На денешен ден
- 1380.- Умре францускиот крал Шарл V Мудриот кој како регант во времето додека неговиот татко Жан II беше заробеник на Англичаните, во 1358 година го задуши големото селско востание познато ка
16 септември 2021 (МИА)
- Денеска е Светски ден на мирот
- Меѓународен ден за заштита на озонската обвивка
1380.- Умре францускиот крал Шарл V Мудриот кој како регант во времето додека неговиот татко Жан II беше заробеник на Англичаните, во 1358 година го задуши големото селско востание познато како Жакерија. Во текот на владеењето од 1360 година успеа по Стогодишната војна со Англичаните да придобие голем дел од територија која Франција ја загуби со катастрофалниот Бретански договор.
1387.- Роден е англискиот крал Хенри V, кој во текот на владеењето од 1413 до смртта во 1422 година ја продолжи Стогодишната војна со Франција. Ги победи Французите во 1415 година кај Азенкур и го освои Париз.
1498.- Умре шпанскиот домениканец Томас де Торкемада, прв „голем инквизитор“ од 1483 до 1949 година, симбол на злогласната римокатоличка инквизиција во Шпанија. Како шеф на инквизиторскиот трибунал спалуваше луѓе и „еретички книги“, а во 1942 година го убеди кралот Фердинанд V да издаде декрет за протерување на Евреите, по што 300.000 Евреи мораа да ја напуштат Шпанија.
1736.- Умре германскиот физичар Габриел Даниел Фаренхајт, кој во 1726 година го направи првиот термометар со жива. Тој ја создаде и скалата за мерење на температура од 180 степени, наречена по неговото име, на која точката на замрзнување е 32 степени. Фаренхајтовата скала се употребува во САД, а порано се употребуваше и во Велика Британија.
1745.- Роден е рускиот војсководец Михал Иларионович Кутузов, еден од најголемите воени стратези на 19. век. За време на нападот на францускиот цар Наполеон Први врз Русија во 1812 година после битката кај Бородин, и покрај противењето на царот и генерал Александар Први, тој ги пушти Французите да влезат во Москва, а потоа им нанесе огромен пораз, истерувајќи ги до Париз. За време на војната против Отоманското царство во 1811 година многу успешно командуваше со руско-молдавската армија. Поради неговата голема популарност кај рускиот народ, во СССР во Втората светска војна се востановени три Кутузови ордени. Умре во Болеславец, во Полска, на 28 април 1813 година.
1810.- Со масовно оружено востание на селаните, што го предводеа Мигуел Хидалго и Хосе Моралес, во Мексико почна борбата за независност од шпанските колонизатори. Тој ден е прогласен за национален празник на државата Мексико која беше шпанска колонија од 1519 година.
1824.- Умре францускиот крал Луј XVIII, кој владееше за време на реставрацијата на Франција по падот на царот Наполеон. Титулата крал ја доби во 1795 година, но вистински владееше од 1814 година до смртта, кога на престолот го наследи неговиот брат Шарл X.
1859.- Шкотскиот истражувач Дејвид Ливингстон во источна Африка го откри големото езеро Њаса кое го делат Малави, Танзанија и Мозамбик.
1861.- Градот Загреб на Вук Караџиќ му ја врачи Повелбата за почесен граѓанин, со која му се дадени „сите права, слободи и добра на секој граѓанин на Загреб според законот и старите народни обичаи“.
1908.- Виена и Москва се договорија Австроунгарија да не се противи на отворањето на Босфор за руските бродови, а Русија на Австроунгарија и овозможи анексија на Босна и Херцеговина. Со договорот на двајцата министри заврши Анексионата криза што се закануваше со светска војна.
1923.- Роден е сингапурскиот државник Ли Куан Ју, татко на независен Сингапур и творец на сјајниот стопански „бум“ на земјата во југоисточна Азија. Беше премиер од 1959 до 1990 година. Сингапур под негово авторитарно водство успеа од најсиромашна британска колонија на крајниот југ на Малајскиот Полуостров да стане просперитетна индустриска и трговска метропола.
1924.- Родена е американската филмска глумица Бети Перск, позната како Лорин Бекол, сопруга на Хемфри Богарт со кого во филмовите играше улоги на самоуверени агресивни жени.
1931.- Италијанските колонијални сили го заробија и го погубија либискиот национален водач Омар Муктар.
1941.- Хитлер му нареди на заповедникот на германските вооружени сили за југоисток да го задуши востаничкото движење на Балканот. Според Хитлеровата наредба со крајна суровост мораше да се оневозможат партизаните и за убиство на германски војник смртно да се казнат 50 до 100 заложници.
1941.- По влезот на советските и британските трупи во Иран во Втората светска војна, прогерманскиот монарх Реза шах абдицираше во корист на Мохамед Резе Пахлави.
1944.- Во Холандија сојузниците ја започнаа воздушната десантска акција поради обиколка на Зигфриновата линија.
1945.- Остатокот од јапонската армија во Хонгконг им се предаде на британските сили на крајот на Втората светска војна.
1959.- Францускиот претседател Шарл де Гол преку радио на алжирскиот народ му го призна правото на самоопределување.
1963.- Малаја, Северн Борнео, Саравак и Сингапур ја основаа малезанската федерација.
1967.- Генералниот секретар на Обединетите нации У Танд ги повика САД да не го бомбардираат Северен Виетнам, но Вашингтон го игнорираше повикот.
1975.- Јужнопацифичката држава Папуа Нова Гвинеја се стекна со целосна независност од Австралија.
1977.- Во Париз умре Марија Калас, сопран, американска оперска пејачка од грчко потекло. Големиот гласовен распон и сугестивната глума придонесоа за нејзина светска слава. Родена е во Њујорк, на 4 декември 1923 година.
1978.- Во земјотрес во иранскиот град Табас и во околните села загинаа најмалку 25.000 лица.
1980.- На Хвар умре Драган Ташковски, истакнат македонски историчар, публицист и општествено-политички работник. Роден е во Скопје, на 10 септември 1917 година.
1989.- Умре Роберт Пен Ворен, американски писател, трикратен добитник на Пулицеровата награда (најголемо признание за новинарство, белетристика и поезија). Со светска слава се здоби со романот „Сите луѓе на кралот“ за кој му беше доделена Пулицеровата награда во 1947 година. Роден е во 1905 година.
1996.- Романија и Унгарија потпишаа договор за окончување на сите спорови меѓу двете соседни земји со што на Букурешт и на Будимпешта им го олесни влезот во ЕУ и НАТО.
1996.- Градот Велес од овој датум е без додавката „Титов“. Името Титов Велес го носеше од 11 октомври 1946 година.
1998.- Басиската терористичка организација ЕТА соопшти дека на 18 септември стапува на сила целосното примирје по три децении борби за отцепување на Баскија - откажување на сите акции против шпанските власти.
2001.- Иран соопшти дека градоначалникот на Техеран Мортез Алвири му изразил сочувство на њујоршкиот колега Рудолф Гиулијани по повод терористичките напади на исламистите на 11 септември. Тоа беше прва официјална јавна комуникација помеѓу Иран и САД од исламската револуција во Иран во 1979 година.
2007.- Во несреќата на тајландскиот патнички авион на островот Пукет од вкупно 130 патници загинаа 90. Авионот леташе од Банкок кон Пукет со 125 патници и пет членови на екипажот.
2007.- Умре Емилио Руис де Рио, шпански синеист, стручњак за визуелни специјални филмски ефекти. Учествуваше во снимање филмови како што се „Доктор Живаго“, „Лоренс од Арабија“ и „Дина“. Во текот на 60-годишната кариера работеше на снимање на повеќе од 450 филмови во Европа и САД. Соработуваше со многу славни режисери, како што се Орсон Велс, Стенли Кјубик и Џорџ Цукор.
2013.- Во 92-тата година од животот ненадејно почина проф. д-р Саве Миронски, еден од основоположниците на Медицинскиот факултет во Скопје, поранешен декан и основоположник и директор на Инфективната клиника. Проф. Миронски беше ценет како исклучителен познавач на медицината и врвен стручњак по интерна и инфективна медицина во балканскиот регион. Студираше медицина во Софија во 1942 година, за да се врати во Скопје и дипломира на Медицинскиот факултет во Белград. Миронски беше еден од основачите на Катедрата по интерна и инфективна медицина, откако работеше како еден од првите шефови на Катедрата по ендокринологија. На местото директор на Клиниката за инфектологија исклучително успешно остана 26 години, се до неговото пензионирање во 1986-та.
2019.- На 70-годишна возраст во Скопје по кусо и тешко боледување почина универзитетскиот професор по комуникологија, новинарство и односи со јавноста Томе Груевски. Професорот Груевски е прв доктор по комуникологија во земјава и основоположник на студиите по односи со јавноста. Груевски дипломирал на Филолошкиот факултет (1972); магистрирал на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања (1989) и докторирал на Правниот факултет (1995) во Скопје. Во времето на студиите бил соработник, уредник и главен уредник на в. „Студентски збор“, а подоцна и директор на НИП „Студентски збор”. Покрај книгата „Комуникологија на жанрот“ ги има издадено и книгите: „Современиот печат во Македонија“, „Печатарството и издаваштвото во Битола“, „Историја на новинарство“, „Комуникологија“, „Култура на говорот“, „Односи со јавноста“, и многу други книги кои имаат особен акцент кон комуниколошките појави. Груевски е роден во Смилево, Битолско, 1949 година.
###