• недела, 22 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
1 мај 2020 (МИА)  - Денеска е Меѓународен ден на трудот. 1218.- Роден е германскиот цар Рудолф, основач на династијата Хабзбург, кој владеел од 1273 до 1291 година. Во битката на Моравското Поле во 1278 година го победил чешкиот крал Отокар II Пшемисл. 1672.- Роден е англискиот писател и политичар Џозеф Адисон. Повеќето негови моралистичко-рационалистички есеи биле објавувани во весниците „Татлер“ и „Спектатор“. Ја напишал трагедијата „Катон“. 1858.- Се случила битката на Грахово. По победата во 1860 година, меѓународната комисија со поддршка на Франција го определила разграничувањето помеѓу Османлиското царство и Црна Гора. 1873.- Шкотскиот лекар, мисионер и истражувач во Африка Дејвид Ливингстон, кој ги открил Викториините водопади, бил пронајден мртов во местото Читамбо во сегашна Замбија. Прв ја истражувал пустината Калахари, басенот на реката Замбези, езерото Њаса и други африкански езера и изворот на реката Конго. Повеќе од 30 години поминал во Африка. Погребен бил во Вестминстерската катедрала во Лондон. 1886.- Во Чикаго, САД, избувнал штрајк на околу 40.000 работници кои истапиле со барањето за осумчасовен работен ден. На Првиот конгрес на Втората интернационала, што се одржал во Париз, во 1889 година било решено секоја година на 1 мај, во знак на сеќавање на чикашките работници, да се одржуваат масовни демонстрации. Од 1890 година 1 мај се слави не само во знак на борбата за осумчасовен работен ден, туку како манифестација на класната солидарност на работничката класа во целиот свет. 1904.- Умрел чешкиот композитор Антонин Дворжак, еден од творците на чешката национална школа. Бил следбеник на романтичниот неокласицизам на Јоханес Брамс. Дела: оперите „Русалка“, „Јакобин“, „Ѓаволот и Кача“, девет симфонии, вклучувајќи ја и прочуената „Симфонија од Новиот свет“, оркестарската композиција „Словенски игри“, „Концерт за виолончело и оркестар бр. 2 во h-mol“, „Концерт за виолина и оркестар во a-mol“, концерти за клавир и оркестар, камерна музика. 1923.- Роден е американскиот писател Џозеф Хелер. Тој ги напиша романите „Нешто се случило“, „Добар како злато“ и драмата „Бомбардиравме во Њухевн“. 1931.- Официјално бил отворен 102 ката високиот облакодер Емпаер стејт билдинг во Њујорк, во тоа време највисока зграда во светот. 1944.- Во злогласниот затвор "Хајдари" во непосредна близина на Атина, германските фашисти стрелале 200 истакнати македонски и грчки комунисти, меѓу кои и Трифун Хаџијанев, македонски револуционер и борец за остварување на национална и социјална слобода на македонскиот народ. Хаџијанев бил роден во Воден, Егејска Македонија, во 1890 година. 1945.- Во бункер во Берлин самоубиство извршил шефот на германската пропаганда во Втората светска војна, Јозеф Гебелс. 1955.- Роден е г.г. Стефан, поглавар на МПЦ-ОА. Неговата полна титула е Архиепископ Охридски и Македонски и Митрополит Скопски. Тој е роден како Стојан Вељановски во с. Добрушево, Битолско. Во 1969 г. се запишал на Македонска православна богословија „Св. Климент Охридски“ во Скопје и завршил во 1974 година. Истата година се запишал на Теолошкиот факултет во Белград каде дипломирал во 1979 година. По неговото враќање Синодот на МПЦ го назначил за учител во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“. Во 1980 година се запишал на постдипломски студии во Институтот „Св. Никола“ во Бари. Во 1982 година дипломирал на институтот. Тој се замонашил во манастирот „Св. Наум“ во Охрид на 3 јули 1986-та, на 12 јули бил именуван Митрополит Струмички, а кратко по тоа именуван за поглавар на Брегалничката епархија. Во наредните години работел како декан на Богословскиот факултет во Скопје, портпарол на Светиот архиерејски синод, како главен уредник на црковниот весник „Црковен Живот“ и главен секретар на Архиепископот Охридски и Македонски. Во Охрид од 9-10 октомври 1999 година на Црковното национално собрание (составено од духовни и световни членови) бил избран за поглавар на Македонската православна црква. 1960.- Длабоко над советската територија бил соборен американскиот шпионски авион „U-2“. Пилотот Френсис Пауерс, кој скокајќи од авионот се спасил, бил заробен во февруари 1962 година, а бил разменет за еден советски шпион. 1978.- Јапонскиот истражувач Наоми Уемура станал првиот човек кој успеал сам да допре до Северниот пол. 1991.- Во Македонската радио телевизија почнало емитувањето на Музичкото радио - Канал 103. Тоа е првата и единствена алтернативна и некомерцијална медиумска појава во македонскиот етер. Многу македонски групи и артисти, своите почетоци во медиумската промоција ги имаа токму на Канал 103, а и своите први живи настапи ги имаа на некои од многуте концертни активности, што ова радио ги има организирано. 1993.- Умрел поранешниот француски претседател на влада, социјалистот Пјер Береговој, кој претходно пукал во себе. 1994.- Во Имола, во Италија, умрел Аиртон Сена, еден од најпознатите возачи на автомобилското натпреварување во категоријата на „Формула 1“. Роден е во Сао Паоло, на 21 март 1960 година. 2002.- Во Холандија стапил на сила законот за евтаназија, една година откако Парламентот изгласал одлука со која таа земја станала прва во светот во која било дозволено убиство од милосрдие. 2004.- Во Даблин, Ирска, членки на Европската унија станале Чешка, Естонија, Кипар, Летонија, Литванија, Словачка, Словенија, Унгарија, Малта и Полска. 2005.- Во напад на бомбаш-самоубиец на погребна поворка во градот Тал Афар, во северен Ирак, загинале најмалку 25 луѓе, а 30 биле повредени. 2011.- Покојниот папа Јован Павле Втори официјално бил прогласен за блажен на церемонија на плоштадот Свети Петар во присуство на стотици илјади верници. Папата Бенедикт Шеснаесетти го прогласил својот претходник за блажен - последно ниво пред да биде прогласен за светец на Римокатоличката црква и додаде дека негов празничен ден ќе биде 22 октомври, ден кога е инаугуриран неговиот понтификат во 1978 година. Меѓу присутните на плоштадот била и сестра Мари Симон-Пјер Норман, Французинка која боледувала од Паркинсонова болест, а која без објаснување била излечена, како што вели, благодарение на молитвите на Јован Павле до Бога да изведе чудо. Беатификацијата била можна благодарение на тоа излекување на француската милосрдна сестра, а доколку се докаже дека направил уште едно спасување, ќе биде прогласен за светец. 2011.- Либискиот лидер Моамер Гадафи преживеал воздушен напад на НАТО во кој загинале неговиот најмлад син Сариф ал-Араб и три внуци. Во куќата во време на нападот биле Гадафи и неговата сопруга, но тие не биле повредени. Објектот се наоѓал во луксузниот кварт Баб ал-Азизи. Синот на Гадафи бил цивилно лице и студент во Германија. 2012.-  Во тренинг центарот во Аризона, умрел Александер Дале Оен, светскиот шампион во пливање од Норвешка. Тој во јули 2011 година го освоил златниот медал на Светското првенство во Шангај, а сребрен во 2008 година на Олимписките игри во Пекинг. Дале Оен се подготвувал за претстојните ОИ во Лондон, на кои требало да биде еден од адутите на Норвешка за освојување медал. 2015.- На 93-годишна возраст во Битола, почина доајенот на битолското и македонското новинарство Димитар Димитровски - Такец. Новинарот, поет и писател познат во јавноста како Такецот, најголем дел од кариерата ја минал во „Нова Македонија“, „Битолски весник“ и Радио Битола. Неговото последно авторско дело било посветено на битолски Широк Сокак, а својот потпис го ставил и на бројни публикации. 2018.- Во Тетово почина Бранка Ѓорческа, носител на Партизанска споменица од 1941. Била учесник во Народно-ослободителната борба од 1941 година, припадник на Кумановскиот одред во 1943 година. Како истакнат борец и храбра жена била избрана за секретар на Третиот баталјон на СКОЈ во Третата народноослободителна бригада, секретар на бригадниот комитет на СКОЈ во четвртата бригада, секретар на дивизискиот комитет на СКОЈ во 50-та и 51-та дивизија. По ослободувањето станува член на Огласниот комитет во Штип, член на Окружниот комитет на СКОЈ во Скопје, командант на младинската бригада на изградбата на пругата Брчко Бановиќ и организациски секретар на Градскиот комитет на КПЈ во Тетово. Како храбар и истакнат борец во Мајската офанзива Ѓорческа била ранета. Иако воен инвалид, учествувала во изградбата на Македонија, заземајќи разни должности. Одликувана е со Орден за храброст, Орден за братство и единство, Орден на Републиката со бронзен венец, Орден на трудот со црвено знаме, Орден заслуги за народ со сребрена ѕвезда. Бранка Ѓорческа е родена во Штип во 1924 година. ###

Остани поврзан