од Арабија“ (Оскар), „Доктор Живаго“ (Оскар), „Рајановата ќерка“, „Патот во Индија“. 1994.- Умрел американскиот писател од афроамериканско потекло Ралф Валдо Елисон, чиј роман „Невидливиот човек“ е еден од најимпресивните во американската литература по Втората светска војна. Ја напишал книгата есеи „Сенка и чин“. 1996.- Поранешниот премиер на Италија, Бетино Кракси, италијанскиот суд врз основа на обвинението кое го товараше за корупција, го осудил на осум години и три месеци затвор. 2003.- Лидерите на 10 европски земји на Самитот на Европската унија во Атина потпишале договори за приклучување во Европската унија на 1 мај 2004 година. Договорите ги потпишаа лидерите на Естонија, Кипар, Летонија, Литванија, Унгарија, Малта, Полска, Словачка, Словенија и Чешка. 2007.- Во Хаг започнал судскиот процес против поранешниот македонски министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски за наводни воени злосторства во конфликтот кој го предизвикаа албанските бунтовници во 2001 во Република Македонија. Покрај Бошкоски обвинет бил и Јохан Тарчуловски. 2018.- Познатиот српски кларинетист Божидар Боки Милошевиќ почина во Белград на возраст од 87 години. Тој од 1976 година па се до заминувањето во пензија беше шеф на Народниот оркестaр на РТС, а продолжи да настапува и учествува во музичките програми и во подоцнежните години. Работеше и како професор во музичкото училиште „Јосип Славенски“, а беше и член на Белградската филхармонија. Милошевиќ е роден 1931 година во Прокупље, а со музика почнал да се занимава од 1950 година. Дипломирал и магистрирал на Музичката академија во Белград. ###  

Остани поврзан