• петок, 22 ноември 2024
На денешен ден
9 август 2022 (МИА)   916.- Во Охрид умрел свети Климент Охридски, родоначалник на словенската литература и на црковното беседништво, прв оригинален словенски и македонски поет, говорник, преведувач, прв епископ словенски и македонски на Балканот, но и заштитник на Охрид. Роден бил во Охрид, околу 840 година. 1776.- Роден е Лоренцо Романо Амадео Карло Авогадро, италијански природонаучник, физичар и хемичар. Познат е Авогадровиот закон кој гласи: „Сите гасови при еднакви услови - температура, притисок, зафатнина - имаат ист број молекули“ и претставува основа на теориската хемија и на молекуларната физика. Умрел во 1856 година. 1883.- Во Велес е роден Панко Брашнаров, македонски национален деец, народен учител, комунист, хуманист, воденичар, кафеџија, градинар и слуга, најстар пратеник на Првото заседание на АСНОМ, прв претседавач на Заседанието и прв потпретседател на АСНОМ, прв повереник на првата привремена влада на Македонија и иницијатор за формирање на првата новинска агенција на Македонија, најблизок соработник на Методија Андонов - Ченто. Умрел на Голи Оток, на 13 јули 1951 година. 1919.- Во Монтекатини умрел Руџеро Леонкавало, италијански композитор, претставник на веристичкиот правец во италијанската музика. Негово најзначајно дело е операта „Палјачи“, која зборува за животот на една патувачка актерска дружина. Роден бил во Неапол, на 8 мај 1858 година. 1945.- Воздушните сили на САД ја фрлиле и втората атомска бомба (првата ја фрлиле врз Хирошима, на 6 август 1945 година), врз јапонскиот град Нагасаки, при што градот бил урнат до темел. Загинале околу 36.000 жители, повеќе од 40.000 биле повредени, а во пожарот изгореле повеќе од 20.000 куќи. Шест дена по атомската експлозија, јапонскиот цар Хирохито објавил безусловна капитулација на Јапонија. 1975.- Во Москва умрел Дмитриј Шестакович, руски композитор, пијанист и музички педагог. Создал околу 100 музички дела, вклучувајќи и 15 симфонии, меѓу кои најпознати се Единаесеттата и Тринаесеттата. Роден бил во Санкт Петербург, на 25 септември 1906 година. 1995.- Во Сан Франциско умрел Џери Гарсија, легендата на американската поп култура, познат по музичката група „Грејтфул дед“. Роден бил во 1942 година. 2012.- Во 86-тата година од животот умре Коле Јордановски, познат инжинер архитект. Бил архитект со меѓународно реноме, експерт на Обединетите нации во сферата на архитектурата, генерален директор на Генералната дирекција за обнова и изградба на Скопје. Избран бил за претседател на општина Идадија и имал предводничка улога во обновата на Скопје по земјотресот.   ###

Остани поврзан