• недела, 22 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
12 јуни 2021 (МИА) 1683.- Турската војска под водство на големиот везир Мустафа, ја почнала блокадата на Виена, главен град на Хабсбуршкото царство. По два месеца турски напади, полскиот генерал Јан Собејски, заедно со силите на Карло Лотарински ги поразил Турците, чии разбиени чети се разбегале на сите страни, оставајќи го на боиштето големиот воен плен. 1691.- Ахмед Втори на турскиот престол го наследил султанот Сулејман Трети. 1759.- Умрел англискиот писател Вилијам Колинс, еден од најзначајните англиски лирски поети во 18 век. Дела: „Вечер“ „Шкотски празноверија“, „Слобода“. 1798.- Француската армија го зазела средоземниот остров Малта. 1812.- Францускиот император, Наполеон Бонапарта, на чело на "големата армада" ја минал реката Њемен и ја започнал офанзивата на Русија. Напаѓачката армија располагала со околу 530.000 луѓе и 1.000 топови. Наполеоновата војска успеала да навлезе во Москва која била напуштена од руските единици. Наместо мир напаѓачите доживеале отпор и зимското невреме сосема ги уништило. 1924.- Роден е американскиот државник Џорџ Херберт Вокер Буш, претседател на САД од 1989 до 1993 година. Во 1991 година ги предводел западните сојузници во борбата против Ирак. Во Втората светска војна се борел на Пацификот како пилот во морнарското воздухопловство, а во 1974 и 1975 година бил амбасадор во Кина, потоа во 1976 година директор на ЦИА, а потпретседател на САД од 1981 година во текот на двата претседателски мандати на Роналд Реган. 1929.- Родена е Анелис Мари Франк, позната како Ана Франк, чиј дневник стана симбол на страдањата на Евреите во текот на Втората светска војна кога германските нацисти плански ги уништуваа припадниците на еврејскиот народ во Германија и во окупираните земји во Европа. Нејзиното семејство по доаѓањето на нацистите на власт во Германија во 1933 година избегало во холандскиот град Амстердам, каде од 1942 година живеело во тајно скривалиште, но Гестапо го открил во 1944 година. Била убиена во март 1945 година во германскиот логор Берген - Белзен, а од нејзиното семејство војната ја преживеал само нејзиниот татко. По Втората светска војна пронајден е и во 1947 година е објавен нејзиниот потресен дневник пишуван во текот на двете години поминати во скривалиштето. 1935.- Умрел Алфред Драјфус, единствениот офицер Евреин во Генералштабот на француската армија. Во времето на антисемитизмот што завладеал во Франција, во 1894 година, како армиски капетан, лажно бил обвинет за шпионска активност во корист на странска сила и бил осуден на доживотна робија и упатен во затворот на Ѓаволскиот Остров. Во бурата на протести што настанале во Франција против ваквото недокажано судење се вклучил и познатиот француски писател Емил Зола. Иако вистинскиот виновник бил откриен, Драјфус повторно бил осуден за виновен, но во 1906 година бил помилуван. Бил учесник во Првата светска војна, а за тоа Франција го наградила со највисокото признание „Легија на честа“. Случајот со Драјфус е познат како „Драјфусова афера“. Роден бил во 1859 година. 1943.- Кај селото Лавци, Битолско, во борба против бугарскиот окупатор се самоубил Тодор Ангелевски, меѓу народот познат како Тошо Даскалот, македонски учител и просветител и еден од првите учесници во НОВ на Македонија. Роден бил во селото Лавци, на 4 јануари 1909 година. 1946.- Во Скопје, во борбата за првата фудбалска шампионска титула во слободна Македонија, се одиграл фудбалскиот натпревар меѓу Македонија и Победа (1:2). Од оваа средба Радио Скопје, односно Коле Чашуле, го извршил првиот фудбалски радиопренос во Македонија. 1964.- Водачот на Африканскиот национален конгрес, Нелсон Мендела и уште седуммина истакнати раководители на ослободителното движење против расистичкиот режим во Јужна Африка биле осудени на доживотна робија во познатиот "Прес Ривони". Мандела бил ослободен во 1990 година, а на 10 мај 1994 година, во Преторија, дал заклетва како прв црнечки претседател на Јужноафриканската Република. 1991.- Борис Елцин бил избран за претседател на Русија. 1993.- Република Македонија станала членка на Меѓународната поштенска заедница. 1997.- Република Македонија и Република Џибути воспоставиле дипломатски односи на амбасадорско ниво. 1997.- Во Париз умрел Булат Окуџава, руски поет, во 1967 година добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата. Роден бил во Москва, на 9 мај 1924 година. 2001.- Владата на Република Македонија донесла одлука за нормализирање на односите со Народна Република Кина. На 18 јуни 2001 година Република Македонија и НР Кина воспоставија дипломатски односи, а истиот ден Република Македонија и Република Кина Тајван ги раскинале дипломатските односи. 2003.- Умрел американскиот филмски актер Грегори Пек. Филмови: „Двобој на сонце“, „Случајот Парадин“, „Џентлменски договор“, „Снеговите на Килеманџаро“, „Празник во Рим“, „Моби Дик“, „Арабеска“ и други. 2007.- Умрел баронот Ги де Ротшилд, француски банкар, еден од најкрупните личности во светските финансии. Баронот Ги Едуар Алфонс Пол де Ротшилд бил роден во Париз во 1909 година, во дворецот на Родшилдови. Во текот на нацистичката окупација за време на Втората светска војна побегнал во САД, а подоцна во Лондон каде му се приклучил на движењето на отпорот на генералот Шарл де Гол. Ротшилд ја водел семејната империја и претседавал со банката „Ротшилд Фрере“ од 1967 до 1979 година. 2008.- Ирските граѓани го отфрлиле, на референдум, Лисабонскиот договор кој предвидува низа реформи во институциите на Европската унија. Против ратификацијата на Лисабонскиот договор се изјасниле 53,4 отсто од гласачите во таа земја. 2013.- Починал најстариот човек на светот, 116-годишниот Јапонец, Џироемон Кимура. На 19 април тој го прославил својот 116-ти роденден и со тоа се запишал во Гинисовата книга на рекорди како највозрасниот човек на светот. Кимура бил роден на 19 април 1897 година и во декември 2012 година бил прогласен за најстариот човек на планетава, откако починала претходната носителка на оваа титула, која била американска државјанка. Јапонецот имал седум деца, 14 внуци, 25 правнуци и 13 праправнуци. ###  

Остани поврзан