• понеделник, 25 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
19 септември 2022 (МИА) 1356.- Англиската армија предводена од Црниот Принц, син на кралот Едвард III, ја порази француската војска на кралот Жан II во битката кај Поатје со што заврши првата фаза од Стогодишната војна меѓу Англија и Франција. Истиот ден во 1370 година Црниот Принц го зазеде и опустоши градот Лимож. 1551.- Роден е францускиот крал Анри III, последниот монарх од династијата Валоa. 1802.- Роден е унгарскиот револуционер Лајош Кошут, водач на Унгарската револуција во 1848 година, беше противник на феудално-апсолутистичкиот режим на Хабзбуршката монархија. На 2 мај 1849 година беше избран за прв премиер на слободна Унгарија. 1833.- Црногорскиот владика Петар II Петровиќ Његош доби руски пасош. 1881.- Претседателот на САД, Џејмс Ејбрам Гарфилд умре од повредите здобиени во атентатот во Вашингтон на 2 јули 1881 година. Гарфилд, кој беше противник на црнечкото ропство, стана шеф на државата на 4 март 1881 година. 1888.- Во белгиската бања Спа се одржа првиот натпревар за избор на убавица во светот. Првата најубава жена на светот беше 18-годишната Креолка од Гваделупе Берта Сукаре. 1893.- Нов Зеланд стана првата земја во која сите жени добија право на глас. 1911.- Во Сент Колам Мејџор, Корнвол, е роден Вилијам Голдинг англиски писател. Во 1983 година ја доби Нобеловата награда за литература. Негови познати дела се „Спирала“, „Пирамида“, „Видлива темнина“, „Господар на мувите“ и други. Умре во Волмаут, на 19 јуни 1993 година. 1914.- Во Софија е убиен Стефан Јакимов Дедов, македонски деец, основач на македонскиот читателски клуб  во Белград, во чии рамки го издаваше весникот „Балкански гласник“. Дедов во Софија работеше  на весниците „Балкан“ и „Курир“, беше член на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург и коавтор, заедно со Мишајков на Меморандумот на руската влада, прва македонска националноослободителна програма. Роден е во Охрид, на 28 октомври 1869 година. 1922.- Роден е чешкиот атлетичар Емил Затопек, кој на Олимписките игри во Лондон во 1948 година освои златен медал во трката на 10.000 метри, а на Игрите во 1952 година во Хелсинки на 5.000, 10.000 и во маратон. Собори 18 светски рекорди и победи во 69 трки по ред од 1949 до 1951 година. 1928.- Прикажан е првиот анимиран цртан филм „Парабродот Вили“ во кој се појавува Мики Маус. Проекцијата беше во њујоршкото кино „Колони театар“. 1933.- Во Неготино е роден Ацо Ѓорчев, познат македонски актер. Своите најзначајни остварувања ги оствари на сцената на Драмскиот театар во Скопје. Умре во Скопје, на 26 јули 1993 година. 1935.- Умре рускиот физичар Константин Едуардович Циолковски, татко на астронауката. Уште во 1883 година ги изложи идеите за користење на реактивниот погон кај ракетите, а во 1903 година го објави првото класично дело за теоријата на астронаутика. Советската академија на науките ја востанови наградата „Златна медала Циолковски“ за исклучителен придонес во астронаутиката и во истражувањето на вселената. 1941.- Германските трупи го окупираа Киев во Втората светска војна по битката која траеше 45 дена. 1942.- Во околината на Прилеп, по тешка тортура од страна на бугарската полиција, убиен е со фрлање во варџилница Рампо Левков - Левката, народен херој на Југославија, од Македонија. Роден е во Прилеп, на 9 јануари 1909 година. 1942.- Кај селото Дабница, во месноста Дабнички Завој, Прилеп, бугарскиот окупатор на подмолен начин масакрира 18 македонски патриоти. Единствено успеаја да се спасат Петко Велкоски и Тоде Ристески - Келешот. Се случи да има живи сведоци меѓу масакрираните, за да раскажуваат за овој крвав настан, наречен „Дабничко клање“. 1944.- Селото Беличица, Гостиварско, беше опколено од околу 300 добро вооружени балисти во моментот кога во него престојуваа 35 борци на Третиот партизански одред, вооружени само со два пушкомитралеза и со неколку пушки. Во нерамноправната борба животот го загубија 21 партизан, меѓу кои и Тодор Циповски - Мерџан, народен херој на Југославија, од Македонија (роден е во селото Беличица, во 1920 година) и Ѓоце Стојчевски - Амбарче, народен херој на Југославија, од Македонија (роден е во селото Беличица, во 1919 година). Притоа балистите го запалија селото, а во огнената стихија беа фрлени и изгореа 17 жители од селото. 1949.- Со решение на Комитетот за туризам и угостителство на Владата на НР Македонија е формирано Државното средно угостителско-туристичко училиште „Лазар Танев“ во Скопје. 1955.- Во Аргентина војската го собори претседателот Хуан Перон, кој со одвојувањето на црквата од државата предизвика бес кај римокатоличката црква. До 1973 година Перон живееше во бегство, но по враќањето повторно беше избран за претседател. На чело на државата беше се до неговата смрт во 1974 година. 1957.- Американците во Невада ги почнаа првите подземни нуклеарни проби. 1961.- Граѓаните на Јамајка на референдум изгласаа одвојување на државата  од Западноиндиската Федерација. 1973.- Во Кина официјално е објавено дека во оваа земја живеат 700 милиони жители. 1974.- Од орканот „Фифи“ во Централна Америка (Хондурас, Салвадор, Гватемала) загинаа 20.000 луѓе, а без покрив останаа над 200.000 луѓе. 1985.- Катастрофален земјотрес со јачина од 8,1 степени според Рихтеровата скала го погоди Мексико. Во него загинаа околу 10.000 луѓе, а материјалната штета е проценета на околу шест милиони долари. Во главниот град загинаа 12.000 луѓе. 1985.- Во Сиена, во Италија умре Итало Калвини, еден од најпознатите италијански писатели. Негови најпознати романи се „Превоениот виконт“, „Облаци од смог“, „Невидливи градови“ и други есеи и збирки поезија. Роден е во 1923 година. 1988.- Експлозијата на авионот ДЦ-10 на француската компанија УТА од вкупно 171 патник и членови на екипажот никој не ја преживеа. Несреќата се случи над Нигер, кога авионот леташе од Бразил за Париз. За експлозијата подоцна беше обвинета Либија. 1992.- Во селото Стајковци, Скопско, е поставен и осветен камен-темелник на новата црква „Свети Кирил и Методиј“. 1992.- Советот за безбедност на Обединетите нации ја усвои резолуцијата со која ја исклучи Југославија од работата на Генералното собрание и го оспори нејзиното прво во ОН да ја наследи СФРЈ. На југословенската мисија и дозволија нејзините контакти во Њујорк да ги остварува со други органи во ОН. 1994.- Владата на Република Македонија донесе одлука за пристапување на Република Македонија кон Општата спогодба за царини и трговија (ГАТТ). 1994.- Илјада американски војници беа префрлени на Хаити во операцијата која Вашингтон ја нарече „повторно воспоставување на демократијата“ во карипската островска земја. 1996.- Република Македонија пристапи кон трите конвенции на Меѓународната агенција за атомска енергија. 1999.- Меѓународните мировни сили навлегоа во Источен Тимор. 1999.- Во Скопје умре Петар Пепељугоски, генерал, учесник во НОВ на Македонија, а по војната висок воен раководител. Роден е во Прилеп, на 12 октомври 1924 година. 2002.- Во центарот на Тел Авив загинаа пет луѓе кога бомбаш-самоубиец активира експлозив во автобус. Тогаш израелската влада одлучи да го изолира Јасер Арафат при што со тенкови го опколи седиштето во Рамал на Западниот Брег. 2003.- Претседателите на Русија, Белорусија, Украина и на Казакстан на Јалта го потпишаа договорот за формирање заеднички економски простор. 2005.- Во Париз умре Жак Лакариер, еден од најголемите современи француски писатели. Тој е познат афирматор на македонската култура, а неговите написи посветени на македонското сликарство, литература и театар беа објавувани во угледните француски списанија. 2006.- Извршен е државен удар во Тајланд. Војската со пуч ја симна владата на Таксин Шинаватра и воспостави привремена влада, лојална на круната. Официјалниот портпарол објасни дека воениот удар е неопходен бидејќи владата на милијардерот Таксин Шинаватра ја доведе земјата во сериозна криза. 2020.- Умре Атанас Филиповски, истакнат спортски работник и пријател на каратето, кој со години извршуваше значајни функции во Карате федерацијата на Македонија. Роден е во с. Сулдурци, Радовишко, на 22-ри септември 1946 година. Познат во својата професија како градежен инженер, редовен професор на Градежниот факултет во Скопје  од 1996 година по предмети од областа на металните конструкции и испитувањето на конструкциите. Проф. д-р Атанас Филиповски магистрирал на ИЗИИС во 1978, а докторирал на Градежниот факултет во Скопје во 1988 година. Има објавено учебници по метални, челични конструкции за Градежниот и Архитектонскиот факултет, единствени во земјава, кои се користат и од специјалистите во практиката. Во КФМ беше истакнат функционер цела деценија. 2021.- На 81-годишна возраст во Битола почина доајенот на битолското новинарство Никола Талевски. Никола Талевски најголем дел од новинарскиот живот го помина како дописник на Македонската телевизија, а имаше свои јавувања и во Македонското радио. Работеше и во Радио Битола, а по пензионирањето не го напушти новинарството и го основа „Инфо магазин“. Никола Талевски пишуваше и хумористични и сатирични текстови во весникот „Остен“, а повозрасните битолчани го паметат и по радио ликот Ристо Модернисто. Талевски има објавено и неколку книги. ###

Остани поврзан