• петок, 22 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
4 октомври 2020 (МИА) - Светски ден за заштита на животните - Светски ден на населбите 1669.- Во Амстердам умрел Харменсон ван Рајн Рембрант, холандски сликар, еден од најпознатите во историјата на европското сликарство кој ја довел до совршенство хуманизацијата на човековиот лик. Автор е на делата „Ноќна стража“, „Час по анатомија“, „Христос во Емауд“ и други. Роден бил во Ленда, на 15 јули 1606 година. 1787.- Роден е францускиот политичар и историчар Франсоа Пјер Гијом Гизо, шеф на дипломатијата од 1840 до 1847 година и претседател на владата од 1847 до 1848 година. Соборен бил од власта во Февруарската револуција во 1848 година кога паднал и кралот Луј Филип. Дела: „Историја на англиската револуција“, „Историја на цивилизацијата во Франција“. 1824.- Мексиканскиот народ по долготрајна борба против шпанската колонијална војска се изборил за независност и го прогласил Мексико за република со неофицијален назив Соединетите Држави Мексико. 1830.- Белгија станала независна држава, одвојувајќи се од Холандија чиј дел била од 1815 година. Причините поради кои се одвоиле биле верската нетрпеливост бидејќи повеќето Белгијци се римокатолици, а Холанѓаните протестанти. 1853.- Османлиското царство ја започнало Кримската војна во која во 1854 година се придружиле Франција, Велика Британија и Сардинија (Пиемонт). Во војната Русија по големите борби на крајот на 1856 година доживеала пораз. 1865.- На состанокот меѓу прускиот канцелар Бизмарк и францускиот цар Наполеон III била постигната спогодба Кралството Прусија да го преземе врховното водство во Германија. Тој договор подоцна и се одмаздил на Франција. Агресивната политика на Бизмарк довела до војна во 1870 година, во која Наполеон III доживеал тежок пораз, а Прусија врз урнатините на неговото царство воспоставила нова обединета германска империја. 1870.- Француското собрание, по три дена откако бил заробен Наполеон III во битката кај Седан во француско-пруската војна, ја обновило републиката. Тогаш било одлучено, под притисок на јавното мислење, Франција да ја продолжи борбата против Прусија, која завршила со огромен пораз. 1892.- Роден е австрискиот државник Енгелберт Долфус, канцелар од 1932 до 1934 година. Тој се противел на идејата на Адолф Хитлер да ја припои Австрија со Германија. Поради упорното спротивставување на Хитлеровата намера, австриските нацисти го убиле во Виена во јули 1934 година, но сепак нивниот пуч тогаш завршил без успех. 1895.- Роден е американскиот филмски актер Џозеф Френсис, познат како Бастер Китон. Најчесто играл ролји на самотник, кој е во судир со сите. Филмови: „Генерал“, „Навигатор“, „Шерлок помладиот“, „Снимател“, „Булевар на самракот“, „Светла сцена“. Умрел на 1 февруари 1966 година. 1924.- Роден е американскиот актер Чарлс Картер, познат како Чарлтон Хестон. Филмови: „Десетте заповеди“, „Бен Хур“ (Оскар), „Јулиј Џезар“, „Агонија и екстаза“, „Ел Сид“ (Оскар), „Мајор Денди“, „Планетата на мајмуните“, „Земјотрес“. 1937.- Во Скопје било основано спортското друштво Раднички (за време на НОВ на Македонија се викало ФК Слобода). По завршувањето на НОВ го носи името Работнички, а во првата декада на 21. век Работнички Кометал. 1941.- Во селото Чучер, Скопско, бил формиран првиот Народноослободителен одбор во Македонија. За прв претседател бил избран Петар Крстев Урдаревски. 1957.- Западните земји, особено САД, биле изненадени, бидејќи било јасно дека сателитот „Спутник1“ може да исфрли исклучително силна ракета, многу посилна од оние со кои во тоа време се експериментирало на Запад. Поради студената војна дошло до остро вселенско натпреварување. 1996.- Британската африканска колонија Басутоленд се стекнала со независност под името Кралство Лесото. 1970.- Американската пејачка Џенис Џоплин била пронајдена мртва. Била најпознатата бела пејачка на блуз во шеесеттите години од 20. век. Прекумерната доза на дрога била причината за нејзината смрт. 1986.- Во Охрид, во катедралната црква „Света Софија“, се одржал Архиепископски изборен црковно-народен собир, на кој г.г. Гаврил (Ѓорѓи Милошев) бил избран за трет по ред Архиепископ охридски и македонски - поглавар на Македонската православна црква. Следниот ден во црквата „Свети Климент“, новоизбраниот поглавар положил свечена заклетва и му биле врачени архиепископските обележја. Прв поглавар на Македонската православна црква бил обновувачот на Охридската архиепископија и организатор на Македонската православна црква архиепископот г.г. Доситеј (Димитар Стојковски), втор архиепископот г.г. Ангелариј (Цветко Крстевски), четврти г.г. Михаил (Методи Гогов) и петти г.г. Стефан (Стојан Велјановски). 1992.- Владата на Мозамбик со бунтовниците потпишала мировен договор со што по цели 16 години завршила граѓанската војна во земјата која до 1975 година била португалска колонија. 1993.- Во Москва била емитувана одлуката на претседателот Елцин за воведување вонредна состојба во главниот град на Русија. Со неа се забранувало секакво собирање, односно забрането било одржување на митинзи и демонстрации. Руската влада го повикала народот да не се вклучува во немирите. 1995.- Во Скопје умрел Благоја Црвенков, првиот академски образовен актер во Македонија. Роден бил во 1915 година. 1996.- Талибанците го зазеле Кабул, главниот град на Авганистан. Набрзо уследил терор врз неистомислениците. 1998.- Во Скопје бил поставен камен-темелник за изградба на црквата „Света Богородица“. 2004.- Во Вентури, Калифорнија, САД, умрел Гордон Купер, американски астронаут, еден од пионерите на првата американска вселенска програма „Меркјури“. Роден бил во 1927 година. 2005.- Европската унија ги започнала преговорите со Турција за членство на земјата во најголемата регионалната интеграција во светот. Со драстични осцилации и прекини, преговорите траат и денес, кога се речиси на најниското ниво од напредокот. 2016.- Добитници на Нобеловата награда за физика станале Дејвид Џ. Тоулес од Универзитетот Вашингтон во Сиетл, Данкан Халдејн од Принстон и Мајкл Костерлиц од Универзитетот Браун - Британци, кои работат во САД. Тие се наградени за откритија на полето на тополошката транзиција. Половина награда добил Тоулес, а по четвртина Халдејн и Костерлиц. Ним им било оддадено признание за теоретска работа на „тополошки фазни транзиции и тополошки фази на материи“. Станува збор за истражување на електрична проводливост на екстремно тенки површини, кои може да се сметаат за дводимензионални. Ова истражување може да има примена во иднината во науката за материјали и во електрониката. ###

Остани поврзан