20 ноември 2022 (МИА)
1602.- Роден е германскиот физичар и пронаоѓач Ото фон Герике. Тој прв го демонстрирал вакуумот и го прикажал прочуениот експеримент за воздушниот притисок. Ото фон Герике ги изумил и воздушната пумпа, воздушната вага и барометар.
1759.- Британската флота ја поразила француската флота во заливот Киберон во текот на седумгодишната војна. По овој пораз Франција го изгубила преостанатиот дел од Канада и морала да се повлече од Индија во корист на Британија.
1780.- Велика Британија и објавила војна на Холандија бидејќи на американските бунтовници во бродовите им дотурала француско и шпанско оружје.
1818.- Латиноамериканскиот револуционер и државник Симон Боливар ја објавил независноста на Венецуела од Шпанија.
1858.- Во Морбака, област Вермланд, е родена Селма Отилија Ловиса Лагерлеф, шведска писателка, прва жена добитник на Нобеловата награда за литература во 1909 година. Умрела во Морбака, на 16 март 1940 година.
1870.- Германските сили го опколиле Париз за време на Француско-пруската војна, во која Франција претрпела низа порази.
1873.- Се соединиле соперничките градови Будим, на десниот брег на реката Дунав и Пешта, на левиот, па така бил создаден единствениот град Будимпешта, денес главен град на Република Унгарија и еден од најубавите градови во средна Европа.
1903.- Во Честахов, Полска, е родена д-р Елена Етингер Каваева, еден од основположниците на медицинската заштита на охридско-струшкиот крај и во Македонија, активен учесник во Октомвриската револуција во Русија, личен пријател на Ленин и помагач на НОВ. Заедно со својот сопруг д-р Владимир Каваев влегла во енциклопедијата на медицинските науки. Умрела во Охрид, на 2 февруари 1983 година.
1906.- Во Велес е роден Живко Фирфов, македонски етномузиколог, композитор, музиколог, диригент и музички деец. Музичка школа завршил во Белград во 1931 година. Во 1939 година ја објавил својата прва етномузиколошка студија во списанието "Музика", за интерпретацијата на македонската народна песна и за мелогравската постапка при нејзиното собирање. Особено бил ангажиран во создавањето на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија "Танец". Умрел во Скопје на 21 јули 1984 година.
1910.- Умрел рускиот писател Лав Николајевич Толстој, еден од најголемите книжевници во историјата. Првото дело го напишал на Кавказ, каде како доброволец се борел против Турците. По Кримската војна, во која бил офицер, се повлекол на семејниот имот во Јасна Пољана. Дела: „Војна и мир“, „Ана Каренина“, „Козаци“, „Кројцерова соната“, „Хаџи Мурат“, „Народни приказни“, „Царството на темницата“, „Мојата исповед“, „Не можам да молчам“ и други.
1916.- Во Дебар е роден Васил Куноски, македонски писател. Неговото поетско дело за деца е мошне обемно. Првата негова објавена книга (во 1950 г.) е поемата „Волшебното ливче“, а последната е публикувана во 1984 година со наслов „Оро весело“ (поезија за предучилишна возраст). Умрел во Скопје, на 13 јуни 1993 година.
1925.- Роден е американскиот политичар Роберт Френсис Кенеди, кој станал министер за прада кога неговиот брат Џон бил избран за претседател на САД. Бил убиен во Лос Анѓелес во 1968 година во текот на претседателската кампања, по неполни пет години од атентатот во кој бил убиен неговиот брат. Од 1951 работел во криминалистичкиот уред на Министерството за правда, а во 1954 година станал член на Постојаниот сенаторски истражен поткомитет. Од 1961 до 1964 година бил министер за правда, по што во државата Њујорк бил избран за сенатор.
1925.- Родена е руската балерина Маја Михајловна Плисецкаја, која ја споила традиционалната руска кореографска школа со модерните текови на рускиот балет. Како долгогодишна примабалерина во театарот „Болшој“ во Москва, креирала исклучително сензибилни партии на класичниот репертоар како што се „Дон Кихот“, „Лебедовата смрт“, „Лебедово езеро“, „Ромео и Јулија“, „Иван Грозни“, а со сопругот композиторот Родион Шчедрин, ја поставила балетската верзија на „Ана Каренина“ на Толстој.
1945.- Пред Меѓународниот суд во Нирнберг започнало судењето на нацистичките воени злосторници. Одговарале 24 германски воени злосторници, од кои 12 биле осудени на смрт со бесење, тројца биле ослободени, еден извршил самоубиство во затворот, а на другите им биле изречени времени казни. Процесот е значаен како прв во историјата во кој агресијата е осудена како злосторство против човештвото, а виновниците казнети.
1945.- Контролната комисија на сојузничките сили дозволила преселување на шест милиони Германци од Полска, Чехословачка и Унгарија во Западна Германија.
1952.- Во Неапол умрел Бенедикт Кроче, италијански филозоф, историчар, литературен критичар и државник. Се обидел да го ревидира марксизмот и отворено истапувал против него, а бил и противник на фашизмот. Најпознати негови дела се „Филозофијата како наука“; „Филозофијата на практиката, економијата и етиката“ и „Историјата како приказна за слободата“. Роден бил во Пескасерол, на 25 февруари 1866 година.
1959.- Генералното собрание на Обединетите нации ја усвоило Декларацијата за правата на детето, документ со кој биле утврдени не само принципите за заштита на децата во светот, туку била основана и помош за милиони деца. Со текот на годините со финансиска помош од Детскиот фонд биле опремени многу здравствени центри во светот.
1959.- Велика Британија, Норвешка, Шведска, Данска, Австрија, Португалија и Швајцарија во Стокхлом потпишале Конвенција за формирање Европско здружение за слободна трговија (ЕФТА).
1962.- Претседателот на САД Џон Кенеди ја укинал американската воено-поморска блокада врз Куба, со што била завршена Кубанската ракетна криза. Во текот на Кубанската ракетна криза, светот се нашол на работ на атомски судир помеѓу САД и Советскиот Сојуз.
1970.- Излегол првиот број на "Екран", како неделен колорен прилог на весникот "Нова Македонија" за ТВ, филм, радио и естрада. Од бр. 226 од 14 март 1975 година излегувал одделно од "Нова Македонија" како ревија за РТВ, филм, сценски уметности и естрада.
1975.- Умрел Франциско Франко, долгогодишен диктатор во Шпанија. Роден бил во офицерско семејство и успешно ја продолжил семејната традиција. Се покажал како ретко вешт офицер во текот на војната во Мароко. Во 1926 година станал генерал, најмлад во историјата на Шпанија. Бил изразито монархистички и католички ориентиран. Кога била воведена републиканската влада со прокомунистичка ориентација тој покренал вооружена буна со цел обнова на монархијата. По тригодишната граѓанска војна во 1939 година го скршил отпорот на демократски избраниот републикански поредок и воспоставил режим кој траел се до неговата смрт во 1975 година.
1980.- Во Кина почнало судењето на „четиричлената банда“ која ја предводела Дјанг Чинг, водовицата на претседателот, обвинета за предавство и злосторство во текот на Културната револуција од 1966 до 1976 година.
1981.- Рускиот велемајстор Анатолиј Карпов ја задржал титулата светски првак во шах, со победата во мечот во Италија со неговиот поранешен сонародник велемајсторот Виктор Корчној.
1991.- Во Скопје, во Собранието на Република Македонија, свечено бил прогласен Уставот на Република Македонија, усвоен на 17 ноември 1991 година.
1992.- Во кралскиот дворец во пожар за малку целосно ќе изгорел Виндзорскиот замок. Палатата во Виндзор е една од најголемите знаменитости во Велика Британија.
1993.- Авионот од типот „јак-42“ на авиокомпанијата „Авиоимпекс“, кој летал на релацијата Женева - Скопје и поради магла на скопскиот аеродром бил пренасочен кон Охрид, се урнал на околу четири километри од пистата, меѓу селата Горно Лакочереј и Оровник. Во несреќата загинале 116 патници и членови на екипажот, а преживеал само еден патник.
1995.- На претседателските избори во Полска кандидатот на левицата Александар Квашњевски го победил долгогодишниот шеф на државата Лех Валенса.
1998.- Во Москва умрел Ристо Бајалски, македонски новинар, соработник во весниците „Нова Македонија“, „Борба“, „Политика“ и други. Тој бил основач и уредник на спортскиот весник „Спортист“ (1955-1958 година) што го издавала НИП „Нова Македонија“. Роден бил во селото Стојаково, Гевгелиско, на 7 април 1926 година.
1999.- Кина го лансирала својот прв вселенски брод без човечки екипаж.
2001.- Умрел Борко Темелкоски - Лилјакот, народен херој на Југославија, од Македонија, општествено-политички работник. Роден бил во Прилеп, на 20 декември 1919 година.
2003.- Во две експлозии кои исламските терористи ги подметнале во центарот на Истанбул, пред британскиот конзулат и претставништвото на британската банка HSBC, загинале 27 луѓе, вклучувајќи го и британскиот конзул. Одговорноста заеднички ја презеле Ал каеда и турската милитантна група „Исламски фронт на борците на Големиот Исток“.
2006.- Умрел американскиот режисер Роберт Алтман, автор на популарните филмови како што се „МASH“, „Нешвил“, „Играч“, „Кратки резови“, „Канзас сити“. Изградил кариера противејќи се на Холивуд и на конвенциите на филмската индустрија. Бил жесток критичар на современото општество. Роберт Алтман бил петпати номиниран за Оскар, а го добил во 2006 година кога му бил врачен за животно дело.
2013.- Шеснаесетгодишната Малала Јусафзај ја доби наградата „Сахаров“ што се доделува за слобода на мислењето. Младата Пакистанка била позната во целиот свет со нејзината борба за образование на девојчињата во нејзината држава каде тоа право било оспорувано со насилство од страна на талибанците. Во обраќањето пред европратениците, Малала жестоко се заложила за правото на образование од кое биле лишени 57 милиони деца во светот. Престижната награда „Сахаров“ им оддава почит на личностите или организациите кои го имаат посветено својот живот на одбраната на човековите права и слободи.
2013.- На 95-годишна возраст починал британскиот биохемичар Фредерик Сангер, единствен научник кој добил две Нобелови награди за хемија. Тој во 1958 година добил Нобелова награда за хемија за објаснувањето на конституциската структура на молекулите на инсулинот преку истражување на секвенци на протеинот. За истражување на структурата на молекулите на ДНК, награден бил со уште една Нобелова награда во 1980 година, заедно со Пол Берг и Волтер Гилберт.
2014.- По кратко боледување починал истакнатиот македонски сликар Милош Коџоман. Неговите дела биле дел од значајни светски и домашни колекции. За неговиот сликарски опус и уметничка дејност биле снимени три филма и тоа „Долап“, „Повик“ и „Бои на времето“. Милош Коџоман бил роден 1952 година во Скопје.
2014.- На 83-годишна возраст починал американскиот филмски и театарски режисер (со германско потекло), Мајк Николс кој добил „Оскар“ во 1967 година за својот филм „Дипломец“, а од главниот актер, тогаш младиот Дастин Хофман, направил светска филмска ѕвезда. Бил уште четири пати номиниран за оваа најпрестижна награда на Американската филмска академија, меѓу кои и за филмот „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ со Елизабет Тејлор и Ричард Бартин во главните улоги. Николс бил еден од дванесеттемина „величествени“ во светот на филмот, театарот и телевизијата кој ги добил сите четири престижни американски награди, „Оскарот“, „Еми“, „Греми“ и „Тони“. Негов последен филм бил „Војната на Чарли Вилсон“ снимен во 2007 година, во кој главните улоги ги имаат Том Хенкс и Џулија Робертс.
2018.- На 78 години почина новинарот Кенан Хасани од Битола. По професија беше учител и новинар, пишуваше за весниците на албански јазик „Коха“, „Фљака“, а работеше и во Радио Скопје во програма на албански јазик. Беше познат новинар чии текстови оставија белег во битолското, а и македонското новинарство. Иако пензиониран, до последно ги следеше настаните во Битола. Беше член на Здружението на новинари на Македонија.
2018.- На 78 години почина новинарот Кенан Хасани од Битола. По професија беше учител и новинар, пишуваше за весниците на албански јазик „Коха“, „Фљака“, а работеше и во Радио Скопје во програма на албански јазик. Беше познат новинар чии текстови оставија белег во битолското, а и македонското новинарство. Иако пензиониран, до последно ги следеше настаните во Битола. Беше член на Здружението на новинари на Македонија.
2019.- По долго и тешко боледување, на 85 години во Скопје почина актерката Таска Балабанова, со чиј глас израснаа многу генерации слушатели на Радио Скопје, денес Македонско радио. Како актерка, кариерата ја започнала во некогашниот Младинско- куклен театар, од кој во 1965 е формиран Драмскиот театар. Балабанова потоа заминала во Радио Скопје, каде до пензионирањето работеше како радио актер и го позајмуваше својот глас во бројни радио драми, во „Веселата емисија“, „Лирското интермецо“, култната серија „Хихирику“. Незаборавна е нејзината интерпретација на ликот Олива во цртаната серија „Попај морнарот“, како и надсинхронизациите во серијата Штрумфови. Играше стамени жени и дами во филмовите и ТВ сериите: „Средба“, „ Едно лето“, Илинден, „Време на летала“, „ Трето доба“, „Мугра“, „ Македонски народни приказни“ и „ Време – живот“.Балабанова објави интерпретации на приказни за деца, а ги снимаше и првите реклами во 1950-те години. Балабанова е родена во Велес.
2020.- На 90-годишна возраст во Белград почина српскиот патријарх Иринеј. Беше избран за патријарх на СПЦ на 22 јануари 2010 година.
###