• недела, 22 декември 2024
На денешен ден
5 мај 2022 (МИА)   1821.- На островот Света Елена умрел Наполеон Бонапарта, француски император и војсководец. Во 1804 година бил крунисан за император. Сакајќи да го освои светот, а претходно покорувајќи ја половина Европа тргнал во напад на Русија во 1812 година, но доживеал пораз. Во април 1814 година бил принуден да абдицира. Во 1815 година одново се обидел да дојде на власт и само по 100 дена престој во Париз, бил интерниран на островот Света Елена. Роден бил во Ајачио, на островот Корзика, на 15 август 1769 година. 1883.- Во Чуруг, Бачка, роден е Петар Коњовиќ, српски композитор, диригент и фолклорист. Познати се неговите опери „Милошевата женидба“, „Кнезот од Зета“ и „Коштана“, која се вбројува во вистинско ремек-дело на српскиот музичко-сценски реализам и на националниот стил. Автор е и на делото „Варијации на македонска тема“, како и на други дела. Умрел во Белград, на 1 октомври 1870 година. 1907.- Во Охрид е роден Петре Пирузе - Мајски, учесник и командант во НОВ на Македонија, член на ГШ на НОВ и ПОМ, член на Президиумот на АСНОМ. По Информбирото во 1948 година бил осуден и испратен на Голи Оток. Умрел во Охрид, на 12 јануари 1980 година. 1948.- Една грчка вооружена терористичка банда го нападнала селото Шестеово, Костурско, ја заклала Тана Георгиева, ѕверски претепала повеќе жени, изврши грабеж, го истерала населението од селото и запалила повеќе куќи. Оттогаш убавото македонско село Шестеово, како и многу други, станало пусто. 1949.- Во Лондон бил основан Советот на Европа. Комитетот на министри на Советот на Европа овој датум во 2000 година го прогласил за Ден на Европа. 1955.- Западните сојузници го обновиле суверенитетот на Западна Германија и ја примиле во НАТО. 1961.- Од лансирната рампа на Кејп Канаверал на Флорида, САД, бил лансиран вселенскиот брод „Меркјури“, првото американско вселенско летало со човечки екипаж со кое управувал Ален Бартлет Шепард. Бродот достигнал височина од 185 километри и после 15 минути се вратил на Земјата. 1978.- Терористичката група „Црвени бригади“ соопштила дека го убила поранешниот премиер на Италија, Алдо Моро. 1984.- Во Лондон умрела Дајана Дорс, британска актерка. Вниманието на филмските критичари, кои и го дале епитетот „британски секс симбол“, го привлекла со улогата во филмот „Крик во ноќта“, снимен во 1938 година. Родена била во Свиндон, на 23 октомври 1931 година. 1990.- Во Бон почнале разговорите на претставници на СССР, САД, Велика Британија, Франција и двете германски држави за обединување на Германија. 1993.- Република Турција и Република Македонија воспоставиле дипломатски односи на ниво на амбасади. За прв амбасадор на Република Турција во Република Македонија бил назначен Суха Нојан. 2011.- Британецот Клод Чаулс, последниот ветеран од 70 милиони луѓе мобилизирани во Првата светска војна, починал во својата 110-та година во Австралија. Чаулс бил роден во Англија во 1901 година, а во 1916 година служел во британската кралска морнарица. По војната се преселил во Австралија каде од 1926 година служел во австралиската морнарица. 2014.- По долго боледување во Скопје починал писателот Науме Радически. Својот работен век го поминал како професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Член бил на ДПМ од 1984 година. Науме Радически како поет, критичар, есеист и научен работник остави забележлива трага во развојните процеси на македонската литература. Објавил повеќе поетски книги, меѓу кои „Постоења и мотиви“, „Светол тажен вик“ и „Преображение човеково“. Автор е и на критичко-есеистичките и научни книги „Релации и континуитет“, „Метаморфоза“ и „Време без збор“. Добитник е на наградата на ДПМ „Димитар Митрев“ за критика и есеистика. Науме Радически бил роден на 18 мај 1953 година во селото Мешеишта, Охридско. 2015.- На 67-годишна возраст починал Љубомир Демирев, еден од доајените на македонското новинарство. Целиот свој работен век го поминал во Македонската радио-телевизија, како новинар и уредник на Информативната програма. Ќе остане запаметен во македонската јавност како известувач и уредник за настаните врзани со процесите на македонската независност. Демирев бил автор и на повеќе документарни филмови.   ###

Остани поврзан