• сабота, 21 декември 2024
На денешен ден
24 мај 2021 (МИА)   - Ден на солунските браќа Кирил и Методиј. Православната црква во 11. век, во чест на солунските браќа Кирил и Методиј одлучила 24 Мај да се прославува, како Ден на солунските браќа Кирил и Методиј, сесловенски просветители. Македонија со посебен пиетет го празнува овој ден, во знак на признание за се она што го направиле солунските браќа за самобитниот развиток на македонската култура. 1543.- Во Фромборг, во Полска, умрел Никола Коперник, полски астроном. Тој докажал дека Земјата се врти околу Сонцето, а не Сонцето околу Земјата, како што се сметало дотогаш. Роден бил во Товин, на 19 февруари 1473 година. 1544.- Роден е Вилијам Гилберт, англиски лекар и физичар. Најмногу се занимавал со испитување на магнетизмот и електрицитетот. Вовел повеќе поими и изрази за електричните и за магнетните големини и со право се нарекува „татко на електрицитетот“. Умрел во 1603 година. 1868.- Роден е германскиот физичар Габриел Даниел Фаренхајт, кој во 1726 година го направил првиот термометар со жива. Тој ја создал и скалата (Фаренхајтова) за мерење температура од 180 степени, според која точката на замрзнување е 32 степени, а не нула како кај Целзиусовата скала. Фаренхајтовата скала се употребува во САД, а порано и во Велика Британија. 1743.- Роден е францускиот лекар и новинар Жан Пол Маро, еден од водачите на Француската револуција. Во весникот „Пријател на народот“, кој тој го покренал, ги застапувал интересите на градската сиромаштија и на селаните, а беспоштедно ја напаѓал аристократијата. Дело: „Филозофски есеј за човекот“. 1819.- Родена е британската принцеза Александрина Викторија, која како кралицата Викторија Прва била на престолот од 1837 до 1901 година. Во текот на нејзиното владеење во Велика Британија била изведена индустриската револуција, капиталистичкото стопанство нагло се развило, а британското колонијално царство било раширено по цела планета. Кога умрела, една третина од површината на планетата се наоѓала, во оваа или онаа форма, под британски суверенитет. Во историјата периодот на нејзиното владеење е период на најголемата моќ и углед на Англија и најчесто овој период се нарекува „викторијанска епоха“. 1844.- Предадена била во употреба првата телеграфска линија меѓу Вашингтон и Балтимор во САД. 1905.- Роден е Михаил Шолохов, еден од најголемите руски прозаисти. Со светска слава се здобил со своето ремек-дело, романот „Тихиот Дон“. Други негови познати дела се „Разорана ледина“, „Наука на омразата“ и „Човековата судбина“. Умрел во Станица Вешенскаја, во Ростовската област на Дон, на 21 февруари 1984 година. 1928.- Професорот на Лондонскиот универзитет Александар Флеминг (1881-1955) го пронашол пеницилинот, прв антибиотик, ефикасен лек против многу болести. 1940.- Во Санкт Петербург е роден Јосиф Александрович Бродски, руски поет. Познати му се стихозбирките „Постојка во пустина“, „Крај на прекрасната епоха“, „Дел од говорот“ и „Уранија“, есеите „Помалку од едно“ и други дела. Во 1987 година ја добил Нобеловата награда за литература за литературното творештво од исклучителни размери, проткаено со длабока интелектуалност и поетичност, а во 1991 година станал добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата. Умрел во Њујорк, на 28 јануари 1996 година. 1941.- Роден е американскиот пејач и композитор Роберт Цимерман, познат како Боб Дилан, еден од најпопуларните музичари во 20. век. На концертите ширум светот демонстрираше музичка универзалност, свирејќи на усна хармоника, гитара и клавир. Во 2016 година стана и носител на Нобеловата награда за литература со образложението: „за создавање нови поетски изразувања во големата американска традиција на песни”. 1954.- Во Скопје, на сцената на скопската опера била изведена првата македонска национална опера „Гоце“, од македонскиот композитор Кирил Македонски, според текст на основоположникот на македонската литература Венко Марковски. 1964.- 318 лица загинале, а 500 биле повредени за време на немирите на Националниот стадион во Лима, откако репрезентацијата на Аргентина го победила Перу во квалификациите за Олимписките игри. До нередите дошло кога судијата му поништи гол на Перу во последните моменти од мечот. 1974.- Умрел Едвард Кенеди „Дјук“ Елингтон, од афроамериканско потекло, пијанист, композитор и шеф на оркестар, еден од најзначајните џез-музичари. Оркестарот кој го основал во 1926 година станал пример за оркестрите на џез-музиката ширум светот. Напишал околу 2.000 композиции. 1981.- Како жртва на тероризмот, претседателот на Еквадор - Хаиме Ролдос Агилера со уште седум луѓе загинал во авионската несреќа над Андите, недалеку од перуанската граница. 1994.- Во стампедо на муслиманските аџии во Мека, во Саудиска Арабија загинале 270 лица. 1995.- Умрел англискиот државник и публицист Џејмс Харолд Вилсон, водач на Лабуристичката партија, премиер на Велика Британија од 1964 до 1970 и од 1974 до 1976 година. Дела: „Нов договор за јаглен“, „Војна против светската сиромаштија“. 1995.- Министерството за надворешни работи на Романија соопштило дека Грција, Бугарија, Молдавија, Романија и Украина, во согласност со членот 50 од Повелбата на Обединетите нации, до Советот за безбедност упатиле барање за итно обесштетување на штетите што ги трпат од санкциите против Сојузна Република Југославија. 1996.- Во Штип бил поставен камен-темелникот на црквата „Свети Кирил и Методиј“. 2000.- Апелациониот суд во Сантјаго му го одзел имунитетот на Аугусто Пиноче, со што била отстранета пречката за подигање обвинение против поранешниот чилеански диктатор заради кршење на човечките права. 2007.- Во експлозија на метан во рудникот за јаглен „Јубилејнаја“ во Кемеровската област, во западен Сибир, загинаа 38 рудари. Експлозијата се случила на 520 метри длабочина, кога под земјата се наоѓале 217 рудари. 2007.- Умрел пијанистот Бен Вајсман кој напишал или бил коавтор на околу 60 песни на Елвис Присли. „Лудиот професор“, како што го нарекувал Присли, компонирал музика и за филмовите во кои играл „кралот на рокенролот“ како што се "Jailhouse Rock", "Gl Blues" и "Blue Hawaii". Пишувал и за многу други ѕвезди како што се Барбара Стрејсенд, Џони Матис и Боб Виј.   ###

Остани поврзан